Константин Миладинов: ШУПЕЉКА
Ушче ко си беф малечек,
Од клас си писка напраиф,
Со неа свиреф, подскаквеф,
И по зелени ледини
Си трчах по пеперуги.
Достигле други години.
Да свира мило ми беше.
Радосен свирка напраиф
И со моите другари
Играф со срце весело,
Трчаф по поле широко,
Шетаф по гори високи,
И низ езера поминаф.
Сега се други времиња.
Ја сега нејќу да трча,
Не ми е мило да шета,
Ни сака игри другарски.
Сега шчо ми е најмило
Дружба да има шупељка,
Да најда место високо
Под ладна сенка дабоа:
Пред мене поле широко,
Под ноѕе рече да течит,
Над глава ветар да шумит;
И ја на дабот навален,
Да свира со шупељката
Как ќе ме учит срцево.
Избор: Ристо Лазаров
Константин е најмалото, седмото дете во семејството, родено неколку месеци по смртта на таткото. Сепак, имал полесни услови за школување поради брат му Димитрија кој го зел под своја закрила. Кај него го завршил основното училиште, гимназија завршил во Јанина, а на студии се запишал на Филозофскиот факултет во Атина (3 години). Сакајќи да се школува на словенски јазик оди во Москва каде студира Словенска филологија. Таму се разболел од туберкулоза и тргнал кон дома. Патем се среќава со Јосип Јурај Штросмаер и во Загреб го отпечатува „Зборникот“. Дознава дека брат му е затворен и наместо дома, заминува во Цариград за да му помогне, но и него го затвараат. Во јануари 1862 починува во затворот во Цариград, а два дена по него и брат му Димитрија.
Публицитет.мк