Нема измена на законот за заштитени сведоци и продолжување на рокот за работата на СЈО. Собранието не ги изгласа барањата на обвинителката Јанева…
Со мнозинство гласови во Собранието не минаа измените на законите за кои инсистираше Специјалното јавно обвинителство, а ги предложи опозицијата. Се бараше истрагите на СЈО до подигнување на обвинение да се подолги од 18 месеци и Специјалните да можат да одредуваат кој ќе биде заштитен сведок. Социјал- демократите по одбивањето на измените велат дека мнозинството во Собранието станале помагачи на криминалот кој го гони СЈО. Ова обвинителство, според Петре Шилегов било клучен дел за излез од политичката криза.
Од владејачкото мнозинство објаснуваат дека не гласале за измените бидејќи СЈО не го признава легитимитетот на Собранието, не достави до него финансиски извештај за работењето што претставува преседан и игнорирањето на Комисијата на која се разговара за работењето на СЈО се доволни причини измените во законите да не добијат зелено светло. Координаторот на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Илија Димовски повтори дека тоа што СЈО го работи е кампања на СДСМ.
Додека ДПА се огради од изјава по гласањето, ДУИ со став дека СЈО треба да си ја врши задачата за што е формирано.
Во образложение за законските измени, обвинителката Јанева наведе дека со предлозите помалку луѓе ќе го знаат идентитетот на заштитениот сведок. За второто, оцени дека 18 месеци е нереален рок за целосни и објективни истраги.
Извор: www.mrt.com.mk