Ванчо Димитров, авторот на евергринот „Кажи нешто драга“, кој го испеа Драган Мијалковски вели оти во времето на неговата музичка генерација, во 70-тите години на минатиот век, годишно пишувале по две-три песни.
– Затоа речиси секоја нумера имаше доволно време да си создаде своја „биографија“, секоја песна имаше своја или беше дел од приказна. Времето од компонирањето до снимањето на композициите беше толку долго, така што приказните, некогаш и без конкретен повод, сами настануваа – открива Димитров.
Кажи нешто драга“ е песна напишана во 1976 година, кога авторот Димитров живеел под кирија во куќа во Чаир. Неговиот постар син имал четири години, а тој низ сокаците на оваа населба сонувал да создаде голем македонски и југословенски хит. Цврсто верувал во тоа дека ќе го пее Драган Мијалковски и никој друг. Тој му бил и главна инспирација.
– Мелодијата ја работев два-три месеци, а потоа го замолив Ѓоко Георгиев да ми напише текст. Му напоменав оти желба ми е песната да ја пее Драган Мијалковски, кој во тоа време беше најголемата наша ѕвезда во Југославија. Му ја пеев десетина пати, Ѓоко слушаше внимателно и одеднаш му излета сега веќе познатиот хит: „Кажи нешто драга, па макар и лага“… Другите стихови за песната беа релативно готови – се сеќава авторот на музиката.
Димитров и Георгиев ја испратиле на конкурсот за Скопскиот фестивал во 1976 година, но неговата желба да ја пее Мијалковски не била со одушевување прифатена од стручните комисии. Подоцна дознал дека многу автори воделе борба чија песна ќе ја пее популарниот Мијалковски, кој бил гаранција за успех.
– За моја среќа, Драган сам ја избра „Кажи нешто драга“. Му сугерира на Ѓоко измени во текстот и таа година победивме со убедливо најголем број гласови од публиката. Песната стана југословенски хит, Драган ја пееше на сите свои турнеи и беше одлично прифатена од публиката. Напишав уште многу песни, некои од нив како композиции се можеби подобри, но со „Кажи нешто драга“ ми се оствари големиот сон, да имам голем хит, кој стана македонски евергрин.
Матица на иселеници
Публицитет.мк