На овој ден, пред 28 години, во божјите небеса се вивна душата на нашиот голем македонски и светски човек и раскажувач, велгоштанецот Живко Чинго.
Неговата слобода на размислување и изразување, беше и останува инспирација за сите млади творци. Тоа го потврдува и бројката на учесниците на конкурсот за најдобар расказ за кој Општина Охрид ја доделува наградата „Живко Чинго“. Оваа година ни пристигнаа 73 раскази во по 3 примероци, така што секој од тричлената комисија составена од книжевниците Смиле Наумоски, Тоде Илиевски и Милчо Јовановски, имавме можност самостојно да ги прочитаме и да извршиме избор. Кога се состанавме да го изнесеме изборот на најубавиот расказ бевме воодушевени од тоа дека тројцата сме го избрале истиот расказ со наслов МОЈАТА КУЌА ВО КРС ЏАМИЈА со шифра „Куќа“.
ЕВЕ ЗОШТО ГО ИЗБРАВМЕ ОВОЈ РАСКАЗ:
Мораме уште веднаш да кажеме дека станува збор за маестрален расказ што упатува на автор што знае да состави композиција со дијамантска структура: толку едноставна, функционална и со моќ да понесе силна и отворена тема.
Воведот – „Денес ја уриваат мојата куќа и ова е за мене еден сосема убав, пристоен ден.“, е предизвикувачка изјава што уште веднаш го вовлекува читателот и го води низ композицијата во нејзините длабочини. Тоа е како првиот поглед врз „Мона Лиза“ од Леонардо Да Винчи што ви го предизвикува прашањето: Дали плаче Мона Лиза или пак, се насмевнува? Стилот на раскажување, во делот на сочноста на изразот е доволна паралела на Чинговиот за да има сличности, а начинот на приказ и опис на карактерните особини, расположението, настанот, доволно различни за да може да се каже дека Живко Чинго навистина е повеќе од доволна инспирација за растот на нови и нови, оригинални раскажувачи што ќе сведочат низ времињата за македонскиот амбиент, македонската болка, за страданијата но и за љубовта кон нашата традиција и болката што таа ја создава во колективната македонска душа.
Расказот „Мојата куќа спроти Крс Џамија“ е многуслоен од повеќе гледишта:
Прво, сегашното и минатото време за првпат се испреплетени и во заедничка служба за приказ на идното време.
Второ, внесувањето на имагинарниот лик – сестрата на раскажувачот е потсилувач на болката што ја носи секој кој што нема со кого да сподели дел од тагите или радостите. Лик посакуван и создаден за совладување на самотноста.
Трето, спомените не се пренесуваат низ настани туку низ слики, бои, мириси и звуци.
Четврто, Болката од уривањето на сеќавањата на старите болки, создава нова болка што од расказот преминува врз читателот како вознемир, потсетник и предупредување.Димитар Димоски насочено не води низ темата што со колоритен јазик ја развива, ослободен од надворешната форма што би значела – описот на настанот. Тој е сконцентриран на суштината што значи – внатрешна слика или опис на чувства. Тоа што го чини силен овој расказ е создавањето мозаик на слики од чувства што исчезнуваат пред неизвесноста. „Можеби во куќата ми било убаво. Додека гледам како ја уриваат, не можам да се сетам на тоа. Впрочем, од целото мое постоење тука, јас го паметам само детството. Мислам дека детството е едеинствената надреалност во животот на еден човек.“, продолжува натаму раскажувачот и ја плете мрежата од противречност на Едното само со себе и меѓусебната противречност на мноштвото. Уште една одлика што не може да се одмине е мајсторството да се остават белини во мозаикот кои ја поттикнуваат имагинацијата на читателот наведувајќи го да стане составен дел од овој расказ и да го препрочитува проникнувајќи се подлабоко и подлабоко низ повекеслојноста.
На крајот, наместо вознемирот, раскажувачот како со последна димензија, завршува со спокојството кое како антитеза на самото-себеси уште повеќе внесува вознемир: „Во мирот се збогувам со Магдалена, која ме напушти наеднаш, со мојата несредена, простодушна сестра и изгрејсонцето во правец на Крс Џамија со своие лепрозни улички и деца кои се прашуваат каков вкус има црвената боја. Шепотам еден измислен збор и заминувам нокта, на умирањето на мојата куќа. Јас и таа почиваме во иста земја и нема веќе да ни врне дожд, да ни дува ветар, ниту да ни влегуваат мртви материи како месечевата светлост. Нема ни мирис на јаглен, затоа што веќе не мирисаме на ништо.“
Ова е крајот на настанот, но почеток на желба за препрочитување на овој расказ кој е потсетник дека доаѓа времето кога во Македонија треба да се создава амбиенталната книжевност, музика, сликарство, вајарство, време на амбиенталната уметност како претставник на спецификите на македонската афтентична култура пред светската јавност.
Му честитаме на Димитар Димоски и му посакуваме плодни творечки години!!!
13 август, 2015 г. Велгошти
Во име на жирито:
Смиле Наумоски,
Тоде Илиески
Милчо Јованоски за избор на најдобра кус расказ „Живко Чинго“ распишан од страна на Општина Охрид
Претседателот на жирито Смиле Наумоски на младиот охридски творец Димитар Димоски вечерта по доделувањето на наградата му го врачи текстот во кој е содржана причината зошто неговиот расказ беше избран за најдобар.
Редакцијата на „Публицитет.мк“ го објави расказот во целост, а сега еве и критичкиот осврт кој веруваме ќе им помогне на сладокусците на расказот,како литературна форма, полесно да навлезат во суштината на уметничкиот израз на младиот Димоски и многуслојноста на неговото писание.