Љубителите на филмот и во месец септември ги очекуваат мошне интересни филмски остварувања од сите жанрови. Меѓу нив нема таканаречени потенцијални блокбастери бидејќи тие се чуваат за кон крајот на годината.А кога веќе ги споменавме нив, еве една интересна информација објавена деновиве во која се вели дека заработката во кино салите од мај до 7 септември во северна Америка изнесувала 4,5 милијарди долари што е поголем за 400 милиони долари во однос на изминатата година.До крајот на годината заработката се очекува да ја надмине бројката од 11 милијарди долари, имајќи ги во предвид и очекуваните приходи од филмовите „ Војна на ѕвездите“ и новиот филм за тајниот агент Џејмс Бонд.Но ,да ги оставиме бројките и да видиме што ќе гледаме во септември.
90 МИНУТИ ВО РАЈОТ

Драмата „90 минути во рајот“ својата средба со публиката во кино салите ќе ја има во петок на 11. септември. Се работи за драма во режија на Мајкл Полиш а е снимен врз база на биографскиот роман на Дон Пајпер кој бил вистински бестселер. Интересно е дека се работи за прв филм на компанијата Гивин Филмс која е сестринска фирма на малопродажниот синџир на Семејството христијански продавници. Оваа компанија планира целиот профит од филмот да го донира во добротворни цели. Буџетот на филмот изнесувал 5 милиони долари.Главниот лик во филмот, Дон Пајпер, доживеал ужасна сообраќајна несреќа и бил прогласен за мртов на местото на настанот.90 минути подоцна тој бил донесен во собата за итни случаи и бил вратен во живот.Тој ,откако дошол при свест тврдел дека го видел рајот и дека таму се сретнал со починатите роднини.Главните улоги во филмот ги толкуваат Хајден Кристијансен кој го игра ликот на Дон Пајпер и Кејт Босфорт во улогата на неговата сопруга Ева Пајпер.
ПОСЕТА

Истиот ден , на 11. Септември,пред публиката премиерно ќе биде прикажан филмот „Посета “хорор комедија во режија на познатиот индиски режисер М.Најт Шјамален кој во 2002 година се прослави со филмот „ Шесто сетило“.Посетата на бабата и дедото не е весело искуство за секое дете.Откако ќе ги испрати својот син и ќерка во посета кај нивните баба и дедо, самохраната мајка ќе открие дека работите во животот на нејзиното семејство не се онакви какви што се чини дека се.Откако нивниот дедо на внуците ќе им забрани по 21,30 часот да излегуваат од собата, започнуваат да се случуваат страшни работи кои ја откриваат вознемирувачката тајна на нивната баба.Затоа братот и сестрата мораат да бегаат за да го спасат животот…Во филмот чиј буџет изнесувал 5 милиони долари, главните улоги ги толкуваат:Оливија Де Џон, Ед Оксенбулд, Деана Дунаган,Питер Мек Роби и Кетрин Хан.Како ќе помине овој најнов филм на режисерот Шјамален останува да се почека и да се види. Ова особено важи за него бидејќи иако сними досега десетина филмови тој не успеа да го повтори успехот на филмот „ Шесто сетило“ во кој Брус Вилис ја направи сојата најдобра улога.
СИКАРИО

Една недела подоцна,на 18.септември,во ограничен број кино сали во САД, но и во кино салите на Финска, Естонија,Шведска, Турција и Виетнам ,ќе започне да се прикажува акционата крими драма „Сикарио“ на режисерот Денис Виленев во која главните улоги ги толкуваат Емили Блант,Бенисио Дел Торо и Џош Бролин.
Во Мексико зборот„сикарио“ значи “ убиец“.Младата ФБИ агентка Кејт Мецер е избрана да и’ се приклучи на тајната служба ЦИА во операцијата која има за цел да го симне водачот на мексиканскиот картел. Во таа задача нејзе ќе и помага еден консултант со сомнително минато.Но тоа ќе биде работа која нејзините етички и морални вредности ќе ги доведе до самата граница и ќе ја натераат да го преиспита сето она во што дотогаш верувала.
Филмот својата светска премиера ја имаше во рамките на годинешниот Кански филмски фестивал како дел од натпреварувачката програма.
Поголемиот дел од филмот,кој имал буџет од 32 милиони долари, бил реализиран во градот Албакери,инаку најголемиот град во американската сојузна држава Њу Мексико.
ЗАРОБЕНИШТВО

Филмот „ Заробеништво“ преставува криминалистички трилер со драмски елементи кој е снимен според вистински настан. Филмот е во режија на Џери Џејмсон а главните улоги ги толкуваат Дејвид Ојелово, Кејт Мара, Мајкл К. Вилијамс ,Леонор Варела, Џесика Ојелово и Мими Роџерс.Снимањето на филмот започнало во октомври 2013 година на локации во северна Каролина а пред судот на публиката доаѓа на 18 септември оваа година.
На 11 март 2005 година ,Брајан Николс бега од судницата на Округот Фултон во Атланта и тоа за време на судењето во кое тој е обвинет за силување.За време на судењето тој го убива судијата Роуланд Барнс кој председава со неговото судење, како и судскиот новинар Џули Брандау.Тој,истотака додека бега од затворот пука во наредникот Хојт Тешли а потоа и во агентот Дејвид Е. Вилхелм во неговиот дом.Потоа Николс ја киднапира младата жена Ешли Смит и ја користи како заложник и бара откуп за неа.
ХОТЕЛ ТРАНСИЛВАНИЈА

На 25 .септември во киносалите во САД но и низ повеќе земји во светот, по втор пат ќе пристигне омилената вампирска дружина од анимираниот филмски хит „ Хотел трансилванија 2“.Дракула,Мавис,Џонатан,Франкештајн, Мумијата, Невидливиот човек и останатите јунаци ќе ги отворат вратите на познатиот хотел за уште една луда урнебесна авантура во која гледачите ќе проследат урнебесна авантура во која ќе запознаат и некои нови ликови, а еден од нив е малечкиот син на Мавис ,Џонатан.
За хотелот Трансилванија се чини дека работите конечно тргнале во добра насока…Хотелот на Дракула кој во почетокот како гости прифаќал исклучиво само чудовишта, сега е отворен и за луѓе. Но, она што сега најмногу го загрижува Дракула е наговата сериозна загриженост дека неговиот пресладок внук ,кој всушност е половина човек половина вампир, не покажува никакви знаци на вистински вампир. Додека Мавис се наоѓа во посета кај родителите на Џони, каде го очекува вистински културен шок, Дракула ги моли за помош своите пријатели Френк, Мур, Вејн, и Грифин , со својот внук Денис да поминат низ еден вампирски тренинг . Меѓутоа, никој од нив не е свесен дека таткото на Дракула мошне, мошне стариот и многу, многу старомоден Влад доаѓа во посета на семејниот хотел. А згора на тоа кога ќе дознае дека неговиот правнук не е чистокрвен вампир и дека сега во хотелот Трансилванија можат да престојуваат и луѓе, работите излегуваат од контрола.
Првиот филм „ Хотелот Трансилванија“ од 2012 година ги освои гледачите ширум светот заработувајќи преку 350 милиони долари.
Гласовите на главните јунаци им ги позајмуваат:Селена Гомез, Адам Сендлер, Ник Оферман, Стив Бускеми, Енди Самберг, Кевин Џејмс и други. Режисер на филмот кој овој пат е изработен во 3Д техника е Генди Тартаковски.
ПРИПРАВНИК

Бен Витакер е 70 то годишен вдовец кому му недостига акција! Впрочем ,доста му е од пензијата и безделничењето.Затоа одлучува да ја зграби шансата која му се укажала – да стане приправник на еден моден интернет магазин кој го уредува Жил Остин, а кој станал вистински хит ,иако започнал само пред една година и пол од нејзината –кујна.Жил во почетокот гледа со недоверба кон можностите на Бен. Таа нема време претерано да се грижи за него, особено што мора да балансира помеѓу работата , својот сопруг Мет и ќерката Пејџ. Меѓутоа ,Бен ќе се покаже многу покорисен отколку што е само неговиот придонес на работа…
Режисер на оваа комедија е Ненси Мејерс а главните улоги ги толкуваат Ен Хатавеј ,Роберт Де Ниро, Дрена Де Ниро (инаку ќерка на Роберт Де Ниро),Рене Русо, Адам де Вин и други. Роберт Де Ниро во својата богата актерска кариера честопати знае да настапи и во комедии каде извонредно се снаоѓа.Така се памети неговиот настап во комедијата „Анализирај го тоа“ и неговото продолжение ,потоа во серијалот комедии за семејството Фокерови но и во полициската комедија „ Време е за шоу“. Неговата партнерка Ен Хатавеј ,која пред три години освои оскар за својата улога во филмот „Клетници“ , всушност се прослави со улогата во еден друг сличен филм на „Приправник“ . Беше тоа филмот „ Ѓаволот носи Прада“ каде настапи покрај големата Мерил Стрип.
МИСИСИПИ ГРИНД

Навистина е огромен бројот на филмови во кои се говори за професионалните коцкари но и оние на кои коцкањето им значи многу во животот.Еден од последните кој за тема го има коцкањето е именуван како „Мисисипи гринд“ во режија на Ана Боден и Рајан Флек кои се потписници на сценариото за овој филм.Во филмот главните улоги ги толкуваат Бен Менделсон, Рајан Рејнолдс, Ивона Лендри, Ентони Хауард , Џејсон Ворнер Смит и други.
Гери е талентиран покераш, неговата коцкарска навика е она што е најдоброто кај него.Еден ден ,тој се среќава со Кертис едно харизматично младо момче.Сметајќи дека Кертис има шарм и среќа, Гери го убедува да патуваат заедно.Коцкањето ќе ги однесе на југ кон легендарната високоризична покер игра во Њу Орлеанс. Добивки и загуби ,победи и падови се дел од она што ги очекува во овој коцкарски рај. Тоа само го зацврснува нивното пријателство…
Филмот својата светска премиера ја имаше на 24 јануари за време на познатиот филмски фестивал за независен филм –Санденс. Пред публиката во кино салите во САД и остатокот од светот ќе започне да се прикажува од 25 септември.
Ѓоко Симјаноски / Публицитет.мк






