МЕПСО склучи договори за изградба на 400 kV далекувод ТС Битола 2 – ТС Елбасан и 400/110 kV трафостаница „Охрид“.
-Со двата капитални проекти на МЕПСО – нов 400 киловолтен далекувод што ќе ги поврзува електропреносните системи на Република Северна Македонија и на Република Албанија, и новата 400/100 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид, вредни 35 милиони евра, со поддршка на Европската банка за обнова и развој, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски во своето обраќање на настанот по повод потпишувањето на договорите на АД МЕПСО со „Енергоинвест“ од Република Босна и Херцеговина и со „Кончар“ од Република Хрватска, за изведба на овие проекти.
Тоа значи, рече премиерот Спасовски, дека електро-енергетските преносни системи на овие наши пријателски земји ќе бидат поврзани и ќе се стекнат со можност да се надополнуваат едни со други секогаш кога за тоа ќе има потреба.
-Во целиот овој процес МЕПСО е клучната за соодветна енергетската инфраструктура за да се обезбеди квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството, кое е еден од најважните предуслови за економски раст и развој на Република Северна Македонија. Без да се инвестира во енергетскиот сектор не можеме да зборуваме за раст и развој. Без вложување во модернизација на електромрежата, не може да се зборува за просперитетна држава, за систем што создава подеднакви услови за сите, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија, Спасовски.
Спасовски потенцираше дека Владата давала, дава и ќе продолжи да дава безрезервна поддршка на МЕПСО за зголемување на преносниот капацитет на мрежата, за модернизација на електроенергетските постројки и за изградба на нови објекти во преносната мрежа на Република Северна Македонија.
-Со овој инвестициски циклус со кој се модернизира преносната мрежа на МЕПСО, ќе се зацврсти положбата на оваа компанија, која и сега е столб на сувереноста на Република Северна Македонија во енергетска смисла. Инвестираме во мрежата. Воведуваме европски и светски трендови во електроенергетската дејност, го либерализиравме и го развиваме пазарот на електрична енергија, истакна премиерот Спасовски.
На настанот по повод потпишувањето на договорите на АД МЕПСО со „Енергоинвест“ од Република Босна и Херцеговина и со „Кончар“ од Република Хрватска за изведба на овие проекти, беше нагласено дека со овие инвестиции се подига степенот на стабилноста на електроенергетските системи за подобра продуктивност што е од интерес за домашните и странските инвеститори кои имаат придонес во растот на економијата.
Во исто време, таа е и силен партнер со соседните електроенергетски системи и на тој начин, и преку МЕПСО, Република Северна Македонија е поврзана со регионот, но и со цела Европа.
Публицитет.мк