Со д-р Драги Стефанија секоја средба е откривање еден нов свет. Разговорите можат да бидат бесконечни, но секогаш сврзани со преубавиот Охрид, неговото творештво , неговите предци. Ова интервју е направено пред 4 години, како дел од проектот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Роднокрајни критичари и за прв пат оди во етерот.
Интервју со д-р Драги Стефанија, автор и водител Милчо Јованоски
Био – библиографски податоци за д-р Драги Стефанија
Драги Стефанија е роден во Охрид на 10. 11. 1933 година, каде што завршил основно и средно образование. Филозофски факултет на групата македонски јазик и литература, книжевност на народите на СФРЈ и руски јазик завршил 1958 година, а 1. степен право во 1960 година. Како студент бил соработник во весникот на Скопскиот универзитет Студентски збор, а во Институтот за македонски јазик бил собирач на дијалектно градиво. Извесно време е стручен соработник по македонски јазик за квалификувани и висококвалификувани работници и подготвителни курсеви за упис на високите школи на луѓе без матура во Работнички универзитет во Скопје
По скопскиот земјотрес се враќа во Охрид и работи во Заводот за школство на Охридска околија, како просветен советник за училиштата од 2.степен и е уредник на списанието за стручно-педагошки проблеми Актуелности – околу 3 години. Од 1965 година е дописник на Радио Скопје, подоцна и на телевизија. Во 1967 година станува лектор по македонски јазик на Филозофски факултет во Љубљана каде што докторира во 1980 и во 1982 година станува доцент, во 1986 е избран за вонреден и во 1990 година за редовен професор по македонски јазик и литература на истоимената катедра. Од доцентурата до пензионирањето е шеф на македонистичката катедра, којашто сам ја основал, а 4 години ја води и југославистичката група.
Одамна соработува и со Филолошскиот факултет во Скопје. Држи предавања на Семинарот за македонски јазик, литература и култура.
Освен на Филозофскиот факултет во Љубљана, шест години предава македонска литература на Филозофски во Загреб и 15 години на Педагошка академија во Марибор, сега педагошки факултет. Држел предавања на подипломски студии во Загреб и Љубљана. Бил ментор на 12 докторанти и дваесетина магистранти. Бил чест гостин на летните славистички школи во Охрид, Скопје, Дубровник, Загреб, Задар и Љубљана. Специјални македонистички предавања имал на универзитетите во Берлин (14 дневен гостин – професор на Хумболдтовиот универзитет со македонистички предавања за тамошните слависти); Ерланген (на Ерланген-Нирбергшкиот унивверзитет – двонеделен престој со предавања за македонската литература); Катовице (еден месец со редовни македонистички предавања за одржување, да не згасне, на македонистиката по 1981 година и преоѓањето на д-р Владимир Пјанка во Виена, со испити заостанати по воената положба во Полска); Трст (предавања за македонската јазично политичка ситуација пред словенечкото малцинство), Осиек, Риека, Сплит (во трите града имал македонистички предавања), Клагенфурт (двонеделен македонски курс пред студентите југослависти), Брно (неколку македонистички предавања за студентите слависти), Хамбург (одбрани поглавја од македонската јазична, книжевна и политичка ситуација) и на други места.
Д-р Стефанија објавува македонистички и компаративистички студии и книги во Македонија, Словенија, Хрватска, Германија, Унгарија, Полска, Украина.
Објавил 37 книги и стотина статии. Од книгите 10 се поврзани со најмакедонскиот град Охрид, на пример: трите поврзани со Прличев – за панславизмот, преводот на Сердарот на словенечки со стручна и научна поддршка и Прличевата словенска граматика, двете книги за Миладиновци, петте за Охрид и Охридско: две за Викторија поп Стефанија и една за Никола поп Стефанија, Лечебникот од Охрид од 1833 година, и една книга за вицот од тој крај.
Напишал и објавил стотина статии и студии за разни јазични, книжевни, културни и современи проблеми како од областа на македонската
правна терминологија, така и од македонската секојдневна јазична практика. Активно учествува во јазичното катче на Благоја Корубин во весникот Нова Македонија со десетини прилози за современиот македонски јазик.
Над 40 години живееше во Љубљана. Член е на Хелсиншки монитор на Словенија повеќе од 10 години. Од 1992 – 2001 година бил претседател на Македонската православна заедница „Свети Клиент Охридски“ во Словенија како еден од соосновачите. Од 2007 година е избран за почесен член на Друштвото на писатели на Македонија. Станува пензионер во 1998 година. Од 2000 години предаваше балканска славистика на Академија Техничко – Хуманистичка во Биелско Бјала во Полска, со посебни курсеви по македонски јазик. Таму, по повод 70.-та годишнина, му беше посветен зборник со био-библиографски податоци со учество на трудови од помлади и постари слависти од Полска.
Публицитет.мк