За ѕвездите во очите и…за љубовта
Во потрагата по себе што стана императив на животот во „големиот и валкан град“ со паланечки менталитет, малку остана за верба во празникот на душата. Мнозина ќе се погрижат да ти дотурат сол на раната во обидот да се стори некакво бегство. Макар и мисловно. Од таму, во годините од мојата есен, празниците веќе не ги доживувам еуфорично. Ја нема некогашната тинејџерска фасцинација, ниту големите очекувања. Не дека е убиено детето во мене. Напротив. Едноставно работите веројатно ги мерам со други аршини.
А, Новата година веќе некое време ја поимам само како исправеност пред нов голем почеток. Пред нови можности во лавиринтот од секојдневието. Пред можноста да се улови обичноста на живеење. Да се зграпчат широките насмевки, убавите мисли, да се свиеш под непарните ритми и татнежот на тапаните, да се трча по хоризонтот, да се милуваат планинските врвови, да се допира нежно езерската шир, да се јаваат брановите…и никогаш да не им се стави крај на дружбите со пријателите. Оти времето лета и ги гмечи соништата. Ја стеснува можноста да се остави траг во него.
Но, наспроти се*, во таквите мигови на вртење кон себе и кон оние кои милно ме галат со погледот, токму за овие и сличните празници најмногу им се радувам на ѕвездите во очите на моите Сузана, Тамара, Ирина…и посебно оние на Јан и Свен. На нивната со ништо неусловена љубов. Оти чинам како катадневно како да забораваме дека треба да љубиме. Како некој да ни ја краде љубовта.
Деновиве заедно со една колешка заеднички ја потпишавме новогодишната емисија што беше емитувана на 1 јануари во вестите на Радио Слободна Европа. И, некако имавме можност да ги превртиме во главата сите оние нешта што ја чинеа нашата реалност во изминатава година. Притоа малку што остана како некоја светла точка во мракот во којшто долги години бесцелно талкаме. Се’ се сведува и натаму на кражби, насилие и лажни ветувања. Во земјава во која одамна се набркани вистинските вредности и во која политиката безсрамно им го украде шоуто на уметниците и стана господар над нашите животи и натаму се убива надежта. Ние овде, како што ќе рече македонскиот класик Горан Стефановски преку Цибра од „Тетовирани души“, на простор каде минатото никако да си отиде, а иднината никако да дојде се чини „и натаму ќе глумиме сегашност“. Дури и тоа не ни оди како што треба.
И, во такво едно опкружување, кога единствено на човек му останува да бие лути битки да остане нормален, свој пред се’… она што лично ме движи е токму мислата и натаму да го носам сопствениот крст стремејќи нагоре по сртот. Не е лесно. Но тоа е единственото што го знам. Да си ја чувам достојно професијата. И секое ново утро да му се навраќам на зборот. На празниот лист пред себе. На веродостојната информација. На човекот во себе и во сите мои собеседници. На нивните дела. И се така дур ме крепи силата.
А, во целата таа лична, по малку длабоко интимна приказна, музиката, изворниот јазик и непарниот ритам ја имаат клучната улога. Нивната можност да се вртат, вкрстуваат, да ги бараат сродните изблици…да ја величаат слободата на изразот. И од таму, како човек чија колекција на музики е повеќе од „пристојна“, неизмерно ми е тешко да се одлучам за некоја „песна“. За нешто што го крепи духот и ја распостила убавината пред тебе. Еднаш и секогаш. Ги има многу.
И од тој океан на звуци, веројатно затоа што сега така се чувствувам, ќе ја кренам повисоко верзијата на македонската „Јано мори“ што на публиката во Загреб, Хрватска, и ја дарија нашиот Влатко Стефановски и легендарната Јосипа Лисац. Нивното заедничко емотивно патешествие сторено на еден од концертите по обелоденувањето на албумот „Мајчин јазик“. Прекрасна изведба чиј временски рок не е ограничен. Барем за мене. Уживајте.
Публицитет.мк