Во центарот на Турција, во областа Кападокија, има едно село каде што живеат Македонци по потекло од Егејскиот дел на Македонија.
Тие сè уште зборуваат на македонски јазик. Во селото Мустафа Паша живеат околу 2.000 Македонци, 60 проценти од нив знаат македонски јазик.
Овие луѓе дошле во Турција во 1924 година од Костур, Егејска Македонија. После Грчко-Туимирската војна, Костур морале да го напуштат муслиманите, па тогашната отоманска власт направила голема размена на население. Во Грција се испратени православните, а во нивните куќи ги вселите муслиманите од тогашна Македонија.
“Македонците можат да дојдат како туристи кај нас. Не им треба превод зашто ние го зборуваме македонскиот јазик”, велат овие луѓе кои со радост нè пречекаа во селото пред обновената црква “Свети Никола”.
Иако сите се муслимани, тие минатата година успеале да соберат милион турски лири и од темел да ја изградат црквата.
На прашањето зошто го направиле тоа, тие велат: “Имаме почит кон сите религии. Џамиите, црквите, за нас се исто. Тие се важно наследство што мора да се негува”, вели поранешниот гувернер во селото Левент Ак.
Старите жени во Мустафа Паша меѓу себе зборуваат на македонски јазик зашто по потекло се Македонци. Готват традиционални македонски јадења. Плетат ѓердани со свилен конец. Речиси сите ги знаат народните песни и ора што ги играле нивните претци во Костур.
Нè пречекаа со сукана пита, гурабии, раванија и со турски чај.
“Пиј си тутун, никој нема да те кара”, му вели старата Македонка на нашиот снимател, додека седиме во дворот на куќата. Сите луѓе што го зборуваат македонскиот јазик се родени тука, во Турција. Го научиле јазикот од своите мајки, баби и дедовци. Младите во селото знаат само по некој збор на македонски. Нема организирано учење на јазик. За жал, никој не знае да пишува на македонски јазик.
За селото се врзуваат разни приказни. Се раскажува дека откако се иселиле Грците, неколку години потоа во селото се враќале нивните деца и внуци за да го најдат скриеното злато. Кога луѓето ги напуштале своите домови, златото што не можеле да го носат со себе, го закопале.
Старото име на Мустафа Паша е Синасос. Неа Синасос сега се вика селото каде овие луѓе се доселиле во Грција.
На испраќање, нашите домаќини нè испратија исто како што и нè пречекаа. Со бакнежи и прегратки како да сме роднини од стариот крај, напиша на својот профил на фејсбук претстедателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
Во селото има 2.000 жители и 3.000 студенти. Во селото има неколку факултети, што е малку чудно за нашето поимање за животот на село. Студентите овде се од различни делови на Турција. Во Мустафа Паша има можност да се студираат и општествени и природни науки.
Извор: www.cooltura.mk