За креативноста, како феномен, стил на живот и секојденевие
Живееме во еден свет во кој повеќето млади гледаат на работите црно-бело и најчесто се губат во своето секојдневие, обврски и проблеми. Живеејќи ваков брз живот, најчесто забораваме да се опуштиме и да бидеме предводени од длабоките филозофии и идеи скриени во нашиот мозок. Дали во еден ваков програмиран свет, младите имаат заборавено како е да се биде креативен или баш напротив, дали креативноста е се` уште жива меѓу младите и успешни луѓе?
Затоа ние од Публицитет.мк решивме на неколку млади да им ги поставиме следните прашања и да дознаеме кои се нивните ставови и размислувања:
- Што е за тебе креативност? Што подразбираш под поимот креативност?
- Дали си креативен/на? Кога си најкреативен/на?
- Дали сметаш дека креативноста е дел од формулата за успех во било кое подрачје?
- Дали креативноста е вродена карактеристика или може да се стекне?
- Што е последното најкреативно нешто што го имаш направено?
Еве ги и одговорите:
Јордан, 17: За мене креативност е состојба во која луѓето на најразлични, интересни начини ги изразуваат своите чувства, ја претставуваат својата состојба или решаваат некој проблем. Најкреативен сум кога треба да учам и исто така во доцните ноќни часови. Да, мислам дека креативноста е дел од формулата за успех, но не мора секогаш да значи. Луѓето што се покреативни имаат поголема шанса да успеат. За четвртото прашање би одговорил дека креативноста не е вродена, туку таа ‘just happens’.Најкреативното нешто што го правам особено во последно време се арт- фотосесиите со пријателите.
Нина, 21: Под креативност подразбирам способност за осмислување нешто што е поразлично од она што ни е веќе познато. Мислам дека сум креативна, бидејќи самата се сметам за автор и често сакам да пишувам. Според мене, креативноста доаѓа во вистинскиот момент, нема тајмер ниту може да се поттикне. Креативноста дефинитивно е дел од формулата за успех, ако правиме се` исто како што правеле луѓето пред нас нема да имаме никаков напредок. Промената е единствена константа, а креативноста носи промени. Мислам дека креативноста се стекнува со искуство, во зависност од ситуацијата во која се наоѓаме и дали треба да најдеме некое ново решение за потенцијален проблем којшто го имаме. Креативноста не е иста со талент, такашто не мислам дека е вродена. Последното најкреативно нешто што го имам направено е тоа што напишав музика и текст на една моја нова песна.
Елеонора, 17: Креативноста е нешто што се крие длабоко во сите нас, според мене да бидеш креативен значи да имаш способности дури и од ништо да направиш нешто и да гледаш во секојдневните работи на поинаков начин од другите. Јас лично сум најкреативна во доцните часови, тогаш се чувствувам изморено, но голем број мисли и идеи ми доаѓаат во главата. Ако во моментот не сум способна да ги реализирам ги запишувам за другиот ден да бидат реализирани. Во денешното општество од нас се бара да сме креативни, а според мене не е тоа клучно за да постигнеш успех, повеќе се крие во знаењето, но креативноста не одмогнува во процесот на успевање, туку значително помага. Креативноста е вродена, како што претходно споменав, мислам дека во сите нас се крие креативен човек, сите сме способни за да бидеме креативни, но кај некои е потешко да се разбуди таа креативност додека пак кај други таа е секогаш будна. Често правам иницијативи за со моето друштво да правиме нешто забавно и необично, за да не ни личат деновите еден на друг, мислам дека за тоа е потребна креативност. Исто така, многу сакам да учествувам во изненадувањата кои ги правиме за секој роденден на некој близок, интересно е што може да се постигне со малку пари, труд, внимание, а и малку креативност.
Стефан, 19: Креативноста е еден поинаков, поинтересен начин на размислување на луѓето. Таа го прави решавањето проблеми полесно и позабавно, но не само тоа туку и нашето секојдневие. Јас поимот креативност го разбирам како ‘out of the box’ размислување, кое ги гледа нештата од поинаква перспектива. Јас, искрено, сум најкреативен во подоцните часови. Мислам дека креативноста игра улога во постигнувањето успех на поединци, бидејќи сите сакаат да слушнат поинакво размислување, кое за нијанса некогаш е подобро од она стандардното. Сметам дека луѓето се раѓаат креативни, а во подоцните фази на животот тие само ја надградуваат таа креативност, како што нивното видно поле се зголемува и како што го запознаваат светот.
Дијана, 21: Креативност за мене е едноставно оргиналност, способност да направиш нешто интересно, поинакво, нешто, на пример, уметничко, нешто со што можеш да го истакнеш својот стил и себеси без копирање. Да, јас сум креативна и најкреативна сум навечер. Мислам дека креативноста е дел за постигнувањето успех ама може и да не биде во твоја полза ако не знаеш како да ја употребиш правилно. Дефинитивно мислам дека креативноста е вродена карактеристика и последното најкреативно нешто што го имам направено е мандалата којашто сама ја нацртав, вложив многу време и труд и сега гордо виси на мојот ѕид.
Изи, 20: Под креативност подразбирам способност да се користи имагинација, иновативност и оргиналност за создавање идеи и остварување на истите. Себеси се сметам за креативна личност, со оглед на тоа дека имам долгогодишно искуство во цртање. Најкреативна сум тогаш кога сум понесена од некои чувства, било среќни или тажни.Апсолутно би се сложила дека креативноста е формула за успех во секое поле, бидејќи секоја професија помалку или повеќе бара од луѓето креативно да пристапат и придонесат со помош на нините нови и оргинални идеи. Може да се каже дека креативноста е и вродена, но може и да се стекне. Вистина е дека некои луѓе ја носат креативноста во себе уште од најмали години, но сепак таа може да се стекне со малку повеќе труд и искуство. Последното, најкреативно нешто што сум го направила: нацртав цртеж на бела маска за мобилен телефон, така што сега ја имам најуникатната маска која не може да се најде во ниедна продавница.
Сара, 18: Креативноста е изразување на уникатноста на една индивидуа, процес во кој до израз доаѓа артистичката страна на поединецот и со кој е подготвен да инспирира други луѓе. Да, јас се сметам за креативна личност. Колку повеќе човек ги турка границите во сите сфери на живеењето, толку повеќе ја развива и збогатува креативноста, но сепак мислам дека креативноста не е вродена. Последното, најкреативно нешто што го направив е тоа што цел ѕид го украсив со разгледници од различни места на светот.
Милена, 17: Според мене креативност е замисла, идеја, само треба доволно имагинација која ќе не` донесе до светот на креативноста. Најискрено, најкреативна сум кога сум тажна, бидејќи креативноста произлегува од меланхолијата. Најчесто сум креативна во доцните часови или рано наутро. Креативноста не само што е дел од формулата за успех, туку и од формулата за живот. Еден процент си роден со креативност, а другите 99 проценти се стекнуваат, исто како и во математиката- еден процент е талент, а другите 99 проценти се во праксата. Последното креативно нешто што го направив беше подарокот за мојата мајка за 8-ми Март. Во малечка тегличка ставив лента од наши слики, а стаклото го направив со светки. Покрај некои други додатоци, ставив и малечка порака во која ги искажувам моите чувства кон неа.
Ана, 20: Според мене креативноста е начин на слевање на имагинацијата и новите идеи во реалност. Креативноста всушност е способност светот да се види од една поинаква призма, дисперзија од скриени фигури и можност да се создаде мост помеѓу навидум неповрзливи работи. Да, креативна сум, особено навечер кога можам да ги пуштам мислите да ми одлетаат и да се сплотат со сјајот на ѕвездите. Според мене, креативноста е неопходна за успех зато што кога е искористена во какво и да е било дело, дали уметничко или професионално, дава посебна нијанса на апстрактивност. Креативноста може да се стекне, доколку желбата да се сфатат сите можни контрасти и парадокси кои постојат во денешното време, е голема. Последното креативно нешто што го имам направено е дизајн на веб-сајт.
Иво,19: Креативност за мене е се`, не можам да објаснам зошто, но… само начинот на којшто ја гледам креативноста е необјаслив. За сите има различно значење. Пример логото од бендот Twenty One Pilots за мене е многу креативно зашто претставува одвојување од обичното или раздвојување, бегање од здодевното, да си различен, можеби и чуден, а за други кога ќе го видат логото тоа се само линии на црна позадина. Да, јас сметам дека сум креативен и тоа најповеќе кога сум тажен. Креативноста не е секогаш дел од формулата за успех, можеш да си здодевен и пак да успееш ама ако си креативен уште повеќе ќе успееш. Сметам дека е вродена карактеристика, секој е креативен, дури и оние кои велат дека не се креативни се, само ги мрзи да мислат и да се трудат. Најкреативното нешто што последно го направив: лажев, ха, ха.
Можеме да заклучеме дека сите беа навистина креативни со нивните одговори. Како и да е креативноста е се` уште присутна и многу од денешните млади луѓе се потпираат на нивните идеи и уживаат да го обојуваат денешниот црно-бел свет со боите на нивната креативност, младост и енергичност.
Пишува : Дамјана Видическа