Тајните архиви на Ватикан да бидат отворени за македонските истражувачи, договорил денеска претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на 40-минутната средба со папата Франциск во Ватикан.
– Конечно, тајните архиви на Ватикан се отворени за нашите истражувачи. Значи, во најскоро време двајца наши истражувачи можат да дојдат, да го истражуваат сето она што досега не ни било достапно – изјави Иванов по средбата со папата Франциск во Ватикан.
Тој информираше дека разговарале за многу прашања од заемен интерес, актуелни кај нас, но и во Европа и во светот.
– Извонредна посета исполнета со многу прашања од заемен интерес. Со папата разговаравме и за прашања кои се актуелни како кај нас, но и во Европа и во светот, оти неговата улога во денешно време, кога цивилизацијата се соочува со бројни предизвици, е тој, како личност, да настојува да се продлабочи мирот и да се шири идејата за она што е вредност негувана во христијанството и во другите религии – рече Иванов.
Тие разговарале и за актуелната состојбата со мигрантите и со бегалците и за начинот на кој досега се реагираше за да се излезе во пресрет на сите тие луѓе. Станало збор и за прашањето за името и од каде потекнуваат сите наши блокади и отворени прашања.
– Пројавениот интерес лично од страна на папата и за прашањето за името и за актуелните состојби кај нас и во регионот, кажува дека ги следи сите настани и е заинтересиран каде што може да придонесе – изјави Иванов.
Извор: мета.мк