РУБЕНС НАУМОСКИ – директор на ОМУ ,, Методи Патче“ од 1990 год. до 1999 год.
Во времето кога бев директор постоеа: клавирската и виолинската класа , класите за кларинет и флејта, а имаше и една мала класа за виолончело ја водеше колегата Стефан Афтовски.
Беше привилегија можеби и денеска е така да се биде ученик во музичкото училиште бидејќи како и тогаш и сега ограничен е бројот на ученици поради просторниот и наставниот кадар. Учениците се примаа на аудиција на која се проверуваше музикалноста кај децата со еден збор тие се рангираа. Не е исклучено во различни периоди, различно со одредени интервенции и тоа не само од богати, моќни луѓе и ако се осетеше голема потреба и настојување за да се прими некое дете сме правеле отстапки, ама во мали проценти. И не сме грешеле, бидејќи најголем предуслов за идниот успех на ученикот е желбата да се учи и редовно да се посетува наставата. Сме имале случаи помалку надарени деца со многу повеќе труд и истрајност и работа успевале многу повеќе. Многу често редица талентирани деца со отсуство од секојдневно вежбање на инструментот не постигнале некој забележителен успех. Социјална разлика немаше.
Зошто натпреварите беа битни и со текот на годините станаа предизвик , една важна дејност во училиштево? Натпреварите значеа предизвик за децата да се излезе надвор од училиштето и да го покажат своето знаење и умеење . Натпреварите беа и се реалност на која младите репродуктивци ќе се сооочат со сопствените знаења, ама и наставниот кадар. Ние сите бевме среќни кога ќе имавме такви деца кои беа талентирани и кои можеа да ја поднесат динамиката и темпото на работа која бара голем труд. Од мојата класа имав повеќе такви ученици. На пример: Никола Љушев и неговиот брат Петар Љушев. Тука се и денес како наставен кадар во училиштево Даниел Чуркоски, Благовеста Булоска, Марија Христова, Емилија Маринова и многу ќе ми е жал ако некого пропуштам, но години поминале. Преку нив и децата од останатите класи ние како наставници се надградувавме и излегувавме во името на градот и училиштето на многу натпревари и јавни часови.
Некаде во 1992 година покрај јавните и годишниот концерт, за време на моето директорување воведовме и Новогодишен концерт. Гледајќи ја потребата за повеќе настапи и вклучување на поголем број деца на концертите го воведовме и него. Беше практика секој наставник да даде по еден ученик од класата. Јас воведов практика на аудиција, со што секој наставник можеше да оди на аудиција без бројка колку деца сака да вклучи. Јасно беше речено дека од некој наставник можеби нема да настапи ниту едно дете, а од друга класа можеби ќе настапат три деца.Сите наставници бевме вклучени во оценувањето на децата. Годишниот концерт всушност е лицето на училиштето.
Потоа бев пратеник во Собранието на РМ. Тогаш министер за образование беше Ненад Новковски и имаше тенденција да се укине финансирањето на музичките училишта во Македонија. Со жестока и аргументирана дискусија во парламентот го спречив тоа. Добив поддрша од моите колеги. Тезата на тие што сакаа да се укине финансирањето беше дека децата во рамките на основното образование имаат предмет по музичка култура. Тоа беше елементарно непознавање на предлагачите. Реков дека во основното образование точно е дека постои предмет музичко образование, но тој предмет ни оддалеку не ги подготвуват децата за наредната фаза од музичкото образование. И така тој обид за кратење на финансирањето пропадна. Тоа не беше прашање на систем тогаш Македонија беше под голем притисок од ЕУ , Светска банка и ММФ да се намалат трошоците во државата. Претходно и со министерот Димитар Бајалџиев , јас како директор имав средба на која му ја објаснав потребата од финансирање на музичките училишта, но и му предложив дека и родителите може одреден дел да го кофинансираат училиштето. Тоа имаше барем три добри цели. Ако родителот плаќа , ќе се интересира што учи неговото дете. Родителот ќе бара и квалитет од наставникот, а со тоа ќе добијат сите.
Во мое време „Охридско лето“ побара да им ги отстапиме нашите простории за Летните музички школи. Им напишав – нема проблем соработката ќе продолжи, само од фестивалот бараме во финансиската конструкција да вклакулира и обнова на фондот на инструменти во училиштето, пред се на пијанината. Токму тие инструменти се пред се’ амортизирани од учесниците на летните школи. Учесниците се големи, а нашите деца се мали и не ги користат со таа сила инструментите. Тоа го барав сукцесивно, не наеднаш , значи во еден подолг период. Мислев дека лесно ќе дојдеме до договор, но не се сложија и го раскинавме договорот и дојде во прашање одржувањето на Летните музички школи. Со колегите од Скопје се заложивме и соопштивме дека не сакаме да згасне таа традиција поради нас и така нашето училиште ги презеде Летните музички школи. Прво со Арбо Валдма, па со Романови, подоцна и со нашиот познат виолинист Благоја Димчевски од Тулуз – Франција и ред други познати уметници. Со Валдма направиме неколку проекти кои беа вистинско освежување. Направивме „Утрински кафе концерти“. Во куќата на Уранија однесовме пијано и учениците вежбаа и настапуваа. Тоа беше во екот на туристичката сезона, туристите шетајќи слушаа музика и влегуваа. Во текот на „Охридско лето“ тие по традиција пак имаа завршен концерт во Света Софија. Во тоа време со заработката од летните школи и воведената партиципација на нашите ученци купивме полуконцертно пијано „Петров“ и три пијанина, што не беше случено од формирањето на училиштето во 1964 година. Подоцна купивме виолини,гудала, кларинети…
Во мојот мандат воведов и консултативна настава. Ангажирав високостручни кадри од Македонија како Леонид Пејсахов – прва виолина на Македонската филхармонија, Нина Стрезова на клавирскиот оддел. Тие доаѓаа два пати месечно да држат настава со понапредните ученици во присуство и на наставниците. Целта беше да се поткрени квалитетот и на децата и на наставниот кадар. Се чувствуваше една летаргичност, со консултативната настава се внесоа и повисоки стандарди. Најголемата придобивка на денешницава се многуте можности за комуникација. Малку потоа се осети позитивно поместување нагоре во виолинската и клавирската класа. Оттука излегоа силните ученици на натпреварите. Ги спомнав дуетите Марија Христова и Благовеста Булоска и нивните настапи во Софија и Рим. Правевме овде во училиштето и концерти, како поттик за нашите ученици. Го паметиме концертот на тогашното чудо од дете Стефан Миленковиќ кој настапи во Музичково некаде 84 и 85 година, а се редеа и други млади уметници, кои подоцна станаа славни репродуктивни уметници. Има уште е ден неконвенционален настан. Тоа е концертот на островот во Свети Наум. Тогаш бевме домаќини на традиционалната „Ревија на музичките училишта од РМ.“ На матинето настапи и пијанистот Симон Трпчевски, тој беше во таа генерација ученици и ни приреди шоу на матинето изведувајќи забавни композиции.
Со големо задоволство можам да кажам дека музичково училиште и натаму се развива одлично. Од Годишните концерти на кои одам често можам да заклучам дека бележи континуиран развој и тоа во сите класи. Дојдоа млади колеги со нов ентузијазам и напредокот е забележителен. Еве напредокот ќе го илустрирам со следново – Кога јас отидов на приемен во Скопје, половина од кандидатите беа без претходно музичко образование, ете колку предност сме имале што сме го имале музичкото во Охрид. Заслугата и благодарноста ја заслужуваат од првиот директор Наум Гаврилоски преку Ѓоко Илиевски, Димче Ораче, Стефан Афтоски … На тој приемен испит свирев „Соната “ од Моцарт, а денеска нашите ученици на аудиција за прием во Скопје или во други музички центри сега свират програми кои ние ги изведуваме на крајот од средното музичко училиште. Ете тоа е најсоодветниот доказ за напредокот. Идејата за средно музичко е стара и таа беше и мој предизвик. Но сметам дека варијантата – десет годишно музичко училиште е добра опција. Сега со завршувањето на основно музичко, учениците завршуваат и основно образование. Десетгодишното музичко би било со статут на средно и би се одвивало паралелно и со средното редовно образование на ученикот. Така родителите би дозволиле и би сакале нивните деца да продлжат со музичкото.
Публицитет.мк
Од монографијата за ОМУ „Методи Патче“ издадена неодамна.