Еден од најдобрите и најпопуларните шлагери од некогашната Југославија , секако е композицијата „ Само еднаш се љуби“ во исполнение на познатиот интерпретатор и компзитор Иво Робиќ.
Зборовите за песната ги напишал познатиот хрватски композитор и текстописец Марио Кинел.Според многумина текстот говорел за актуелниот и идниот заеднички живот на сопружниците Марта и Иво Робиќ. Но, треба да се каже дека Кинел со својот текст пред се„ ја изразувал својата љубов и почит кон сопствената сопруга. На зборовите на Марио Кинел , Иво Робиќ ја напишал музиката и на тој начин бил создаден овој безвременски шлагер во 1956 година а кој бил снимен на сингл грамофонска плоча во 1957 година.
Многу генерации пораснаа со овој шлагер создаден од двоецот Кинел- Робиќ, на неговата музика или на поуката што тој ја носи .Тој не беше само нивна песна , напротив таа преовладуваше и во забавната и во популарната музика.
Песната песна ја доживеа своја втора младост во 1981 година кога режисерот Рајко Грлиќ го сними истоимениот филм во кој главните улоги ги толкуваат Мики Манојловиќ и Владица Милосављевиќ и во кој Иво Робиќ заедно со групата „ Пешчаник“ ја пее насловната тема од овој филм.Филмот освен што и’ го подари вториот живот на песната тој им додаде и по малку иронија и копнеж на многумина некогашни тинејџери по некое минато време.
Токму затоа ова малечко музичко ремек –дело останува не само како жив сведок на некои дамнешни времиња туку и како омилена тема за оние кои сеуште веруваат дека во нешто може да се верува.
Овој прекрасен шлагер досега доживеал голем број на вокални и инструментални изведби. Така него можете да го слушнете и во изведба на Оливер Драгојевиќ,Масимо Савиќ, Марко Тоља, Вана, Борис Режак, Габи Новак, Сандра Кулиер, Жарко Данчуо па дури и во изведба на Раде Шербеџија и Бранимир Штулиќ. Пред две години составот Sarah & the Romans во соработка со ријечкиот пејач Бруно Петрали направи своја верзија на овој популарен шлагер за кои препевот на италијански го направи Петрали. Интересно е да се каже дека Бруно Петрали овој шлагер го испеал за првпат уште во 1956 година.
Една од најпознатите инструментални изведби на овој шлагер ја направи познатиот германски оркестар на Берт Кемферт.
Се потсетуваме на овој безвременски шлагер во оригиналната изведба на ИвиоРобиќ во придружба на оркестарот на Никица Калоѓера. Изведбата е од 1956 година.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк