Членовите на Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ и Планинарскиот клуб „Магаро“ од Охрид викендов реализираа акција за подготовка на планинската куќа на Галичица и нејзината околина пред претстојната зима.
На Фејсбук дел од учесниците објавија фотографии кои сведочат за средувањето на постаментот на врвот Магаро и дообјаснуваат: – После многу време соодветно е обележан постамент на врвот Магаро на Галичица и конечно заличи на нешто, мал детаљ во прекрасната панорама. За брзо ќе биди поставена и кутија со нотес со цел постаментот да останит чист, а оние што сакаат да влезат во историјата дека се искачиле до овој врв ќе можат во него и да запишат.

Претседателот на АК „Патагонија“ Анотино Додевски за Публицитет.мк вели: -Иницијативата, како и впрочем сите конструктивни иницијативи за подобрување на планинската инфраструктура е од членовите на Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид и од Планинарскиот клуб МАГАРО Охрид. Ова не е ништо посебно, секоја година се прави темелно чистење на куќата, варосување и сл., а се средуваат и вакви детали околу патеките и планинската инфраструктура.

Се со сопствени средства, ентузијазам и голема љубов кон планината. Боењето на столбот беше нужно, по големиот број шкртања на истиот, а многу често некои патници, “планинари” го злоупотребуваат за лепење на рекламни постери од компании кои ги спонзорираат нивните прошетки, без притоа да имаат во предвид дека со платените прошетки, зад себе оставаат грда слика за идните патници. Тоа е она што не разликува, ние не бараме пари за од никого за да ги реализираме нашите задоволства, туку напротив, трошиме наши средства (во рамки на можностите), за да ја оставиме планината поубава за оние кои ќе дојдат по нас.

Сето ова го правиме за нам да ни биде удобно и чисто. Ваквите акции ги правиме повеќе пати во годината и не само таму и сето тоа е од искрена љубов, во никој случај од некој популизам, вели Додевски.
Публицитет.мк






