Денеска познатиот охридски и македонски писател и поет Видое Видически го слави 87 роденден. Во негова чест „Публицитет.мк“ ексклузивно објавува еден од неговите раскази од книгата „Заробеници на вечерните игри“ објавена од „Матица Македонска“ а промовирана во Охрид во ноември 1993 година. Промотори беа: академик Матеја Матевски и новинарот Милчо Јованоски.
Има и нешто ново книгата „Заробеници на вечерните игри“ е одново адаптирана и збогатена со уште неколку раскази на Видически и е подготвена за печат . Овој пат под наслов „Сред селото река“ а нов осврт подготви струшкиот писател и поет м-р Разме Кумбароски.
-Во средината на педесеттите години , кога македонската раскажувачка проза го правеше својот егзалтиран продор во модерниот белетристички израз, на страниците на „Млада литература“, „Стремеж“ и „Млад борец“ се појави Видое Видичевски со грст кратки раскази, што со својот раскажувачки усет укажаа и ја потврдија несомнената и автентична дарба на еден млад писател што токму во тие години го проверуваше и афирмираше своето љубопитство во областа на поезијата и драмата. Определувајќи се веднаш за поезијата , а подоцна и за прозата за деца и за млади , остварувајќи неколку успешни книги во двата жанра. Видое Видичевски својот последен расказ го објави во 1962 година, прекинувајќи така со овој жанр, токму во мигот кога сите што со љубопитство и симпатии го следевме неговиот раскажувачки опит очекувавме тој да продолжи да истражува и понатаму да се потврдува во областа на расказот.
Сега по повеќе од триесет години, Видое Видичевски ги собира своите раскази ( Луѓе, Дамјаница, Гумна, Ристана,Игри ) во посебна книга , што преку издавачот „Матица македонска“ му ја понудува на нашиот читател.
Средбата со расказите на Видое Видичевски денес, во едно творечко динамично , плодно и драматично време , кога македонскиот расказ во лицето на своите најзначајни претставници во изминатите децении ја збогати нашата литература со исклучителни и восхитувачки остварувања, комплетирајќи го својот творечки универзален и модерен лик, ги задржува на непосреден и спонтан начин дражта и привлечноста на дамнешните среќавања со нив, повторно укажувајќи на убавите можности и достигања на нивниот автор за творечки исказ и во оваа белетристичка структура, рече академик Матевски на промоцијата пред 24 години.
-Расказите иако одамна пишувани , дел од нив наградувани и љубоморно чувани „дишат “ со секојдневието. Тие во денешниов вриеж личат на своевидна пасторала. Постојано Видически открива животни судбини и вистини. Некои можеби ќе се препознаат во ситуациите, прецизно со збор насликани, а пејзажите се наши блиски. Тие се од нашиот крај, лоцирани од Даљан до Косел.
Стилот е едноставен, близок,наместа проткаен со архаизми . Од мирисот на едно време се открива обичниот човек. И тогаш и денес оптоварен со многу грижи и сомнежи, но и со љубов. Не смее а да не се потенцира дека расказите имаат блага еротична доза која на човека го тера да размислува, за ситуацијата, за минатото и иднината. А поривите Видически остава другите да ги скротат или протолкуваат . Се’ на се оваа книга треба да се најде во вашите раце, рече во таа пригода новинарот Милчо Јованоски .
ЛУЃЕ
Во одајчето беа само тројца. И тројцата молчеа. Повремените погледи им беа крадешки и набргу ги прекинуваа за потем да ги остават во некои од процепите на исчадените ќошиња на малото одајче. Долго стоеја така и гледањето им стануваше тапо , немо и безбојно. И тогаш, тоа како да ја плетеше тишината во одајчето се дури квечерината не го вовлече својот прв и нечуен чекор низ прозорецот. И сега ќе останеше така, непознато и завиено во тоа чудно плетиво од молчење ако свекрвата не почнеше прва.
„Димко, мажу! Зошто еднаш не ме почувјаш? Не се ли греота мојне?“
„ Доста! И замолкни се! За тие гоеда не сакам повеќе да ми споменуваш!“ – Налутено ја прекина тој.
„И преку тоа ќе минат. Не ти се лутат ни тие, ни јас. Само ти дојди. Сакаат пак да не видат заедно, сите. Да се порадуваат со нас и со тебе мажу.“ – Лицето и заличи на молкиња, уморна . А потоа со стишен глас продолжи. – „ Има неколку години како не сме биле сите заедно на гости у нив. Срамота е од веков!“
Откао беше нарушено тајното чекорење на квечерината, на таа чудна и оловна квечерина , на таа што е полна со неми настани,свекрвата се повлече во едно од ќошињата на одајчето. Таму беше потемно. А таа како да сакаше токму таму да се изгуби во најголемата темнина зашто не сакаше да ја гледаат повеќе. Да не и го гледаат лицето кое и се менуваше и се повеќе потемнуваше од секојдневните јадови и големиот срам што и го нанесуваше и не само нејзе, туку и на нејзиното семејство. На татко и’кој беше многу стар, но се’ уште присебен и умен и кој постојано и говореше дека човекот што го одбрала не е за неа. И навистина со својата остроумност тој и ја предвиде судбината. Не поминаа ни десеттина години Димко се изроди во нечоек, во најголема тежина и мачнина. И од ден во ден , од месец во месец и се’ така во долги години , животот и се претвораше во пекол. Најтешко ќе и беше тогаш, кога непријатностите ќе и’ ги направеше пред други, а посебно пред снаa и’. А тој, како што го дал Господ , никогаш не водеше сметка кога болта и ја нанесува.
Свекорот кој до пред малку, беше завиен во самиот себе, не давајќи му дури и на погледот да излезе надвор од неговите очи, сега стоеше како исправен сноп до малиот прозорец. Тој како да чувствуваше дека расправијата веќе не ќе биде дел само на тоа дремежливо одајче и дека не ќе е тајна на тројцата, зачекори и се заврти кон свекрвата. Сега неговите очи почнаа и да претат заискрени и претворени во тратови запалени од кременот создаден од нетрпеливоста и лутината која долго престојуваше во ова семејство.
„ Хм… Срамота е од веков!? Се така почнуваш. А тебе никој не те запира да појдеш. Појди! Јас не доаѓам. Разбра ли? Не доаѓам. И ако не прекинеш со твоето додеање, уште еднаш нема…“ – Тој постапно го поткреваше гласот за на крајот да заврши со:
„ Не ма ни да стапнеш? Нели?“ – Смирено го прекина жена му , а потоа додаде . „Речи, речи јас ќе трпам. Но само дојди уште овој пат . Вистина тие не се како тебе , но за атер на татка. Тој е стар. Неговите години носат се’. Ах! …- Воздивна и пак продолжи. „ А порано, скоро секој ден го газеше прагот нивни. И ако се подзадржев кај нив, веднаш ќе дојдеше. А сега не доаѓам… Димко, те молам смили се! И ајде да појдеме!“ – Настојуваше некако да го измоли. И затоа погледот и беше пак молбен. Тоа беше поглед на очи кои често солзеле и се’ криеле под големите наддадени модри стреи. По малку во нив нешто како да се измеша. Се јави некој немир и мал пркос.Со тоа, таа сакаше да ја намали нанесената мажова навреда пред снаа си. И едниот и другиот присутен се обидуваше да ги потсети дека се’ уште носи во себе нешто ретко , што го носат само убавите жени во по одминати години. Таа сакаше да ги натера да веруваат во тоа, а и во се’што некогаш се случувало, а било врзувано со неа.А тој Димко, најдобро тоа го знаеше. Беше едно од многуте момчиња , на кои по нејзиното минување им застанувал здивот. Така барем тогаш и говорел. А таа,многу стројници ги враќаше зашто беше загледана во него. Но имаше и такви, што не стигнуваа до куќата нејзина, зашто тој Димко ги пресретнуваше и им се закануваше и ќе ги вратеше назад без да се сретнат со нејзините.А него, сите во селото го знаеја дека е прек и во моменти непресметлив и спремен за кавги.
Тој не ја погледна .
„ Ти нејќеш ни да ми се обѕрнеш?! Леле ти …“ – Рече и гласот и се задави во поројот од надојдените солзи. Со едната рака ги избриша нив, застана спроти него и продолжи да го гледа. Но, неговите очи сега беа некаде далеку и се повеќе станува туѓи ,. И наеднаш како да ги снема. Исто, како пред малку што го снема синото небо од прозорецот со доаѓањето на квечерината.
Тој се заврте кон вратата и пред да зачекори проговори.
Војданице и ти ќе останеш дома… Нарани ги прасињана , а за кравите ќе ти донесам јонџа.“ – Го дорече тоа и веднаш излезе надвор.
„Добро татко “ – Се јави снаа му и излезе по него.
Свекрвата се загледа по нив . Остана сама, а во одјчето наново завладеа тишината. И тогаш, којзнае по кој пат, почувствува дека нешто и се кини и откинува од градите и како да излегува со нив. Појде кон дрвениот кревет , што се наоѓаше спроти прозорецот и се струполи на него. Цврсто го стегаше волненото веленце под неа. А потоа зајаче. Со неа, сега , јачеше и малото исчадено одајче…
2
Беше од поодмана дојдена и го чекаше да дојде по јонџа. Во себе неколку пати се прашуваше. А, ако не дојде ?! Не ми се верува. И кој би го задржал дома?! Ќерка ми како што ми рече таа, ќе оди на гости со свекрва и’. Тогаш нема зашто да не дојде и нема од кого да се крие. Санким, Димко од некого некогаш се криел па денеска тоа да го прави.“ – Продолжуваше да се прашува, а рацето се’ почесто и одеа на шамијата што ја имаше врзано на крајот од косата. Потоа ќе ја дотеруваше косата испуштајќи ја напред како да беше некоја од помладите девојки во селото. Можеби ќе и’ одеше порака тоа, ако не се забележуваше по некое расцутено влакно на косата.
Инаку беше стројна и лична и црна, со црни очи, со поглед што занесува и влече и те држи долго крај неа и кога ќе посакаат само тие , очите нејзини , ќе те ослободат или ќе те одбијат студено,но со некоја надеж за ново враќање и повторно топење на чувствата.
Таа набргу наѕираше низ ретко наредената р’жанова слама од страните на колибата.Движењата и’ беа такви како да се огледуваше на сите страни. Одвреме навреме , очите ќе и прошетаа низ процепите и ќе се задржеа на патот по кој требаше да дојде тој.Но, него денеска го немаше. Патот како да го криеше и чиниш се поигруваше со неа. Последно време на нивните средби таа доаѓаше порано, со ден, не сакаше да дозволи да ја чека тој. А, времето при чекањето знаеше како да го исполни. Секогаш почнуваше да размислува за минатото, посебно за она што беше врзано за него. И така, често се случуваше да не го забележи заоѓањето на сонцето и паѓањето на првиот мрак.А нему, на Димко не му пречеше да дојде и подоцна за да собере јонџа за добитокот.
И сега, таа се навраќаше на него и на првата нивна љубовна игра, која не можеше никогаш да ја заборави.Тоа беше чудна игра во која за прв – пат телото и потона во благост исполнета со илјадници трпки кои непрекинато се повтараа се’ додека не се изгуби во некој, дотогаш за неа, несфатлив и неповторлив сон. Се присети и на тоа, дека се’ се случи во една манастирска шума, меѓу извишеното зеленило од папрат при полна месечина.
„Се’ уште го нема?!“ – Потем половина час и повеќе проговори и почна да се движи низ колибата. Малку нервоза и проструи низ неа. Се заврти кон излезот и застана. И така исправена во истата колиба во која којзнае колку средби завршиле во доцнежните ноќни средби, пак го чека. Но сега, допреешните мисли почнаа да и’ се менуваат и да тежат , а по малку и измачуваат. Некоја нејасна мора ја зафати и не можеше да разбере што се случува во неа и во колибата која секогаш и носеше пријатни и ретко возбудливи доживувања .
Некаде далеку се чу коњски тропот.
„Иде“ – Рече таа и гласот и се изгуби во тапиот одек на копитата.
И навистина беше тој. Таа го позна. А како не би го познала, кога тој ритам од на Димковиот коњ многу пати го слушала и толку и’ и се врежал што не можеше никако да се излаже.
Рацете нејзини и сега ја местеа шамијата. Се’ додека Димко не се појави пред влезот од колибата, таа остана тука. Сакаше да биде подналутена за да го пречека така иако знаеше дека тој тоа нема да го забележи бидејќи темнината си го чинеше своето.
„Се сети и дојде?“ – Налутено го праша таа.
„ Дојдов, “ – Одговори кратко тој.
Таа почувствува дека не ќе може така да продолжи, го омекна гласот.
„ По јонџа свату?“
„ По јонџа.“ – Пак одговори кратко тој и замолче.
„ По друго не?“ – Упорно прашуваше таа.
„ Не “ – Рече тој и продолжи со молчењето.
Лицето сега навистина и’ стежна како облак. Имаше и зашто. Кратките одговори ја изненадија. Тој секогаш беше позборлија од неа. Денеска нешто се случува со него. Си помисли во себе и нешто ја жегна. Зачекори кон внатрешниот дел на колибата и по малку застана. Потоа се поврати и го загледа во очи, но во нив не можеше ништо да види. Во колибата беше темно.
„Вистина?“ – Од темнината изрони гласот нејзин.
„ Вистина. И…“
„ Што и?“ – Налутено го прекина таа и откина една сламка. Нервозно започна да ја грицка. Мина покрај него и излезе надвор. Надвор беше доста посветло. Во квечерините така е тоа во полето. Темницата малку задоцнува.
Тој молчешкум ја проследи и застана до неа. Ја гледаше прилично долго и сега му изгледаше некако чудна. Како да не беше таа, поранешната жена која пред неколку години го водеше орото сред село. Кога за прв пат се загледа и ја забележа нејзината убавина.Тогаш беше убеден дека на орото, а и во целото село нема поубава од неа.Се сеќаваше како и’ беше растурена косата и и’ се вееше на напред , па личеше на некоја разиграна вила што не знаеше за прекин и замор. Лицето и’ беше весело и питомо чиниш ќе испука од здравина. И тој, не можеше да истрае, а да не и се придружи во играта.Ја остави жена си со останатите и се фати на орото до неа. И во истиот момент сфати дека таа неуморна жена што се вие под еднаквиот ритам на тапанот, може да му биде убава замена… Продолжителното изививање на писките орото го правеше се’ поживо, а тие, двајцата , занесени , беа најдобрите играорци зашто нивните чекори беа полетни и лесни и вешто изведувани. Не остана ниеден од луѓето што беа тука, а да не се загледа во тој виоркаст ред, а посебно во тие што го водеа. Играјќи така, тој почна да и’ја потстегнува раката , прво по малку, а потоа се’ посилно додека таа не му одговори и не му се насмеа.И не поминаа неколку дена дојде големиот празник на селото. Дојде и манстирската ноќ…
Сега ја гледаше пак. Но, како да му беше туѓа. Нешто изгледа се измени во него и тоа набргу. И затоа посака нешто да и’ рече, но го издаде гласот и проговори сосема тиво, засипнато самиот едвам да се чуе.
„Отсега поретко да се среќаваме , или…“
„ Поретко? Што ти се случи тебе Димко? Вистина ли го зборуваш тоа?!“ – Вџашена остана таа. По малку сега таа постишено продолжи да говори и да го моли. „Димко , те молам не оставај ме ! Не знам, не знам што ќе правам без тебе.“
„Не, не мислев така, сакав да речам сепак поретко да се среќаваме. Разбери. “ – И рече тој.
„ Ќе доаѓаш Димко, ќе доаѓаш нели? Ти не смееш да ме оставиш, не смееш! Ти ме сакаш, нели ме сакаш?! Ајде! Димко ајде !“ – Го рече тоа , и се обиде да го прегрне.
Тој не се ни помрдна и сето тоа како да не се однесуваше и не се случуваше со него. По малку, како од сон да се извлече и рече: „Сега, не можам. Дојден сум само по јонџа. Дома ме чекаат. Ќерка ти треба нешто да им фрли на кравите за да ги измолзи. Ти знаеш како е тоа.“ – Заврши со зборувањето тој излезе од колибата и се упати кон снопчињата од јонџа.
Таа остана скаменета и сама . На се’ можеше да се надева, само не на тоа што и’ се случи. И потоа мислите и’ појдоа на ќерка и’. И почна тивко за себе да си говори. „ Нели и ќерка ми отиде со свекрва и’?! А сега е тука и јонџа ќе чека да им фрли на кравите.“ – Се замолче, а во себе почна да се обвинува. И полека и’ се наметнуваше размислата, дека тој , почнува да ја избегнува. И дека тука има нешто што се врти околу ќерка и’.
Сега пак кинеше сламки, повеќе сламки и нервозно ги грицкаше. По малку продолжи полугласно да зборува и да се прашува. „Што ќе правам сега. Мојон не ми се доберува со години. Зошто? Зошто ми се случи ова?! Димко! Не оставј ме жити Бога! Те молам не оставај ме! Јас сакам и ти да си крај мене . Вака ни беше многу убаво.“ – По ова што го изнарече, таа не можеше да се препознае. Не можеше да сфати дека таа почнува да моли.А само некој ден пред ова, тој се крстеше во неа и како што се зборуваше по селото и’ јадеше од рацете. А сега, таа убавицата негова за миг како да ја снема и веќе не постои.Чудо едно, како се менувале мажите. Се разбира само оние кои се ко него, наоко и силни. Само оние во чии раце жената се стопува како ништо. А таа знаеше да прави разлика и за тоа не сакаше да го изгуби него. „Димко, Димко!“ – Повика пак по човекот што се губеше во нивата, но гласот сега нејзе ја издаде и се заголцна во грлото и стана рапав и мошне тивок.
Тој не ја чу. Продолжи по нивата. По извесно време се чу само тропотот на коњот што го голташе далечината. А тука остана сама таа и старата колиба и многу сеќавања за многу грлења и милувања. И ништо повеќе…
3
Димко симнуваше неколку снопчиња јонџа од коњот и ги внесуваше во плевната за да ги растури пред кравите . Војданица стоеше покрај нив и го чекаше него. Во едната рака држеше едно поголемо котле за млеко, а во другата кандилце на кое едвај живуркаше светлината.
Откако ја растури јонџата пред кравите. Димко се врати уште еднаш за да го врзе коњот на јаслите спроти вратата од плевната.
„Се забавив малку, ќе ми простиш. Имав работа. На мајкати и помогнав за собирање јонџа.“ – Рече и се зврти кон Војданица.
Таа ништо не одговори. Се навали и почна да молзе.
„ Си отиде ваперицата:“ – Ја запраша тој.
„ Што рече татко?“ – Се направи како да не го разбра Војданица.
„ Е де, дали си отиде свекрвати?“ – Се поправи со прашањето тој.
„ Од прее“ – Одговори кратко таа и продолжи со молзењето. Ја молзеше кравата што беше повнатре во плевната, блиску до сеното наредено од поодамна тука.
Кравите беа мирни и џвакаа од донесената јонџа.
Ништо не се слушаше внатре освен едноличното истекување на млекото во котлето .
Димко стоеше наспроти Војданица и се гледаше во неа. Таа непрекинато молзеше . Засуканите ракави на кошулата ги покажуваа меките и бели подлактици на кревката светлина. Пред неа, над скоро, наполнетото котле, се допираше оптегнатата кошула под набојот на бујните гради на Војданица.
Димко не можеше повеќе да издржи и пречекори кон неа.
А таа, само се подзаврти и го погледна.
„ Доста веќе со молзењето. И стани!“ – Повеќе и нареди отколку што ја замоли тој.
Таа го послуша и стана.
„ И вечерва нема никој?“
„ И вечерва.“ – Потврдно одговори на неговото прашање, таа.
„ Исто. “ – Се сложи таа.
Некое време молчешкум се гледаа еден со друг. Тој, тоа припремно го очекуваше и веднаш ја повлече кон себе и со крупните раце почна да шета по витката снага на Војданица.
„А молзењето? “ – Го праша таа.
„Остави го сега тоа.“ – И одговори тој и продолжи да ја влече кон себе.
Таа прилепена целата за него не можеше повеќе да се опира. Се’ повеќе се губеше во играта што вешто и ја плетеше тој.
„Вечерва, немој само како спроти неделата.“ – Го замоли Војданица треперејќи целата во јаката негова прегратка.
„ Зошто?“ – Ја прашуваше зачудено тој. „ Нели многу убаво ни беше?“
„ Ни беше. Но сега е нешто друго. Не смее така да биде, ќе направиме голем грев.“ – Одговори таа.
„ Каков грев? Што е тоа?!“ – Продолжи да ја испитува тој.
„Ти знаеш. Ти добро знаеш зошто ќе биде голем грев.“ – И по малку уплашено додаде. „А после? Што ќе биде со нас? Со Војдана и тоа што ќе дојде?…
„Ајде! Ти не плаши се .“ – Се обидуваше да ја смири Димко и со рацете почна да и’ ја откопчува кошулата.
„Немој Димко! Немој! Те молам! А може и да не најде некој.“ – Продолжи така да го моли вклештена и немоќна да се отргне од него. А и не можеше повеќе ништо да направи, затоа што и таа тонеше веќе во занес и во играта што стануваше заедничка.
„Ајде! Ајде! “ – повторуваше тој . „Нема никој да дојде. Ние ќе го чуеме.“ – Го рече тоа и посака да ја поведе кон сеното .
Штотуку го направи првиот чекор Војданица кравата што ја молзеше до пред малку, го клоцна котлето полно со млеко и тоа се излеа.Мала рекичка од белина се издолжи на подот од набиената земја. И од слабото светло на кандилото што беше ставено во едно од малите камарчиња на плевната рекичката доби жолтеникава боја.
„ Млекото истече.“ – Рече таа и сакаше да се поврати.
„Ако. Друго ќе измолзиме.“ – Одговори тој и не ја пушти.
„ Доаѓај те молам. Не можам повеќе да издржам.“ – Сега навитина ја молеше , а тоа можеше да се почувствува и по неговиот глас кој се повеќе и повеќе му трепереше.
И тогаш таа подзастана неволно.
А тој го искорити тоа и ја поведе преку малата обоена рекичка. Носејќи ја на раце се изгубија обајцата кон сеното во темницата, таму каде не досегаше трепкањето на кандилото.
Потем некој чуден шум се слушаше откај сеното. Со него се мешаше и задишаниот глас на Војданица.
„Не! … Грев е … Не! Не чини го тоа! …“
( 1956 )
Публицитет.мк