Модерно време, модерен начин на комуникација. Социјалните мрежи беа посредникот. Испративме прашања, Крсте ги одговори. Останаа уште прашања, за некоја друга пригода.
Каде е што прави Крсте Шопоски по работата во „Отекс“?
-Најнапред, да се заблагодарам за довербата и отстапениот простор во Вашиот портал, кој редовно го следам и многу ми се допаѓа.
После завршувањето на работниот ангажман во бившата фирма Отекс, бев работно ангажиран во повеќе фирми од областа на осигурувањето – Втор столб на пензиско осигурување, задолжителен и Трет столб /доброволен/ од истото пензиско осигурување. Истовремено работев и за Кроација осигурување- живот како и за Осигурителна полиса- неживотно осигурување. Со овие фирми престанав со работа на крај на 2012 год. поради нарушено здравје, а од 2013 год. сум пензионер.
И можам да речам дека пензионерскиве денови ми се најубави во животот – без некои посебни обврски, со материјална сигурност, само да ме служи здравјето.
– Ве паметиме, барем ние од оваа новинарска бранша по пишувањето хуморески и афоризми, дел објавувани во некогашниот фабрички весник, во „Езерски глас“… Пишувате и стихови за народни песни од која една од песните и денес со задоволство се слуша во изведба на Перо Христов,а музиката е на Григор Копров?
-Она по што ме паметите, моите афоризми и хуморески, ќе Ви кажам дека ги пишувам откако знам за себе. Мислам дека прво сум научил да пишувам, пред да научам да читам! Пишував во основно, средно, како студент, вработен… еве денес како пензионер. А како ученик сакав да станам НОВИНАР. Ама животот најчесто си има свои текови на кои влијанието наше е незначително.
Моите творби ги објавував во многу списанија, весници, радио емисии и сл. (детските„ Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“, „Мале новине“ -Србија, потоа „Млад борец“, „Студентски збор“, фабричкиот весник од „Отекс“, Радио Охрид за емисијата „Што на ум- то на друм“, за радио Скопје – емисијата „Хикурику“, за радио Битола (не се сеќавам за емисијата, ама беше од забавен- хумористичен жанр). Сум бил и наградуван , а сум добивал и други признанија… Во Битола, каде учев средно, во Втора година напишав една поема, под наслов НЕМИРИ и учествував на еден конкурс распишан од тогашната Културно-просветна Заедница на Битола, на тема Илинден и освоив прва награда, на разни школски и новински конкурси сум освојувал награди, ама никогаш не сум го сфаќал сериозно пишувањето, што е моја ГРЕШКА… Додека работев во Отекс колегите од весникот ме убедуваа да издадам гнига, дури и’ ме убедија, фирмата даде согласност да ја спонзорира, и кога дојде денот тоа да се реализира, јас се откажав…Зошто, тоа е друга приказна… През сето тоа време, покрај хуморески пишував и поезија и текстови за музика, најнапред како студент за еден брнд Велешко-скопски, потоа за нашите композитори, а последниве години им пишувам текстови за детски песнички на моите внуци кои настапуваат на „Распеано рибарче“ и „Чунга Лунга“ на „Охрид фест“.
– Колку ова време – невреме е податливо за пишување афоризми и тоа е на некој начин е интересен занает. Како настануваат тие ,а на авторот да не му се измешаат варијациите на тема?
-Пишувањето никогаш не ми претставувало некаков товар, туку задоволство, исто како што ми е денес-посебно, растоварен од секакви други грижи и обврски.
Може ли за чиателите на веб порталот „Публицитет.мк барем пет Ваши најдраги афоризми да ни подарите на прочит?
– Секако, со задоволство
АФОРИЗМИ – ИЗБОР
ЕХ, ЈАГНЕ МОЕ, ЕДЕН ДЕН И ТИ ЌЕ СТАНЕШ – ОВЦА!
КОЛКУ ПОВЕЌЕ ВИСТИНИ, ТОЛКУ ПОДАЛЕКУ ОД ВИСТИНАТА.
КРОТКОТО ЈАГНЕ, КОЕ ПОРАНО ЦИЦАШЕ ОД ДВЕ МАЈКИ- И ДЕНЕС Е КРОТКО, АМА ДВА ПАТИ ГО СТРИЖАТ.
РЕКОВ: ДА НЕ ИГРАМЕ ПОВЕЌЕ КРИЕНКА… НЕКОИ ЛУЃЕ УШТЕ НЕ СМЕ ГИ ПРОНАШЛЕ ОД МИНАТИОТ ПАТ!
НА ПЕСИМИСТИТЕ ИМ СЕ СТЕМНУВА УШТЕ НАПЛАДНЕ!
Изборот е случаен.
Публицитет.мк