Деветкратниот олимписки шампион Карл Луис изрази загриженост за правецот во кој се движи светската атлетика, тврдејќи дека овој спорт „умира“ посочувајќи дека „веќе нема луѓе како порано на стадионите за време на атлетските митинзи ширум светот“.
„На светските првенства во просек ќе се соберат по 25.000 луѓе, што е многу помалку отколку пред 20 години. Спонзорите исто така бегаат, атлетиката умира и тоа многу ме загрижување. Кога јас, Мајкл Џонсон, Едвин Мозес и Џеки Џојнер Керси заминавме во пензија, атлетиката беше на својот врв. Оттогаш, работите тргнаа во спротивна насока. Знам дека овој спорт е преубав, вратете се малку наназад и погледнете ги филмовите за Рим и Хелсинки, кога имаше над 60.000 луѓе по стадионите“ – истакна Луис.
Тој е особено разочаран од дисциплината скок во далечина, во која своевремено и самиот освојуваше медали.
„Машкиот скок во далечина во моментов е најлоша дисциплина. Ужасен е. Џеси Овенс би бил третопласиран на последните Олимписки Игри, тоа ви говори се. Неговиот личен рекорд од пред 80 години би бил доволен да земе медал во Лондон. Проблемот е што денешните атлетичари не знааст да скокаат и не се ни трудат да научат, бидејќи и вака освојуваат медали на големите натпреварувања. Мора да постојат стандарди, се оди на натпреварување за да се оствари врвен резултат, што би ви донел медал. Овде ситуацијата е обратно поставена“ – посочи Карл Луис.
Тој го искажа и својот став за се почестите допинг скандали со кои се поврзуваат атлетичари ширум светот.
„Не треба да бидеме емотивни кога станува збор за допингот. Тоа не е работа за емоции, тоа е бизнис. Дали сакате вашиот спорт да биде чист за младите кои доаѓаат, дали сакате да биде фер. Ако некој каже дека не верува повеќе во атлетиката како спорт, наша работа е да му го промениме мислењето. Потребно е да го „исчистиме својот двор“, а атлетичарите треба да сторат се што е во нивна моќ за да помогнат“ – рече Американецот на оваа тема.
Извор: www.ekipa.mk