
Музика од златното време на барокот со германски, италијански и француски композитори приреди вчеравечер на „Охридско лето“ барокниот ансамбл „Teatro alla Moda“ од Холандија кој ја воодушеви фестивалската публика со врвен професионализам и огромен креативен потенцијал.
Дел од овој ансамбл којшто го негува барокот, е и македонската чембалистка која живее и работи во Холандија, Цветанка Созовска. Таа изведе дело од најстариот син на Јохан Себастијан Бах, Вилијам Фридеман Бах кој бил огромен виртуоз во своето време и оставил прекрасни композиции како Фантазијата во е-мол за соло чембало.

-Претставивме програма од високиот барок, со дела од француски композитори кои во нивно време се врвни светски познати музичари, Франоса Купран и Леклер којшто всушност е и најпознатиот гамбист во тоа време, но и во денешницата е најголемиот уметник на овој инструмент. Потоа изведовме музика од Јохан Себастијан Бах, од Хендл и Телеман кои се современици и се познаваат меѓусебе, рече чембалистката Созовска.
Лилија Славну која свири барокна виолина синоќа изведе дело од најпознатиот француски виолинист којшто бил револуционер во своето време, Жан Мари Леклер кој, како што кажа Созовска, си дозволувал да прафи такви зафати со виолината кои во неговото време биле сосема непознати.

Обоистот Диего Надра придонесе за синоќешната прекрасна вечер на фестивалот, свирејќи соната од италијанскиот композитор Антонио Вивалди.
-Оваа соната што ја изведе Надра е единственото и најтешкото дело за обоа како солистичко дело, додаде Созовска.
На виола да гамба, извонредниот избор на вчерашниот барокен репертоар го отсвири уметникот Џошуа Четам.
Публицитет.мк







