Вардар повторно ќе игра финале во Лигата на шампионите откако „црвено-црните“ со феноменалното второ полувреме успеа да стигне до целосен пресврт во пресметката со Барселона (29-27). „Вардарци“ бркаа седум гола негатива по првото полувреме, но неверојатната одбрана во последните петнаесет минути донесоа неверојатен пресврт и победа која ќе се памети со години и генерации.
Барселона уште од првата минута покажа многу поголема течност во играта во напад, но Милосављев со неколку извонредни интервенции не му дозволи на каталонскиот гигант од самиот почеток да се одлепи. Резултатот беше израмнет до 4-4, а потоа по исклучувањата на Калараш и на Скубе каталонскиот состав поведе со 7-4, благодарение на одличниот Абелјо Гомез, кој за неполни десет минути веќе постигна четири погодоци.
И повторно Милосављев одбрани два зицери (во 15. Минута стигна до седум одбрани), па со головите на Криштопанс и Карачиќ „црвено-црните“ намалија на 7-6. Сепак, проблемите за Вардар се зголемија откако во ритам влезе и Гонзало Перез де Варгас, па Барса поведе со „плус четири“ (12-8). Парондо побара тајмаут, но „вардарци“ се уште се мачеа да го најдат патот до мрежата на противникот, Дибиров промаши зицер, а Барса зголеми и на уште поубедливи 14-8. Долгиот „пост“ без постигнат погодок го прекина Карачиќ со гол за 14-9, Милосављев блесна со нова двојна интервенција, но Барселона со два гола од контранапад на одмор замина со убедливи 16-9.
Извор: www.ekipa.mk