Катерина Василеска долги години е активна во невладиниот сектор. Таа била и е иницијатор на низа успешни проекти реализирани преку Локалната агенција за развој во која работи а седиштето е во Струга. Од еден нејзин фејсбук статус посветен на нејзиниот пластеник и идејата да се занимава со земјоделство се „роди“ ова интервју.
– За мене оваа нова активност, е како молитва, како благодарност кон земјата-хранителка, како чудо кое ќе се случува пред мои очи – од таа црна обична земја ќе помагам да растат најразлични растенија кои ќе се храна за мене и за моето семејство.
Сето тоа знаење што ќе го имам би сакала да го споделам со што е можно повеќе луѓе, за и тие да го почнат истото. Пред се’ ќе вклучувам деца, за да научат да ја ценат земјата и да научат да си произведуваат храна. Време е за некоја нова сорта македонски земјоделци кои за земјата ќе учат толку редовно и заинтересирано како што би учеле англиски, вели Василеска во интервјуто за Публицитет.мк
Што Ве натера на ваков чекор и ваков проект?
Целиот хаос со кој сме опкружени, некоја колективна неосвестеност и игнорантскиот однос кон она што е вистински важно и неопходно за квалитетен живот. Сето ова веќе подолг период ме тера интензивно да размислувам, за тоа – што јас како единка со тоа што го имам и знам, можам да направам конкретно за оваа состојба да се подобри, или барем да не придонесувам за нејзино влошување. Претеран купување и складирање на секакви глупости во нашите фрижидери, домови, тела, умови и срца, без воопшто да помислиме дали навистина ни е потребно или всушност ни штети. Многу ми пречи овој начин на живот во кој супер маркетите и шопинг центрите ( и ФБ) ни се главно доживување.
Лудило. Кое за жал е толку прифатено од сите што веќе никој и не забележува колку длабоко сме загазени во него. Имав голема среќа да растам покрај луѓе, кои ја ценеа земјата, иако се преселиле од селото Речица си ги донесле со нив навиките да ја обработуваат земјата и да се хранат од неа. Моите баба и дедо (по страна на мајка ми) до последниот здив работеа земјоделие, а исто и мајка ми никогаш не престана да работи земјоделие и сега како пензионер создава вистински бавчи кои повеќе наликуваат на уметнички дела отколку на некој стереотип за валканата земја од која треба да бегаме демек во покултурни работи – канцелариски.
Значи најблиската фамилија ми беше почетна инспирација за овој проект. Понатаму, го искористив Интернет и веќе подолго време истражувам за тоа што и како може да се одгледува во различни сезони, нарачав да ми изработат пластеник, и од оваа година сакам да почнам да вежбам одгледување храна во тој пластеник. За домашна употреба засега. Голем импулс ми даде и Билјана од „Добра Земја“ – прва кооператива за производство на органска храна – продавница во Скопје која ја запознав есенва. Начинот на кој таа зборуваше за земјата ме остави без зборови и си реков морам што побрзо да почнам со земјоделие.
Не е ли претешко за една жена како Вас активна на многу општествени полиња да и’ се посвети и на земјата – хранителка?
Па се’ уште не сум почната со вистинската работа, засега ја имам само визијата и волјата, но самата помисла на тоа ми дава импулс, инспирација и воопшто не ми е претешка. Напротив, за мене оваа нова активност, е како молитва, како благодарност кон земјата-хранителка, како чудо кое ќе се случува пред мои очи – од таа црна обична земја ќе им помагам да растат нај различни растенија кои ќе се храна за мене и моето семејство. Фасцинантно ми е тоа, цел тој процес и едвај чекам да ми стигне расадот за да почнам со првото садење. Пластеникот е готов, ископан, подготвен. Инаку од активноста на многу општествени полиња добив многу стрес и нервози, и навистина ми е потребно нешто сосема поинакво каде од мојата активност ќе добијам конкретни плодови кои ќе придонесат за моето здравје. Работењето со земјата и одгледување растенија е една од најблагородните работи што можам да ги замислам, и доколку би имала доволно пари за живот, веројатно би се занимавала со земја, цвеќа, градини, органско земјоделство.
Што прво ќе засадите во пластеникот?
Зелена салата-марула, спанаќ, брокула, кељ, кромид, лук, блитва, цвекло (ќе го пресадам од бавчата во пластеникот). ги користам и лисјата од сите овие зеленчуци, така што не ми е многу важно да имаат плод туку да имаат лисја.
На кој начин е замислен проектот, индивидуално или ќе сте поврзана со други кооперанти и што ќе одгледувате и каде?
Засега ова е мој личен проект, како што кажав имам соработка со „Добра Земја“ кои ги контактирам за расади, контакти и совети од луѓе кои се поискусни. И секако мојата најголема поддршка – мајка ми која цел живот работи земјоделие и е многу пријатно изненадена што јас после сите тие големи школи, се решив да го научам и овој занает.
Се што се почнува со некоја одредена цел сигурно се мисли и до каде може да стигне. Кои се Вашите очекувања и реални замисли?
Да ми успее родот во пластеникот и поголемиот дел од храната која ќе ја јадам да биде од моето лично производство. Понатаму, напролет ќе работам и на отворено и планирам целата храна која ќе ја јадеме да си ја произведувам самата. И секако сето тоа знаење што ќе го имам би сакала да го споделам со што е можно повеќе луѓе, за и тие да го почнат истото. Пред се’ ќе вклучувам деца, за да научат да ја ценат земјата и да научат да си произведуваат храна.
Исто така, сметам дека земјоделието, треба да биде задолжителен предмет во формалното образование. Да ја цениме, и да сме и благодарни на земјата која сите не храни.
Имам чувство дека се повеќе луѓе сакаат ама некако не можат да се решат зашто земјоделството како да е табу тема, наследена од порано – гнасно е, ова – она… и дека сите треба да се стремиме да сме во некоја канцеларија и во најмала рака директори.
Верувајте ако нешто посебно сакам , тоа е на син ми да му го пренесеам моето чувство и сознание дека треба да ја цени и обработува земјата, а потоа ако е доволно паметен нека учи школи … Од земјата секогаш ќе има фајде, барем нема да остане гладен што и да се случи, со образованието човек никогаш не може да биде начисто дали ќе успее или не?
На крајот сметам дека едното не го исклучува другото , напротив се надополнува. Еве во примерот со мене. Мајка ми работи со години земјоделство има искуство ама јас најдов и открив многу други финти преку интернет што нас мајка ми и да и текнат не може да ги спроведе и треба вешт странски јазик, компјутери. Јас прашувам образовани луѓе кои земјоделството го имаат во малиот прст како што се вели и тоа од целиот свет.
Време е за некоја нова сорта македонски земјоделци кои за земјата ќе учат толку редовно и заинтересирано како што би учеле англиски со сета посветеност и свесност дека тоа ќе им треба.
Разговараше: Милчо Јованоски, Публицитет.мк