Во последните 20 години во БиХ влегоа милијарди во донации и инвестиции.
Но каде се парите? Се проценува дека половината од средствата останале во касите на земјите од кои дошле.
Неспособноста и отсуството на желба кај политичарите во БиХ да се занимаваат со езгистенцијални прашања е позната, но економските аналитичари предупредуваат на помалку познатиот факт: дволичноста на странските инвеститори кои воопшто не ги интересира стопанството на земјата- важен им е сопствениот профит, па и повеќе од тоа, па така своите вложувања често ги условуваат со ангажман на сопствени експерти и опрема.
„Тоа е особено видливо во реформската агенда. Доколку внимателно се прочита, видливо е дека половината од тоа е содржано во ‘нашите консултанти, и во соработка со нашите консултанти’, и тоа сценарио ни е добро познато од војната досега. Затоа јас сум гласен критичар на сето тоа и се прашувам кога ќе се опаметиме“, вели економската аналитичарка Светлана Цениќ.
„Освен условот за ангажман на странски консултанти и експерти, често како услов се поставува и купувањето на некој опрема, чија цена вообичаено многу се зголемува во однос на она што би можеле да го најдете на пазарот“. Конечно, додава Цениќ, „има многу малку странски инвестиции во производството, затоа што производството не можете туку така да го ставите в џеп, па да го изнесете и шетате од земјата“.
Светлана Цениќ
Диктирани инвестиции
Нејзините наводи ги потврдува и проф. др. Дуљко Хасиќ, директор на Институтот за едукација ЕКОС во надворешно-трговската комора на БиХ.
„Во повеќето случаи странските инвестиции се диктирани од земјите кои вложуваат во БиХ. Познато е дека значаен дел од тие инвестиции оди во проекти за ангажман на експерти од тие земји, така што, според проценката која ја изработивме, најмалку 50 проценти од тие вкупни средства повторно се враќаат во земјата од која дошле“.
Иако е критичен кон домашните политичари, Хасиќ вели дека не сака да ги оправдува ниту двојните стандарди на странските инвеститори.
„Еве само еден пример: кредитот на Светска банка- значи не се работи за донација, ни за инвестиција или нешто слично, туку за кредит, и тоа само еден во низата за стимулирање на активното вработување- има услов 40 отсто од целата сума да им биде исплатена на консултантите на банката. Народот значи ги плаќа и странските консултанти, а кога ќе ги развие домашните умови тоа никого не го интересира“.
Хасиќ дел од одговорноста префрла и на домашен терен. „Таквото однесување на странските инвеститори може да се оправда. Меѓународната заедница, особено земјите кои диктираат таков режим на странски инвестиции, велат дека БиХ нема адекватна развојна политика, па со тоа го правдаат тој ‘диктат’ за да ги насочат инвестициите по сопствено уверување“.
„Не е само тоа“, додава Светлана Цениќ, „политичката стабилност е нешто што е прва порака Втората порaка е намалување на корупцијата. Тоа се пораки кои мораме да им ги испратиме на странските инвеститори, а не Јапонците да се чудат што ги водат насекаде, па уште им бараат и пари. Значи тие мораат да потплатат за да инвестираат, и нормално дека ќе се спакуваат и ќе си одат. Со вака корумпирана власт, нема среќа во инвестициите, бидејќи таму каде што е високо нивото на корупција, таму и шпекулантите се многу, многу присутни“.
Промени во главите
Освен во законските акти, промените мораат да се случат и во менталитетот на луѓето. „Прво народот мора да се соочи со тоа дека многу малку знае, дека многу малку прашува за своите права, многу малку се информира. Таквиот народ гласа. Гласа за оние кои му продаваат приказна дека секоја работа може да се заврши во некој атар, а попатно и за милијардите кои само што не стигнале“.
„Третиот чекор се промени и барање промени, за на некој среден рок да имаме сериозна држава која сериозно разговара со партнерите, наместо да носи „ташна, машна, кофер- преварант“ ликови, да пере пари и сѐ останато, а кога ќе излезат на говорница, тогаш зборуваат за евро-интеграции“, вели Цениќ.
„Ние гласавме за ваква власт. Ние ги држиме речиси 20 години, помалку или повеќе, истите луѓе. Ние прво треба да признаеме колку не знаеме, колку сме неспособни, колку сме апатични, колку сме поданици, за било што да смениме!“
Извор: Дојче веле