Стефан Афтоски – професор по пијано
Почетоците во музиката ги паметам уште од својата 6 -7 годишна возраст кога за време на Втората светска војна често ги забавував италијанските војници кои при повлекувањето кон Италија еден период престојуваа во мојот дом во Охрид … учејќи ги од нив, а потоа и пеејќи им ги нивните познати италијански песни. Понатаму, во тек на школувањето, освен склоноста кон музика, забележав дека добро ми оди и цртањето. Посебно цртањето карикатури; Во прва година во средна школа одлучив да го пробам својот талент, цртајќи за годишното издание на Ѕидниот весник при тогашната строга охридска гиимназија, но со непромислена смелост во изборот на ликовите (интересни ликови од наставниот кадар во тоа време), така што таа моја „ храброст“ се покажа дека сепак повеќе наликува на лудост. Очекувано … добив казна,а образованието морав да го продолжи во друг град. Но, како што се вели во народот „секое зло за добро“ па така и беше, бидејќи многу брзо се најдов во редовите на шестгодишното средно музичко училиште во Скопје каде успеав да се запишам со помош на мојот постар брат Никола Афтовски – Боби кој тогаш живееше и работеше во Скопје. Како изразено талентиран за музика добив привилегија да учам виолончело како основен предмет, покрај редовниот инструмент пијано. Но, во тек на учењето , после една незгода при која добив тешки скршеници на левата рака морав да го променам главниот предмет виолончело. По сугестија на професор Петре Богданов – Кочко, наш познат композитор на сериозна музика, предметот виолончело го заменив со соло пеење. Професорот често знаеше да му се обрати со зборовите: „ Стефан, едвај чекам да те видам на сцена!“ и му сугерираше да останам да работи во Операта во Скопје, но сепак се одлучув да се вратам во мојот роден и омилен град Охрид и тука да продолжам со музиката.
Една година по завршувањето на музичкото училиште работев како учител по музичко образование во ОУ “Св.Климент Охридски“ во Охрид, после отидов на отслужување на воениот рок, а после тоа се вработив во Пионерскиот дом во Охрид, како наставник по клавир и управител на логорите на пионерите од Охрид. После неколку години кога Пионерскиот дом се фузира со тогашното музичкото училиште, преминав со своите 4 ученички по клавир во истото и станав дел неколку члениот колектив на Музичкото училиште.
Во тек на својот работен стаж како наставник по клавир и виолончело,паметам многубројни имиња на ученици по пијано и околу 10-тина ученици по предметот виолончело, од кои посебно ги издвојувам две имиња: Анкица ……. и Хилми Билбил. После долги години од завршувањето на школувањето ја сретнав Анкица случајно во Белград, во хотел Југославија… каде работела како виолончелист во некој камерен оркестар. Додека пак, името на Хилми Билбил, кое сите го знаеме и кој за жал е веќе одамна покоен… лично јас го однесов и запишав во Скопје во средното музичко училиште каде понатаму се школувал, а земал часови дури и од светски познатиот Пабло Казалс. Хилми Билбил е познат како многу успешен музичар во нашата јавност, кој во својот краток животен век зад себе остави многу песни кои и ден денес се слушаат, меѓу кои најпозната е „Бисер балкански“ во изведба на Гоце Николоски во 1990 год, а кој работел како професор, свирел прво чело во МНТ, и во народниот оркестар на МРТВ.
Во шеесеттите години, во тек на едно приватно патување во Белград кога во една кафеана случајно ги забележаа моите гласовни можности ми беше понудено да останам да работам во Белград… Но повторно одбив да ја пробам среќата во белиот светм останувајќи му верен на својата љубов кон родниот град.
Од неодамна промовираната монографија по повод 50 години ОМУ „Методи Патче“ во Охрид
Публицитет.мк