На прес конференцијата одржана на почетокот на јуни оваа година во Охрид по повод започнувањето на новиот филмски фестивал „ Охрид филм фест“ на кој се прикажуваа ангажирани филмови од сите краишта на светот, познатиот српски актер Лазар Ристовски( кој беше почесен гостин на фестивалот и кој го отвори неговото прво издание) , за фестивалите рече: „ Лично мислам дека од фестивали никогаш не е доста.Сите велат: „ Лелеее … уште еден фестивал !“ Зошто не ? Фестивалите се места на кои доаѓаат дури и оние кои не одат во кино, а токму тогаш одат да ги видат филмовите.
Јас не знам дали е ова вистинската причина наскоро во Скопје да почне нов филмски фестивал именуван како КИНЕНОВА , кој за прв пат ќе се одржи во периодот помеѓу 5 и 9 октомври на повеќе локации во главниот град на Македонија. Во секој случај се работи за настан кој ќе предизвика интерес кај љубителите на филмската уметност( а и на оние другите).Познато е мислењето дека филмските фестивали како форма за ширење на филмската култура се мошне полезни од повеќе причини. Меѓу другото тоа се места на кои можат да се видат филмови кои обично не се прикажуваат на редовниот кино репертоар, тоа се места каде може да се разговара за филмот со неговите творци , место каде можат да се разменат мислења помеѓу постителите за поедини филмски остварувања и конечно тоа се места каде се регрутира нова млада публика која филмот го доживува како уметност а не како обична забава.
Можеби токму овие причини се главниот мотив организаторите да започнат еден нов фестивал покрај двата досегашни филмски фестивали на играни филмови кои години наназад се одржуваат во Скопје.
Се поставува прашањето по што ќе се разликува овој нов фестивал од веќе постоечките? Според организаторите тоа се:
- Да го реафирмира и поддржи филмското творештво во Македонија
- Да ја поврзе македонската кинематографија со другите светски кинематографии и да воспостави контакти и силни врски, особено со оние сличните, помали кои тешко го пробиваат патот на големите светски пазари и фестивали и така да овозможи вмрежување на истите.
- Да им овозможи на новите филмски автори да ги претстават и промовираат своите дебитантски дела пред широка публика и стручна јавност.
- Да се откриваат нови филмски автори преку овозможување на простор каде тие ќе ги претставуваат и развиваат своите проекти заедно со скрипт доктори и продуценти.
- Да ги поддржи регионалните и Европски кинематографии и да ги охрабри за уште поголема поддршка на авторите кои штотуку почнуваат да ја трасираат својата патека во филмската индустрија.
- Фестивалот особено ќе ги поддржува оние автори кои имаат храбар и ангажиран однос во пристапот и во изборот на темата, и кои актуелизираат прашања кои се под површината на секојдневие.
-

Селектор на фестивалот КИНЕНОВА е Марина Костова ,една од најреномираните филмски критичарки и новинарки кај нас. Членка е на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ) и учествувала во жирија, меѓу другите и на филмските фестивали во Венеција, Оберхаузен, Осло, Котбус, Сараево, Истанбул, Солун, Виена, Кемниц и други. Таа е авторка на монографијата „Манчевски“ и на книгата „Дожд, светот за ’Пред дождот’ на Милчо Манчевски“. Била коселекторка на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ и советничка на Солунскиот филмски фестивал. Работела истражувања за потребите на филмовите „Прашина“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Големата вода“ на Иво Трајков и „Боли ли“ на Анета Лешниковска.
За фестивалот селекторката Костова вели:„Киненова“ е единствен фестивал во Македонија и еден од малкуте во Европа и во светот чија главна селекција е фокусирана на дебитантски или втори филмови на авторите. Покрај главната селекција, има и неколку паралелни програми, чија цел е да даде содржаен пресек на дела од светските и балканските кинематографии. Една од најинтересните програми е и „Прв и последен филм на реномиран автор“, а за првото издание го избравме Корнелиу Порумбоју, еден од најоригиналните романски и европски автори во последнава деценија. Имаме и многу солидна селекција на кратки филмови.
Во главната селекција за наградите најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобар филм според публиката ќе се натпреваруваат девет филма, што ќе ги оценува меѓународно жири. Некои од авторите што ќе бидат во конкуренцијата ќе дојдат во Скопје како гости на КИНЕНОВА и со нив ќе има сесија разговор со публиката по проекциите на нивните филмови. За најдобрите кратки филмови исто така ќе одлучува меѓународно жири.
Главната програма на фестивалот е натпреварувачка и е составена од дебитантски и втори филмови. Предвидени се кино проекции на филмови на млади режисери од Аргентина, Германија, Иран, Америка, Грција, Србија, Бугарија и од Романија. Во текот на фестивалот, ќе се одржи и филмска работилница за развој на краткометражни сценарија под менторство на американскиот скрипт доктор Џон Стивенс.

Претседател на жирито ќе биде Разван Радулеску а како членови познатата хрватска актерка Мира Фурлан и Галина Тонева. Тие ќе ги доделат наградите за најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио. Публиката ќе додели награда за најдобар филм по свој избор.
Жирито за официјална селекција на кусометражни филмови е во состав Дејан Дабиќ како претседател и Мануела Цернат и Вардан Тозија членови.Тие ќе ја доделат наградата за најдобар кусометражен филм.

Во конкуренцијата по главната награда ќе се најдат: возбудливата студија на посткомунистичкото милје „Слава“ на Петар Валчанов и Кристина Грозева од Бугарија, што ќе го отвори фестивалот; камерната психолошка драма за напнатата врска мајка-ќерка „Мајчина земја“ на Сенем Тизен од Турција; документарецот за масовна гробница откриена близу Белград „Длабочина 2“ на Огњен Главоњиќ од Србија; личната драма на тинејџерка што очекува бебе „Фаќање “ на Мика Маги од САД; експерименталната психодрама „Прекин“ на Јоргос Зоис од Грција; социјалната комедија „Два лоза“ на Паул Негоеску од Романија; крими-драмата „Бафало“ на Кавех Сајад Хосеини од Иран; роуд муви-приказната за пријателство „Пат за Ла Паз“ на Франсиско Вароне од Аргентина; и драмата за смртта, сексот и семејните тајни „Џонатан“ на Пјотр Левандовски од Германија.

Како што соопштуваат организаторите, покрај хрватската актерка Мира Фурлан на фестивалот во Скопје како гости ќе бидат и српскиот актер Сергеј Трифуновиќ и неговиот брат и колега Бане Трифуновиќ по повод македонската премиера на филмот „Бурек“, кој е работен во српско-американско-грчка копродукција. Дел од програмата на фестивалот е и филмот „Смрт во Сарајево“, во режија на оскаровецот Данис Тановиќ, кој оваа година беше прикажан како дел од главната програма на Берлиналето. На кино премиерата пред скопската публика ќе гостува младиот актер во подем Мухамед Хавзовиќ, кој игра двојна главна улога во филмот, односно ликот на Гаврило Принцип и роднина на Гаврило Принцип.
– Чест ни е што во рамките на првото издание на „Киненова“ можеме да се пофалиме со навистина звучни имиња од областа на филмската уметност. Сакавме на целиот настан да му дадеме тежина со тоа што ќе поканиме еминентни имиња кои ќе бидат дел од жирито, како и наши гости за време на кино проекциите. Се надеваме на успешни фестивалски денови и незаборавно дружење со скопската публика, а оваа пригода ја користам да ги повикам сите љубители на седмата уметност да ни се придружат од 5-9 октомври и да уживаме во авторските филмови кои многу внимателно беа селектирани за првото издание на КИНЕНОВА, вели Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот.
Програмата на КИНЕНОВА ќе биде дисперзирана низ неколку локации и тоа: Кино Култура, Дом на АРМ, Кинотека на Македонија. Повеќе информации во врска со фестивалот и програмата има на веб страницата: http://www.kinenova.com/
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк






