Лидерите на четирите политички партии договорија предвремени избори на 24 април 2016 година, организирани од преодна влада која треба да биде формирана на 15 јануари, а во која одредени министри ќе бидат од опозицијата.
По повеќечасовните преговори во вторникот, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан околу еден часот по полноќ соопшти дека партиите постигнале договор за излез од политичката криза, изразувајќи задоволство од постигнатиот договор.
„Овој ден, оваа ноќ е одлична за вашата земја. Широко ќе ги отвори вратите кон евроатлантските перспективи. Можете да бидете горди на вашите лидери кои ќе ве водат кон просперитетна иднина. Ова е совршен моментум за вашата земја. Меѓународната заедница ја препозна потребата за помош на земјата, за да ги направите потребните реформи. Токму ова беше договорено вечерва“, изјави Хан.
Тој информираше дека во текот на вечерта имал телефонски разговор со американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд и ја информирал за разговорите.
Хан беше задоволен што може да соопшти дека Македонија со овој компромис ќе ја задржи препораката за почнување пристапни преговори со ЕУ, но и дека треба да им помогне на некои земји членки кои имаа отпор и го блокираа отворањето на преговорите, да се убедат да ја отворат вратата за европската перспектива на земјата.
Потврда за резултатот од долгите и напорни преговори на лидерската четворка даде и европратеникот Ричард Ховит кој остана до крај на средбата, а претходно присуствуваа и европратениците Иво Вајгл и Едуард Кукан, но тие заминаа порано.
Премиерот на техничката Влада ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ, а во неа СДСМ ќе има министер за внатрешни работи и труд и социјална политика, како и заменици министри со право на вето во министерствата за финансии и земјоделство.
До 15 септември ќе се избере и нов специјален обвинител кој треба да ги истражи сите злоупотреби откриени си прислушуваните разговори, а на истиот датум опозицијата ќе се врати во Собранието.
Работни групи на двете партии треба допрва да утврдат кој ќе раководи со други значајни институции како Управата за јавни приходи, Бирото за јавна безбедност, МРТВ и други.
Извор:Кајгана.мк