Тивко, оставајќи го платното на животот недовршено деновиве во Скопје на 82 годишна возраст почина уметникот Симон Ничев.
Беше роден во Охрид во 1942 година. Тој е уметник од втората генерација охриѓани на кои сликарството им станало животна преокупација. Тоа е повоениот период се’ до појавата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, период кој носи непрекинат растеж, револуционерна преобразба во сите области на општествениот живот, па и во уметноста.
Но неговиот пат е малку подалечен отколку на останатите.
Академија – отсек монументално сликарство дипломирал во Белград 1967 каде ги завршил и постдипломските студии. Од 1962 до 1992 живеел и творел во Белград и Сараево. Статус на слободен уметник уживал од 1978 година. За своето творештво добил преку 40 награди и признанија. Покрај сликарството се занимавал и со ликовна и применета графика. Од 1992 до 2024 живее во Скопје каде го завршува својот животен пат.
Симон Ничев според критиката е автор кој остварува специфичен однос спрема светлината во сликата, спрема феноменот на белата слика и духовното во уметноста. Тој се вбројува во групата автори со класична инспирација и сензибилитет за јужните медитерански предели.
Потписникот на овие редови пред околу 32 години имал тет атет средба со уметникот Ничев при едно негово претставување во култните галериски простори Уранија или Робевци во Охрид и до денес го чува споменот на него како на еден смирен човек, задлабочен во сликањето, човек со посебен сензибилитет и енергија и траекторија на животот која тогаш насилно била прекината со воените конфликти во поранешна Југославија.
Ничев беше пред времето со нему својствени манири специфични и изградени преку неговите контакти со плејада уметници од висок ранг на просторот од поранешната држава.
И сето ова писание можеше и да не излезе во јавноста ако поттикот не дојдеше од младиот вљубеник во целата уметност па и сликањето идниот лекар Симон Јаковлев – Писин од Охрид кој во порака упатена до Публицитет, напиша: – Денес дознав дека заминал големиот сликар Симон Ничев.
Како сокласник на дедо ми, имав среќа да го познавам лично. Беше неверојатно остроумен човек, со широки познавања од музиката, филозофијата, политиката и историјата. Задоволство беа нашите разговори во коишто јас повеќе слушав, а тој повеќе зборуваше.
Следната средба требаше јас да зборувам повеќе, така беше договорот… за жал остана недовршен…
Ќе ми недостасува кафето шербетлија и муабетот за Бах и Шопен…
За неговото дело нема ни да зборувам, не сум достоен. Неговите слики зборуваат погласно од кој било кажан збор… Великан.
Вечна му слава на уметникот тој замина но неговите дела останаа распрснати по светот низ галериите и во нечии домови…
Погледнете што пишуваше критиката за Ничев во една пригода за неговата уметност и умешност:
https://arhiva.zaum.mk/wp-content/uploads/2020/12/2000_11_27_Simon_Nichev.pdf
Милчо Јованоски
Публицитет.мк