Авторот на текстот на одамна обнародената „Лихнида кајче веслаше“ Мирослав Кузман од Охрид во нашата рубрика се навраќа на создавањето на мега популарните „Туѓа си бескрајно“ и „Лихнида кајче веслаше“ и обете во изведба на Ефто Пупиноски.
Мирослав Кузман освен што повремено пишува текстови за нови македонски народни и забавни песни зад себе има и три збрики со поезија. Тоа се:
- Пад низ времето, 1980 (победник на конкурсот на Книжевна младина на Македонија)
- Мак Синдром, 1991 (победник на конкурсот на издавачката куќа Ѓурѓа)
- Врата на животот, 2014 (Издавач: Макавеј, Скопје)
Кузман се занимава и со фотографирање а неговите фотографии се дел од редица монографии, каталози и публикации објавени во изминативе две децении.
Мирослав Кузман, автор на текстови, поет и фотограф
Како настана песната „Туѓа си бескрајно“?
Ефто Пупиноски ми се јави на телефон во 23 часот и текстот требаше да биде готов до полноќ затоа што утрината во 6 требаше да лета за Камбера на „Фолк Фестот“ во Австралија.Тоа беше во 1991 година.
И јас се опив со најмалку еден литар црвено добро, јако вино и нешто мораше да излезе. Верувајте ми дека песната ја напишав за триесеттина минути, му се јавив телефонски на пејачот и му го прочитав текстот. Толку беше. Песната на фестивалот во Камбера ја освои третата награда од публиката и беше тотално непозната во Македонија најмалку 20 години. Потоа, со Интернетот доживеа експлозија.
Во „Туѓа си бескрајно“ нема ништо меѓу редови. Се’ е на виделина. Песната е љубовна до крај. Инспирација од детството и од момчештвото што би рекол Лав Толстој. Моето родно место Вапила на пролет е како неговото Јасна Полјана,изјави за Публицитет.мк Мирослав Кузман.
-Легендарната „Лихнида кајче веслаше“ ја напишав на суво, без музика, за дваесеттина минути точно, текстот течеше како бистра река и без грешка и без грев.
Мојата музика ми беше во главата и тоа беше сосем доволно. Главната инспирација ми беше преубавата народна „Билјана платно белеше“, додава авторот на овие два и уште низа други текстови Мирослав Кузман од Охрид.
Публицитет.мк