Подвигот на Кор од Холандија овој септември со една нога ( бидејќи другата му е ампутирана ) да преплива скоро 27 километри по силно невреме, дожд и грмотевици од хотелот „Макпетрол“ до хотелот „Гранит“ и без да знае до Заливот на коските, па назад без прекин до посакуваната дестинација остана незабележан во јавноста, освен на социјалните мрежи и еве на „Публицитет,мк“
Кој е Кор,авантуристот, како стигнал до Македонија и што го натерало да го преплива езерото,токму на првиот ден од есента, по силно невреме во Охрид?
Репортажата по разговорот со 55 годишниот Кор и неговата сопруга Силвија ја срочи охридскиот туристички водич, писател и наш соработник Јордан Коцевски.
Дали Ви се случува некогаш да слушнете некоја вистинска приказна која ќе Ве заинтересира и истовремено ќе Ве изнервира затоа што немате доволно детали? Така беше и со мене, кога слушнав дека некој гостин од некој хотел успеал да преплива од струшкиот до охридскиот брег на езерото.
Но тоа што ја заскокотка мојата љубопитност беше информацијата дека се работи за човек со една нога, кој пливал во денот со најлоши временски услови, овој септември во Охридското Езеро.Се консултирав со „Публицитет.мк“ и во нивно име тргнав во новинарска потрага по вистината и храбриот пливач. Неколку дена покасно ја имав честа да ја запознаам оваа неверојатна личност.
Замислете, таа сабота, 23 септември, кога се случил несекојдневниот подвиг, јас бев на брод со туристи. И сега се сеќавам на големите бранови и уплашените патници.
Кога судбината ќе си поигра со животот
Kor Схравемаде е Холанѓанец, човек со авантуристички дух кој никогаш не бегал од предизвик. Во таква една авантура со велосипед, како што ми раскажа сериозно ја повредил десната нога. Болката била толку голема што редовно морал да пие апчиња за таа да се смири. Потрагата по лек ги довела во Македонија, кај „баба Шинка“ во некое од гевгелиските села. Бабата му кажала дека таа неговата повреда ќе ја третира како „воздух во сврзните ткива од коските“ и за да го излечи ќе мора да му ги „шини“ сите коски на стапалото. Кор со надеж во успех прифатил и колку и да очекувал третманот да биде болен, ништо не можело да го спреми за вистинскиот чин. Бабата му ги скршила и му ги вратила сите коски од стапалото на старото место и тоа во еден ден, а веќе наредниот ден болката во неговото стапало исчезнала и тој можел да гази. По три дена можел и да се движи. Од тој момент заедно со неговата сопруга Силвија редовно ја посетуваат Македонија, со тоа што минатата година за прв пат дошле на струшкиот брег од Охридското Езеро, а годинава и во Охрид.
Кога ќе тргне на лошо – отворија вратата да помине, вели една македонска поговорка
Иако, третманот во Македонија на Кор му ја намалил болката, во јануари оваа година состојбата пак му се влошила и докторите морале да му ја ампутираат десната нога. Но, Кор не се предал на очајот и не го изгубил спортскиот дух, затоа што уште пред да ја добие вештачката нога, веќе добил специјален велосипед, само за него.
Тоа што поминале само нецели шест месеци откако го продолжил животот без нога, не го спречило да плива во студените води на холандското морско крајбрежје. Вообичаено пливал 4-5 километри на ден.
Оваа рута решил да ја продолжи и по пристигнувањето во хотелот „Гранит“ во Охрид. Првиот ден ја препливал дневната рута и додека одморал на балконот од хотелската соба го забележал „големиот бел хотел“ на спротивната страна. Заедно со сопругата процениле дека е околу 15 километри,оддалечен од хотелот „Гранит“ а тоа им го потврдил и келнерот во хотелот, како и Google maps.
И покрај тоа што Кор од неодамна почнал да плива без една нога, и покрај тоа што дури ни кога ги имал и обете нозе немал препливано ваква оддалеченост,тој решил да го прифати предизвикот.
Со дозвола од сопругата, наредниот ден на 23 септември, саботата во 10:30 часот, Кор сам без придружба, како што вообичаено пливаат маратонците се впуштил во една од највозбудливите авантури во неговиот живот.
Денот кога се споија небото и водата
Сабајлето тргнале од „Гранит“ кон хотелот Макпетрол во Струга со помислата дека „сонце грее, прекрасно време… зошто да не?“ Жена му Силвија ми го опиша езерото „рамно како огледало“, а него го опиша како човек – риба. Кор додаде: „Затоа и си помислив, добро време, ќе го направам тоа. Но… пливав час, два, кога од таму (од Преспа) гледам темни облаци. Продолжувам со пливање, но гледам дека не заминуваат натаму, туку доаѓаат кон мене. Ова не е на арно, но ако се вратам назад истата оддалеченост е, си мислев. Ѕирнав на мојот часовник и гледам дека сум препливал 7 километри. Па си реков, ќе пливам. Невремето доаѓаше и доаѓаше, и почна да врне силен дожд, многу дожд.
И покрај невремето кое го зафатило на средината од неговата поставената цел, без страв од големите бранови и фактот што не можел да го види брегот, најмногу бил загрижен за бродовите. Знаејќи дека има бродови кои пловат на редовна линија кон Св. Наум, тој бил свесен дека не само што не може тој да ги види, туку и тие не можат него да го видат. Затоа решил да прави пауза на секоја минута пливање за да слушне дали му се доближува нешто.
Во меѓувреме неговата сопруга, која го чекала во хотелот „Гранит“, забележала дека надвор почнува да се стемнува, а него го нема. И покрај невремето сѐ уште била спокојна знаејќи според претходните проценки дека Кор ќе треба најдоцна до 17 часот да пристигне. Еден од вработените во „Гранит“, кој е исто така е атлетски тип и пливач, ја тешел дека нема зошто да се грижи затоа што Кор е спортист, физички спремен и сигурно размислува смирено дури и на такво, лошо време.
Црвеното светло, зрак надеж во темнината
Во меѓувреме започнале грмотевици. Комплицираната ситуација во која Кор веќе се нашол, сега станала уште по опасна. Секогаш кога ќе видел светло, тој се нурнувал во водата колку што можел подлабоко. По некое време проверил на часовникот и забележал дека испливал 15 километри, а хотелот (Гранит) никаде го немало. Не можел да го види брегот, ниту пак знаел каде се наоѓа.
„Тогаш помислив да се вратам назад, а времето се подобруваше и гледам планини. Но дали е оваа (Галичица) или другата планина (Јабланица)? Не знаев. Вистински не знаев затоа што беше многу темно. Тогаш видов некое светло и хотел со две дрва. Си реков „имаше ли други хотели со две дрва… не“, па продолжив да пливам. Тогаш го видов наколното живеалиште на вода и сфатив дека треба да пливам назад,“со возбуда рамна на тогашната ми раскажува Кор.
Одлуката ја донел по помислата дека не би можел да пешачи без неговата вештачка нога, а ако испливал некаде каде што нема луѓе ќе немало кој да му помогне. Тргнувајќи назад погледнал на часовникот и не можел да сфати како тоа испливал 20 километри, а хотелот сѐ уште го нема. Пливањето му било се потешко а станувало потемно и потемно.
„Си реков, можам само да пливам и пливам, и се фокусирав на хотелот со двете дрва знаејќи дека морам да излезам на брегот. Охрид веќе не беше опција, премногу беше далеку. Можеби тоа ќе е хотелот „Метропол“си велев. Но „Метропол“ има светла, а таму немаше.“
Жена му Силвија во шок бара помош од полицијата во Охрид
Гледајќи дека надвор е целосен мрак, неговата сопруга Силвија веќе се загрижила. Колку и да се трудела да биде смирена, не можела затоа што многу луѓе ѝ приоѓале кажувајќи ѝ дека мора да го пријави случајот во полиција. Заклучила дека ако не го пријави сега, може да биде премногу доцна. Кон 18 часот, со суви алишта и неговата вештачка нога се упатила кон полициската станица во Охрид. Англискиот на полицајците кои ја пречекале не бил доволно добар, а таа морала да чека надвор на дождот, грижејќи се уште повеќе. Со неа бил таксистот, кој бил многу фин и во тој момент ѝ претставувал некаква утеха.
А Кор и натаму не бил сигурен каде се наоѓа, ниту пак во која насока точно плива? Било темно, а невремето сѐ уште траело. Тогаш здогледал слабо црвено светло, за кое верувал дека е кајче. Мотивиран почнал да плива кон него. Знаел дека кој и да е во кајчето со сигурност ќе знае повеќе од него каде се наоѓа и ќе му помогне да стаса до брегот. Ги вложил последните сили да стаса што побрзо до црвеното светло, надевајќи се дека кајчето нема да му побегне. Како што се доближувал светлото станувало сѐ појасно.
-Госпоѓо сопругот ви е жив , веќе е во хотелот
А на другата страна во Охрид неизвесноста трае ли трае „Тогаш тројца полицајци излегоа од станицата и ме викнаа, со возбуда ни раскажува Силвија „Госпоѓо, овде, веднаш! Си помислив, тоа е, го нашле… мртов. Еден од инспекторите ми се насмеа, гледајќи колку сум стресена и ми рече дека мојот сопруг е жив и се наоѓа во хотелот. Го бакнав. Таксистот ме пренесе назад до хотелот… Влегувам во хотелот прашувајќи- Каде е, каде е?, ми велат во собата. Мислев дека е смрзнат, гладен, легнат во креветот со ќебе преку глава, целиот се тресе. Влегувам, го гледам на балконот со вино во раката и цигара и ме прашува: -Здраво срце, каков ти беше денот?“, раскажува Силвија. Светлото кое го видел Кор, за негова среќа бил дигиталниот часовник од хотел „Гранит“.
Кор догодина ќе плива на охридскиот маратон, а ќе игра и ракомет на Европско за инвалиди
Овој вонсериски човек не само што успеа да преплива 26,3 километри во ужасни услови, борејќи се со големи бранови, грмотевици и темница, без една нога ветува дека ќе дојде и наредната година во Охрид и дека ќе се подготвува за пливачкиот маратон и дека ќе го преплива. Не знам за Вас, но јас искрено би сакал да го видам како успева во својата замисла.
Уште нешто, храбриот Кор ми јави дека по враќањето во Холандија му соопштиле дека тој следната 2018 ќе биде во државниот ракометен тим составен од инвалиди кои ќе ги бранат боите на Холандија на европското првенство во ракомет. Доказ дека со цврста волја и желба за живот, можно е и речиси невозможното.
Јордан Коцевски, Публицитет.мк