Хулија е родена во Охрид сега живее во Истанбул.
Охрид , 2016
Пред една година,точно во октомври го снимивме интервјуто со Хулија Хилми кое почитувани, пријатели на Публицитет. мк и на рубриката МОЈОТ ЖИВОТ,МОЈОТ СВЕТ во првата сезона од серијалот беше најслушано и најкоментирано. Од таа причина уште еднаш го објавуваме на нашата веб страница. Хулија и неодамна беше во својот Охрид и со истата, страст, енергија и љубов зборуваше за Охрид и годините минати во него. Вреди да се потсетиме и сите ние да учиме како се сака својот град,Татковина и луѓето во неа.
Охрид, 2015
Хулија често знае да ја изненади сестра и’ Енис со ненајавени доаѓањa некогаш со нејзиниот Кенан, а некогаш сама за да ги наполни батериите во за неа единствениот Охрид кој безусловно е број еден во нејзините мисли.
Таа е дипломиран социолог , но сега е целосно посветена на промоција на македонската култура во Турција, како и на ангажманите во студиото за продукција на сопругот кој е професионален фотограф.
Конечно патиштата ни се споија и по три години договарање нејзиното најново доаѓање во Охрид го искористивме за ветеното интервју.
Со клик на линкот подолу, слушнете го интервјуото. Со Хулија Хилми разговара Милчо Јованоски:
Пред родната куќа на плоштадот – Хулија и новинарот Милчо Јованоски
Во него простор за реката спомени, среќни и тажни како животот и ред други нешта кои Ве очекуваат во аудио форматот заедно со гласот на Хулија, фотографии од нејзиниот албум и музички нумери по нејзина желба.
Интервјуто го снимавме на две локации во нивната родна куќа, односно приземјето во кое сега е сместена „Галерија“ ( некогаш кога дедо и’ го работел во истиот простор имало слаткарница) и во „Аквариус“ таму е нашето импровизирано студио.
Хулија со татко и’ Муџахит. На Балкански фестивал во Охрид
– Може банално да Ви звучи придавката среќно, но јас навистина имав среќно детство. Исклучително среќно. Дотолку среќно што денес кога го прераскажувам на познаници низ светот, ме слушаат со подзината устa.
Моето охридско детство беше идилична слика од бајка. Растев во Mесокастро, во чаршија, дворот ми беше плоштадот, во време кога патните врати од куќите ретко кога се заклучуваа, кога игрите географски се ширеа од чаршија до Канео или до на Кале. Кога веславме на Ј’но, пливавме на пливачко, кога одев на играорна, музичко, балет, драмски…И се тоа заедно.
Родителите на Хулија еден убав, охридски зимски ден
Кога се правевме важни ако некој од комшиите баш нас не одбереше да му купиме леб , од лебарана кај чичко Матијан, кога без проверката на тетка Цвета (Јанева) ниедно слатко, или ајвар не се тргаше од оган, кога правевме букетчиња од синолички или каранфилчиња и без повод и причина ги делевме по куќи, кога сите три генерации дома имавме еден лекар, најдобриот дијагностичар на цел свет, д-р Перо Тилев. Кога си влегував кај тетка Стефка (Бараковска) како дома, па си се шминкав, ставав ѓердани и ги облекував нејзините штикли, а богами ги имаше многу, па како Караѓоз им се појавував дома, кога своеволно си одев на целодневни гости кај тетка Лиле ( Тилева), на најубавиот домашен сладолед, кога баба ми за Велигден ќе ме дотераше во најубавото фустанче, па од рано наутро со сетра ми, носевме пајнци ( чинии) полни со тазе од утрото испечена баклава, по сите комшии… кога сите деца одевме на Коледе, а за Бајрам дома беа вистински журки со охридски староградски песни и босански севдах до сабајле,… кога учителите или наставниците ако не сретнеа по чаршија, иако бевме излезени со родителите, утредента неизбежно не испитуваа…
Хулија во прво одделение – 1980 година
Така се сеќавам на моето детство, вели во интервјуто за „Публицитет.мк“ Хулија Хилми, нашата нова гостинка во аудио интервјуто „Мојот живот, мојот свет“ .
Хулија со носталгија се сеќава на времето минато со нејзината баба по татко, но и за патувањата од мала со автобус до Битола кај роднините од мајка и’. Патувањето до Загреб со воз за време на зимскиот распуст…
-Го паметам времето кога први добивме телефон дома, благодарение на природата на работата на татко ми, па пола од жените од Варош доаѓааа со плетење во двор или со гоблените, некогаш со саати чекајќи ги повиците на своите блиски од странство. Кога исто така, меѓу првите добивме телевизор, па на цела соба полна гости, мајка ми им читаше на глас, а доколку беше нешто не дај боже повулгарно, тоа се прескокнуваше, а на сцените со бакнување редовно сите мижеа. И паметам гости, гости, многу , безброј, врвулици од гости….Кога немаше место за спиење кај нас….вратата од тетка Цвета беше секогаш отворена…
Хулија ја чита наградената творба на патрониот празник на училиштето
Моите родители беа навистина посебни и прекрасни. Татко ми со камерата. Еден од најпрвите камермани во РТС сега МРТВ. Мајка ми, медицинска сестра во детската болница, а потоа во централната градинка. Беа неверојатно хумани, срдечни, едуцирани , во секоја смисла убави луѓе што перфектно знаеја да живеат со двете култури. Беа неуморни во се’ што правеа. И се правеа од срце, ни вели Хулија и продолжува:
-Бабаане, на турски, мајката на мојот татко. Таа е навистина посебен фолдер. Од неа изгледа и јас и сестра ми,го наследивме генот за патувања. Баба ми практикуваше религија, постеше и се клањаше. Но никогаш не сретнав некој што во исто време толку световно живее, и е толку космополит. Таа имаше изграден, невиден нетворк од 7-70 што сите денешни социјални мрежи заедно можат само да и позавидат. Беше екстремно дружељубува, еманципирана, самостојна и мудра.
Гимназија средината на осумдесеттите
Во овој мој охридски микрокосмос се надоврзува и тогашното квалитетно школство. Георгина Поповска беше мојата прва учителка до четврто одделение во ОУ „Григор Прличев“ и благодарам за љубовта што ми ја всади кон книгата, за системот на вредности што ми се императив се до денес. На ова сакам да го додадам како билингвистика. Поддршката од дома во моето школство беше особено насочена кон носење петки по македонски јазик.Тие беа највредни за мојот татко. Ме поттикнуваше да испраќам литературни творби во списанија, а следствено добивав и награди. Најдрага ми е Прличевата школска награда, на конкурс кој што беше анонимен. Членовите на комисијата беа зачудени како тоа една Турчинка добива ваква врвна награда по македонски јазик.
Од времето на драмската секција
Хулија ни раскажуваше и како наместо на факултет по матурата заминала во Лонодон, за многуте професии кои ги променила во меѓувреме и кончено одењето на студии во Истанбул.
… – Се подразбира дека тамо една по една, отпатувавме со баба ми, која успеја сите станари во влезот каде што живеевме, да ги здружи меѓу себе, иако дотогаш си велеле едвај добар ден меѓу себе. Дури и екскурзии им организираше по други градови, се смее Хулија.
Хулија во друштво на дел од делегатите од Охрид на 13 младински Конгрес на ССМ на Македонија
Кафе „Галерија“ со пријателите
По една од многуте прошетки и бескрајни муабети со другарот Зимбо
Од на гости кај Дудановци- нивната втора дома во Охрид
Вклучете го аудиото и ќе слушнете со колку емоции и љубов Хулија зборува за ситуацијата кога турскиот во Турција не е ист со овој во Македонија, за средбата со деканот кому Охрид по едно патување му останал длабоко во срцето, воодушевен од охридските трендафили, нивниот мирис, кафето во Летница спроти нивната куќа. Нормално тие не се знаеле, ама тој заштитнички застанал до неа за време на студиите и ја сметал како за своја блиска.
Дипломирање во Истанбул, 2001г.
Анталија на одмор
Со внукот Дерин во Загреб
-Приказната оди натаму, вели Хулија. – Професори ми беа и Диане и Илкај Сунар. Денес моите свекор и свекрва. Иако ми беа професори во преполни амфитеатри, непосредниот контакт со нив сепак, се случи благодарение на деканот, коишто постојано им раскажувал за мене. Нивниот син, Кенан Сунар, во тоа време нормално јас не го познавав.Тој студираше на Филмска академија во Америка, но постојано слушав за него, по некоја случајност, неколкуте негови најдобри другари од детство мене ми беа колеги на факултет. Воедно што од мајка му, што од другарите и Кенан слушал за мене. Години подоцна неизбежно се запознавме. И еве не до денес заедно. Сепак и тоа не беше баш едноставно.
Хулија со сопругот Кенан некаде низ САД
Нивната приказна би можела да биде убаво филмско сценарио. Хулија вели дека такви приказни се случуваат. Живот. За заплетот во врската за нејзиното враќање во Скопје по конфликтот во 2001 и за нејзиното повторно враќање во Турција, таа вака раскажува:
-По дипломирањето се вратив во Скопје. Беше конфликтот 2001. Не ми се веруваше што се случува со мојата Македонија и без двоумиње се преселив во Скопје. Се вработив како социолог во НВО секторот на Центарот за стратегиски истражувања и документација – Форум, каде ќе ви признам добив знаење колку за десет факултети. Подоцна станав и директор на Школата за политика, го водев регионалниот проект законодавството и граѓаните, во време кога пратениците на ВМРО и СДСМ и на албанскиот блок, дебатираа, разговараа , се дружеа и патуваа секаде заедно и јас со нив.
Сан Франциско, 1999 г.
Една зима, одморот од Скопје го искористив за пат во Индија. Летот ми беше преку Истанбул. Заради магла авионот од истанбулскиот аеродром не полета на време. Дремев на аеродром. Беа новогодишни празници. Го извадив мобилниот и на истанбулските пријатели им праќав смс. Меѓу другите , му телефонирамим и на Кенан кој после Америка се преселил во Истанбул… Другото е историја. Патиштата повторно ни се спојија. Решивме веќе да не се пропуштаме.
Од времето на работата во Форум, во Букурешт со група парламентарци
Ова не е се’ вреди да се слушне интервјуто со нашата Хулија Хилми која токму денес полета за Истанбул и веќе го дише воздухот крај Босфорот, а мислите секако и пловат кон Охрид.
Нејзината свадба во Охрид, 2008 г.
Со сопругот Кенан на друга свадба во Охрид
Кенан, работно
Со сестра и’ Енис некаде по морињата
Нејзината пасија – нуркањето, 2012 г.
Публицитет.мк