Многу лекови различно делуваат врз машкиот, а различно врз женскиот организам, но на тоа сеуште не му се придава големо значење.
Мажите користат креми против брчките, носат обетки, чанти, а некои од нив и се депилираат. Жените носат машки одела, пцујат, подигнуваат тегови. Според најновиот тренд мажите може да бидат на породилно, а жените да го „носат“ лебот во семејството. Границата помеѓу она што е „машко“ и она што е „женско“ одамна е замаглена и во однесувањето и во облекувањето, а и во животните навики.
Сепак, во некои подрачја, разликите помеѓуа машкиот и женскиот пол сеуште се навистина важни, но за жал не се почитуваат. Едно од тие подрачја е фармакологијата.
Аспирин – спас за жените но не и за мажите
Ако сеуште не ви е јасно во што е проблемот, можеби ќе ви ја разјасни работата податокот дека приличен број на лекови имаат значително различно делување врз мажите и жените. На пример, лековите против алергија, антихистаминици, кај жените имаат пократко делување бидејќи женскиот организам побрзо излачува отколку машкиот. Освен тоа, некои лекови кај женските пациенти предизвикуваат пречка во ритамот на срцето, а меѓу нив е и докажаниот антибиотик еритромицин. А тука е и добро познатиот аспирин кој кај жените може да спречи срцев удар додека кај мажите нема такво делување.
Разликата не е само надворешна
Како е можно разликата во полот да има толку големо влијание врз делувањето на лековите? Мошне едноставно – разликата не е само во надворешниот изглед туку и во функционирањето на организмот: различна распределба на мастите, различна тежина на мускулната маса и тежината, а исто така, многу ензими кои учествуваат во преработката на лекови, во организмот кај жените се поактивни.
Тука е и уште една разлика, а тоа е осцилацијата на ниво на полови хормони за време на менструалниот циклус кој влијае врз метаболизмот, а со тоа и во делувањето на лековите. Поради тоа е можна намалено делување односно засилување на негативните последици.
Испитувањата врз жените се поскапи
Диктатот на хормоните е главна причина поради која научниците за време на тестирањето им даваат предност на мажите. Имено, работата со жените бара поделба на истражувачки групи: мораат да се тестираат пред и после менструација, како и жени кои се пред или во менопауза.
Затоа во некои развиени земји со закон е пропишано дека клиничките истражувања на нови лекови мораат во предвид да ги земат начините на делување кај мажите и жените. За овој чекор одговорна е медицината според полот (gender medicine) – релативно нова гранка на истражувачката медицина која болестите и терапиите ги набљудува според полот.
Но, медицината според полот не е ориентирана исклучиво на физички и биолошки разлики, туку во предвид ги зема и социјалните улоги. Под тоа се подразбира однесување типично за мажот односно за жената што може да има некои други последици.
Истражувањата покажаа дека докторите повеќе на жените им препишуваат антидепресиви отколку на мажите, а причина е тоа што жените многу подетално и поисцрпно ги опишуваат тегобите, што обично погрешно се толкува со депресија.
Што можете да направете сами
За да бидете сигурни дека ќе ја добиете оптималната терапија, немојте само да молчите и да голтате апчиња, туку активно учествувајте во одредувањето на терапиите. Кај докторот детално распрашајте се за лекот кој треба да го земите – прашајте за дозите и за негова евентуална замена.
– Кога ќе ви напишат терапија, од докторот барајте што понови лекови по можност да се тестирани врз жени.
– Ако земате постари лекови, детално распрашајте се дали имаат посебни препораки за жени, дури и кога тоа не се споменува во упатството за употреба.
– Ако имате помалку од 55 килограми прашајте дали стандардната доза за вас е преголема.
– Ако земате орална контрацепција, кажете му на докторот. Имено, антибиотиците, средствата за спиење, лековите против воспаление на мочниот меур и некои други може да ја намалат ефикасноста на контрацепцијата.
Извор: Факултети.мк






