СТЕФАН АНГЕЛОСКИ дипл.правник, секретар во ОМУ „Методи Патче“
Мојата работна приказна сврзана со ова училиште започна сосема случајно и без некој план. Се пријавив на оглас ама не очекував дека ќе се вработам тука. Само формално ги поднесов документите и по некој случаен избор од повеќе кандидати и направениот правилник за бодување по кој бев избран.Тоа се случи во октомври 1990 година. Пред официјалното вработување работев неколку месеци. На почетокот ми беше малку чудно, но кога ги запознав Димитри, Пеце, Рубенс , Афто се вклопив со нив и не ни помислував да најдам друга работа. Моите останати колеги вработени во други фирми често ми велеа дека им е тешко од недоразбирања и расправии ,а јас им велев дека на работа одам само поради друштвото и леснотијата вои работата. Не можам да речам дека се беше мазно,ама работите преку дискусија се договараа.
Во шега на моите колеги – професорите по музика им велев без да ги видам децата на аудиција ,јас од овде од мојава канцеларија можам да го направам изборот на учениците. Пред концертите им велев да одбираат дела кои се лесни за слушање и разбирливи и за обичните луѓе. Пред да дојдам во училиштето не слушав класична музика, но пота работите се сменија. Годишните и Новогодишните концерти задолжително ги следев.
Иако не сум директно вклучен во наставата, но имам честа комуникација со учениците. Ме радуваат средбите со сега возрасни наши сограѓани кои некогаш учеле во музичкото а сега се на некои позиции . Нормално тие ме препознаваат, а мене ми е потешко да го сторам тоа. Сепак сум радосен што најголем дел од нив со многу љубов и топлина зборуваат за периодот поминат во нашево училиште.
Но полека со заминувањето на една генерација наставници , се губи и тој штимунг. Искрено и наставниот кадар е повеќе оптоварен со административна работа. Кога бевме околу 15 вработени атмосферата беше сосема поинаква немаше групирање. Сега дојдоа млади генерации со свои променети ставови за животот и работата и се’ е поинаку.
Откако сум во училиштето тоа во два наврати се реновираше. Во 1997 година кога паднаа таваните. Тогаш буквално сами се средивме акцијашки сите вработени,де л од родителите, немавме помош од страна. Вторпат во 2007 година се менуваше паркетот. Од целото училиште беше собран инвентарот на куп. За неодложни административни работи направивме само една мала импровизирана канцеларија среде ходник за да нема застој.
Моето работно место бара занимавање со комплетната администрација од плата, пресметка, книжење и архивирање, водење на библиотеката, копирање и ред други нешта. Канцеларијата во која работам всушност е главната артерија низ која минува крвта ако може да се изразам така на училиштето.
Публицитет.мк – Од неодамна промовираната монографија „50 години ОМУ МЕТОДИ ПАТЧЕ“ – Охрид