Филмските фестивали, како дел од културното живеење во текот на летниот период од годината, се мошне значајни скоро во сите европски земји. Такаречи не постои земја која во летниот период на мапата на културните збиднувања нема некој познат филмски фестивал. Некои од нив ги имаат и по неколку,кои по својата содржина се разликуваат меѓу себе, но во основа се темелат на презентација на најновите филмови од сопствената национална продукција со учество на странски филмови во пропратните програми. На тој начин се збогатува понудата и се разбира на гледачите им се овозможува да видат филмови кои биле прикажани на некои од престижните филмски фестивали кои пак не можат да се видат на редовниот кино репертоар.
На просторите на бившите југословенски држави се одржуваат неколку филмски фестивали од кои некои се од постар датум, но и фестивали кои започнаа да се одржуваат по распадот на некогашната заедничка држава.Така ,деновиве, паралелно, се одржуваат два филмски фестивали во две соседни земји:Хрватска и Србија.Се работи за 62 издание на Пулскиот филмски фестивал и 22 Фестивал на европскиот филм во Палиќ.
62 ПУЛА ФИЛМ ФЕСТИВАЛ
Пред распаѓањето на некогашна Југославија,Пулскиот филмски фестивал беше најпрестижната филмска смотра на просторите на некогашната држава.По осамостојувањето на Хрватска Пулскиот фестивал стана смотра на хрватскиот филм.Најпрвин на фестивалот се прикажуваа исклучиво само хрватски филмови за нешто подоцна да бидат воведени и меѓународната програма и програмата за деца „Пулица“ како и „ Дигалка “ за тинејџерите.Фестивалот се одржува под отворено небо во Пулската арена каде на 18 јуни 1938 година била одржана првата филмска ревија која траела до 28 август.
За почеток на Пулскиот фестивал се смета 1953 година кога во Пулската арена била прикажана ревија на филмови од 13 до 23 август. Службено, како фестивал започнал да функционира во следната 1954 година кога бил одржан првиот филмски фестивал во периодот од 24 до 30 јуни .
Од1955 година покровител на фестивалот станува тогашниот председател на Југославија ,Јосип Броз Тито.
Во 2001 година Пулскиот фестивал и службено станува фестивал на хрватскиот и европскиот филм.
Оваа година фестивалот во Пула се одржува по 62 пат и беше свечено отворен во саботата на 18 јули. Фестивалот за отворен го прогласи двојниот оскаровец ,продуцентот Бранко Лустиг ,како специјален преставник на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.По традиционалниот огномет беше прикажан филмот „Имиња на вишни“ на режисерот Бранко Шмид. Инаку, филмот претставува дел од натпреварувачката програма на годинешниот фестивал во која ,по наградата Голема Златна Арена за најдобар филм на фестивалот, ќе се натпреваруваат 11 хрватски филмови и три малцински копродукции.Според организаторите на фестивалот, годинешната конкуренција на филмови е најака по распадот на Југославија.За првпат оваа година на еден хрватски фестивал ќе бидат одржани светски премиери на светски филмови.
Фестивалот ќе трае до сабота 25 јули кога ќе бидат објавени имињата на добитниците на наградите. Една од новините на годинешниот фестивал е таа што жирито кое ги оценува филмовите од националната програма ,во еден дел ќе биде и меѓународно.Па така,покрај режисерот Кристијан Милиќ и актерот Златко Буриќ, жирито го сочинуваат и германскиот критичар Бернд Брудер и италјанскиот сценарист Маурицио Браучи.
Интересно е да се спомене дека на годинешниот фестивал во Пула од 14 филмови од националната програма само четири филма ќе ја доживеат својата хрватска премиера, останатите десет веќе се прикажани во кино салите или на други фестивали.Овој податок,според пишувањето на „Јутарњи лист“,е последица на два трендови.Поголемиот дел од хрватските продуценти процениле дека е подобро да имаат „вистинска “ премиера во есен или зма,со полна медиумска подршка , па потоа да дојдат во Пула со некаков резултат.Од друга страна,јавна тајна е дека некои режисери кои со своите филмови веќе биле кон завршеток ,одлучиле да не ги завршат до почетокот на фестивалот,проценувајќи дека оваа година конкуренцијата по награди е мошне силна.
22 ФЕСТИВАЛ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ ВО ПАЛИЌ (СРБИЈА)
Еден ден подоцна,во Палиќ, свечено беше отворен 22 фестивал на европскиот филм кој оваа година ќе трае до 24 јули.Годинешниот фестивал го отвори шведскиот режисер Рој Андерсон, кој со режисерот Желимир Жилни , е добитник на фестивалската награда „ Александар Лифка“ која се доделува за исклучителен придонес на европскиот филм.Со ова,добитникот на „Златниот Лав“ во Венеција 2014 ,застана во редот на добитниците на оваа награда кои ја добиле порано како:Никита Михалков,Кен Расел, Миклош Јанчо, Петер Бачо …а од српските уметници Мира Бањац, Емир Кустурица, Бата Живојиновиќ ,Љубиша Самарџиќ и други.Инаку, оваа награда,според зборовите на директорот на фестивалот Радослав Зеленовиќ се доделува веќе 17 години, а годинешните добитници Жилник и Андерсон се 33 и 34 добитник на ова високо признание.
Публиката до крајот на фестивалот,на повеќе локации покрај езерото Палиќ и во Суботица, ќе може да види 85 филмови во девет фестивалски селекции.Главната натпреварувачка програма содржи 14 филмови, од кои два се вон конкуренција.Жирито на фестивалот ќе ги додели наградите„Златна кула“ за најдобар филм и „Кулата на Палиќ“ за најдобра режија.Фестивалското жири е составено од пет члена а него го предводи Кристијан Жене,челникот на отсекот за филм на Меѓународниот филмски фестивал во Кан.
Главната натпреварувачка програма беше отворена со минималистичката драма „Животот после“ на режисерот Магнус вон Хорн,во кој главната улога ја толкува големата шведска музичка ѕвезда Улрик Мунтер.Во натпреварувачката програма има и еден српски филм кој беше прикажан во рамките на една од натреварувачките програми на годинашниот Кански филмски фестивал – „Панама“ на режисерот Павле Вучковиќ.
Публицитет.мк /автор: Ѓоко Симјаноски






