Сашо Митан, сопственик на Супер радио – Охрид
2015-та беше „бомбастична“ година во која зад нас оставаме многу важни настани за Охрид, но и за земјата и светот, кои ќе имаат сериозно влијание врз „мешањето на картите“ на локално и глобално ниво во периодот кој е пред нас.
Во поглед на градот и неговото живеење, за жал, се почесто се наоѓам себеси во улога на дежурен критичар, или како што вели една моја почитувана колешка, како еден од старците кои седат на балконот на „Мапет Шоу“. Навистина не е лесно да се стартува со -50 милиони евра, но во такви услови треба да внимаваш на ветувањата, затоа што секако ќе дојде време кога, како што велат Американците, ќе треба да „put your money where your mouth is“, или да го направиш тоа што си го зборувал. Затоа и генерално не се занимаваме премногу со локалната власт и нивните кружно тек(овни) достигнувања, патеки кои дел ги има дел ги нема, плоштади… Јасно е дека Охрид е жив град и мора да се развива, да расте и да го следи времето во кое живееме, но тоа не му дава право никому да си игра со најголемите добра кои ги имаме и кои ни се од Бога дадени – градот и езерото, без кои ќе бевме на ниво на просечно село од внатрешноста. Мое скромно мислење е дека мора да се направи детална стратегија за развој на Охрид барем за следните 10-20 години и потоа, кој и` да дојде на власт да мора безусловно да ја следи и спроведува. Да се ангажираат највидните локални имиња од секоја област, да се направат компаративни анализи со странски слични искуства, да се повикаат и луѓе од надвор, секако да се прави редовна координација со албанската страна во делот со езерото. Нема друго, се` останато е само гола политика.
Да не се обвинуваме меѓу себе кој бил виновен, виновни сме сите. Нема јавна свест, нема критичка мисла, медиумите се или купени или неважни или кренале раце. Се` што е зародиш на критика и секој кој не мисли како нас, се смета веднаш за смртен непријател. Царува егото и некомпетентноста, а тоа е исклучително опасно во комбинација со неограничена моќ и пари. Видете на кое ниво е Пливачкиот маратон, Св. Климентовите награди, што се подготвува за кејот, марината, плажата кај аеродромот, палми ни донесоа на секој чекор, спортската сала ја оставија 4 месеци без струја, исто и ОУ „Григор Прличев“, затворен базен почнаа и како го почнаа така застанаа…
На секој член на „седмата сила“ кој и малку сериозно ги следи состојбите му се јасни работите, а за другите, тие секако ќе најдат утеха во фактурите кои ги испраќаат секој месец. Мене ми е особено жал за „дереџето“ во кое дојде професијата која ја обожавав, која ми е во гените и од која сега бегам, но тешко ми оди да избегам. Пишувам понекогаш, кога ќе се преполни чашата во „Охридцките работи“, им фрлам по некој бисер пред нозе, со надеж дека можеби ќе го победат егото во себе и својата слабост и ќе прифатат барем нокт од подадената рака. Но тоа е тоа, кому колку што му дал Господ. И со тие пред овие беше исто, претпоставувам слично ќе биде и со следните…
Дебрца (во ликот и делото на Цветан Мицкоски) годинава го фати крстот, а моето Супер радио беше повторно на врвот во државата и тоа пет години по ред. Првиот пат ми беше многу многу мерак, но последните мерења од пред неколку месеци ми направија двојно поголем мерак, затоа што сега тоа го направија, скоро без никаква моја помош Тони, Јане и остатокот од тимот. Ставивме 23 свеќи на тортата, а годинава се повикавме на „животот и делото“ на најпознатата 23-ка на планетава, кошаркарот Мајкл Џордан. Направивме дресови за целата екипа и пријателите на радиото. Јавно сакам да им се заблагодарам затоа што ја продолжија успешната приказна. Не само што ја продолжија, туку и сериозно ја унапредија, сега и со комплетно ново студио и неколку нови и сериозно добри имиња во етерот.
Имавме одлично лето. Фала Богу што ја пушти ѕвездата на максимум едно 5-6 недели во јули и август, па се наполна градот. Инаку, со „кумановскиот старт“ ќе имавме лето со зимска исполнетост. Сепак, супер што испадна вака, па граѓаните кои се занимаваат со туризам ги наполнаа батериите…
Повеќе од две години сум дел од една сериозна приказна и заедно со еден голем тим го креираме „Новиот центар на градот“. Се надевам дека за брзо ќе ја завршиме оваа приказна, па ќе се префрлиме на втората. Во двете ќе има сигурност и среќа за 300-400 мои сограѓани, кои се надевам дека ќе ги спречиме да заминат некаде далеку. Најдов нова убавина во мајсторските шеги на чичко Танаско, Димитар, Роберт, Трене…
Сето ова ми краде и премногу од времето кое го заслужуваат моите Тања, Виктор и Јован, но гледам колку што можам квалитетно да им го надополнам. Се надевам дека во новата година ќе имаме повеќе кошарки и пливања во „Метропол“, дружби и кафиња со пријателите.
Од годинава уште две нови свеќи при секоја посета „на поле“. Во мај ми замина ненадејно мојот „стриц“ Горче, неодамна ни замина Лаки.
Сакам на сите ваши читатели да им посакам од срце мирна 2016-та, тоа некако прво ми се наметнува, па потоа се` по ред, здравје, успех, љубов и секогаш да сте во друштво на најмилите…
Сашо Митан