Утре на 17 септември одбележувам голем јубилеј – 50 години од мојата музичка кариера, вели за Публицитет.мк Маргица и продолжува:
-Со пеење започнав уште во нижото музичко а продолжив и во средно. Неколку години бев член на хорот „Мирче Ацев“ од Скопје под диригенство на Драган Шуплевски. На една аудиција во Куманово , сосема случајно добив понуда за снимање во Скопје. И така , почна се’. Моја прва снимка која денес е евергрин е песната „Еден ден кога ќе се вљубам“ од Љупчо Константинов. Следеа настапите на Скопските фестивали и соработка со редица македонски композитори. Патот на песната ме однесе во белград во тогаш популарната мамутска музичка емисија „Максиметар“ ( еден од водителите беше познатиот актер Драган Николиќ). Таму освоив трето место а пеев и на Младинскиот фестивал во Суботица и се вратив со освоено второ место.
Јас сум фестивалски човек и пејач, вели Маргица и додава: – Два пати бев претставник на Македонија на Изборот за Песна на Евровизија во поранешна Југославија. Еднаш во Опатија, вториот пат во Белград.
По подолга пауза од забавната музика, желбата за настапи и контакт со публиката ме однесе во сферата на народната и на новосоздадената македонска песна. Пеев народно ама и забавно. Ме имаше на речиси сите фестивали: „Цветници“, „Гоце фест“ , „Евро фест“ , „Валандово“, „Охридски трубадури“, „Песна на летото“, „Серенада“ , настапив и на војничките фестивали.Пеев песни кои и денес често се вртат по медиумите а освојував и награди. Скромна сум и ненаметлива и оттука и мојата архива не е потполна ама благодарниците и наградите ги има во домашните витрини и ми се спомен од драгите мигови. Зад себе имам една аудио касета и едно ЦД но можеше да постигнам повеќе …
Концертот што утре го правам ќе биде уште еден запис од моето музичко творештво. Желба ми е да им укажам внимание на оние кои биле со мене на сцената а тие со својот настап да ми го честитаат јубилејот. Во кумановскиот Центар за култура со мене на сцената ќе бидат: Ефто Пупиноски, Ристо Краповски со кого во дует ја отпеавме познатата „Останавме сами“ на „Цветници“, Сефедин Бајрамов со кого во Битола ја пеевме „Родителска љубов“, тука е Перо Христов , како и моите кумановци: Нино Величковски и Никола Давидовски. Утревечер ќе пее и Дона Михаилова од Москва со која се запознавме и си разменивме искуства.
Предвремме им благодарам на сите кои ќе дојдат на концертот и ги поканувам заедно да ги отпееме: „Не лудувај бре Јоване“, „Ој туѓино“, „Шопен“ од перото на големите македонски композитори: Томислав Таневски, Миодраг Божиновски, Бранѓолица. Џамбазов, Гоце Димитровски,Славе Димитров, Костадин Костадиновски и ред други.
За крај Маргица ни вели: – Моите родители цел живот ја носеа песната во срцето.Им благодарам а моите деца се на сцената со мене. Ова се премалку зборови за една кариера, па нека тече … Зашто песната е мојот живот изјави Марргица Антевска за Публицитет.мк
Влезот за концертот е слободен, а граѓаните кои сакаат да го посетат можат да подигнат билети на благајната на Центарот за култура во Куманово,родниот град на Маргица Антевска, која важи за еден од најубавите и ретки вокали во земјава.
Концертот се одржува со поддршка од Министерството за култура и локалната самоуправа.
Публицитет.мк