Во рубриката „Македонски – незаборавни“ решивме да го контактираме композиторот и инструменталист Љупчо Попоски од Охрид кој скоро две ипол децении живее и твори во Сиднеј – Австралија.
Некогашниот охридски урбан лик Љупчо Попоски музичката кариера ја започна пред 40 години свирејќи со свои врсници и пријатели во поп- рок групата „Орион“.
Но, овој пат нас не интересираше неговиот творечки опус во областа на народната музика. Користејќи ги современите медиуми и социјалната мрежа Фејсбук на неколкуте прашања на „Публицитет.мк“ Попоски одговори вака:
-Во Австралија, Сиднеј сум од 1993. Пред да заминам во Македонија за тогаш популарниот Валандовски фестивал ги создадов песните: “Ноќва сум осамена” со Благица Крстевска – Калева и “Еј Спомени”во изведба на Фана Шомова…
Тогаш раководството на фестивалот „Валандово“ одлучуваше кој ќе ја пее песната. Така, на пример Благица ја запознав дури вечерта на самиот нејзин настап.
Потоа соработував со Наум Петрески преку песната “Отвори врати меано стара” а за Сузана Спасовска ја напишав “Грешно вљубени”. Сите мои песни и денеска се слушани и препознатливи. Така се’ до најновата песна „Синџир од солзи“ за „Цветници 2016“ во исполнение на Анастасија Петреска.
Од народните имам доста напишано за овдешните во Австралија а од кои најдобри за мене се: “Далгите кога пеат” во исполнение на Алелсандар Шуканов кој за жал веќе не е меѓу нас. Вангел Стојанов кој исто не е повеќе меѓу нас ја испеа мојата “Нека ме носат ветрови”….(мислам дека е поставена на You tube).
Сега свирам со австралиски групи – забавно, англиски и ретко со нашинците контактирам.
Инаку се занимавам со изнајмуваење на аудио визуелна опрема за концерти и семинари и слично а имам и свое студио.
Планирам до вгодина да се вратам за постојано во Охрид и да отворам едно убаво аудио студио.
Публицитет.мк