При археолошките истражувања се откриени над 65 илјади предмети од метал, керамика, стакло, коска, камен, со потекло од 6 век пред нашата ера се до 19 век, од времето на Османлиската Империја. Сите пронајдени реликти се заведени во инвентарна книга, конзервирани и подготвени за презентација …
Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска во рамките на посетата на Охрид оствари работна средба со директорката на Заводот и музеј – Охрид Тања Паскали–Бунташеска. Заедно извршија и увид во градежните активности што се спроведуваат во рамките на проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет.
Таа изрази задоволство од динамиката и квалитетот на градежните активности што се во тек, како и за начинот на кој се спроведуваат, притоа нагласувајќи ја особената грижа што се води во насока на заштита на откриеното богато културно-историско наследство.
Локалитетот Плаошник зафаќа простор од 31 илјада квадратни метри од кои, како што рече министерката Канческа-Милевска, 27 илјади квадратни метри се целосно истражени.
– При археолошките истражувања се откриени над 65 илјади предмети од метал, керамика, стакло, коска, камен, со потекло од 6 век пред нашата ера се до 19 век, од времето на Османлиската Империја. Сите пронајдени реликти се заведени во инвентарна книга, конзервирани и подготвени за презентација – појасни министерката Канческа-Милевска.
Директорката Бунташеска, од своја страна, истакна дека археолошките истражувања на локалитетот од 1999 година што траат до денес, биле вметнати како основа во проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет.
– Истражувањата за односните 27 илјади квадратни метри се спроведени до кота на карпа, односно стерилна земја, што подразбира дека нема простор за идни истражувања. Таа површина е целосно истражена, со откривање на сите градбени фази присутни на локалитетот. Цртежите од градбите беа основа во изработката на проектната програма, со особено внимание посветено на зачувувањето и конзервацијата на тие градби – истакна Паскали-Бунташеска.
Во врска со обвинувањата за бетонирање на просторот, таа истакна дека одговорно тврди оти целата археологија регистрирана на просторот на Плаошник е конзервирана и презентирана во просторот.
– И самиот начин на темелење одбран за градежните зафати е со темели-самци или темелни бунари, со единствена цел да се запазат и презентираат археолошките остатоци. Не постои бетонска темелна плоча, сите археолошки градби ќе бидат видливи во рамки на објектите на Универзитетот, презентирани во внатрешноста на просторот на музејот, на библиотеката, центарот за хуманистички науки, манастирскиот конак – рече Паскали-Бунташеска.
Таа изрази задоволство од спроведената динамика на градежните активности околу изградбата на Светиклиментовиот универзитетски комплекс, со уверување дека целиот проект до крајот на 2018 година ќе биде целосно функционален, не само со завршени објекти туку и со финално уредување на партерот каде што се наоѓаат самите археолошки остатоци.
Публицитет.мк