Серијалот„Јас и Нова година“ го започнуваме со колегата Владимир Булатовиќ. Тој е од Охрид а живее и вредно работи во Скопје. Неговата спортска ЕКИПА ( веб сајт – специјализиран за спорт ) потврдува дека за се’ е потребен тим.
Еве го неговиот поглед на животот, секојдневието, надежите и очекувањата:
Јас и Новата година….
Новата Година не ја доживувам како некаков нов почеток, а ниту како крај на нешто поминато…. Таа за мене е само уште еден мост во животот, продолжение на животната приказна во кое влегуваме побогати за многу нови искуства! Како велат, Новата година ќе пристигне и за сите оние кои не ја чекаат. Но, за мене всушност и сета убавина лежи токму во чекањето, а не во самата Нова година како Нова година. Убаво е кога заедно со најблиските, оние што ги сакате, чекате нешто што знаете дека сигурно ќе пристигне, без разлика на местото каде сето тоа го чекате, пред ТВ екранот во домашен амбиент или на „јавна сцена“. Во животот сме чекале многу нешта кои никогаш не пристигнале, па на Новата година веројатно така и се радуваме затоа што секогаш доаѓа, сакале ние или не. Некогаш ни служи како оправдание онака тинејџерски да се напиеме, некогаш служи за посакување нереални желби, но секогаш е тука да и се израдуваме.
Поглед наназад на 2018 година…
Ако се осврнам наназад на годината која заминува, тогаш може слободно да кажам дека ја посакувам со сета сила во продолжение и во следната 2019, и на професионален и на личен план. На професионален план, и покрај хаотичната медиумска сцена во земјава која сите се уште чекаме да ја доведеме до некоја нормала, горд сум што заедно со колегите градиме од година на година медиум кој е вистински препознатлив, со сето свое влијание во јавноста и високи професионални стандарди. На личен план, пак, изминатава 2018 ја живеевме првата година со најновиот член на семејството, синот Бобан, кој ни донесе огромна радост во домот, се разбира покрај седумгодишните ќерки Мила и Гала. Па, без сомнение, плодна година која посакувам да се преточи со сета своја убавина и во следната 2019 година.
Што ме движи напред, како човек…
Верата е единственото нешто кое секогаш ме влече напред како човек. Нека биде тоа верување силно во љубовта, довербата во луѓето со кои сум опкружен, верата во добрината, искреноста и честа…, верувањето во успех и подобро утре. Иако, мора да се признае дека живееме во тешки времиња низ кои многу надреалистично звучи да се верува така лесно во сите овие вредности кои некако како да ни се на „изумирање“. Но, јас опстојувам на тоа, и знам дека тоа ќе биде мој патоказ и за во иднина.
Мелодија за мене секогаш посебна – вонвременска…
Ако треба да издвојам мелодија која навистина буди посебни емоции во мене, тоа е без сомнение (“Dance Me to the End of Love” – Leonard Cohen). Малкумина знаат дека Леонард Коен песната ја напишал за време на својот подолг престој на Балканот, покрај другите земји и во Македонија, некаде во 1983 година. На прв поглед е љубовна мелодија, но всушност текстот е инспириран од Холокаустот, инспириран генерално од злосторствата во целина против човештвото кои опстојувале низ историјата. Песната е повик да го погледнеме животот како танц, некогаш со исправни некогаш со погрешни чекори, но секогаш низ призмата на позитивните вредности. Оваа мелодија некако ме врзува и за мојот Охрид. Кога и да ја слушнам буди во мене и спомени токму за една предновогодишна охридска ноќ таму некаде пред околу 15 години во кафуле во близина на Света Софија, и првите погледи и танц со мојата актуелна сопруга. Затоа е некако вонвременска за мене, песна која би можел да ја слушам секогаш и секаде во секое време.
Публицитет.мк