Пред шест дена по кусо и тешко боледување во Охрид почина Ружди Руди Муфти .
Но во нашата архива остана аудио интервјуто од серијалот МОЈОТ ЖИВОТ, МОЈОТ СВЕТ реализирано со човекот со широка насмевка и душа – Ружди реализирана во ноември 2014 година.
Ружди не напушти 68 година. Тој беше дипломиран архитект, но и вљубеник и добар познавач на истроријата …
Јавноста ќе го запамети и како добар стопанственик, туристички работник, како одличен пријател и соговорник, како дел од охридскиот еснаф.
Во знак на почит и сеќавање кон она што го создаваше и се стремеше покојниот Ружди, репризно го поставуваме интервјуто за да потсетиме за неговата непресушна енергија која само опаката болест успеа да го победи.
Кликенте подолу за да го слушнете аудио записот во целост
Руди Ружди Муфти роден во Охрид, архитект по професија важи за еснаф човек во градот. Се родил и живеел во познатата охридска Карабего Маала. „И денес се сеќавам на тесната улица, дворовите обвиткани со високи огради, како и непрегледните бавчи со најубавите овошја и зеленчуци. Паметам како сите заеднички јадевме леб и шеќер натопен со вода и деновите кога се лизгавме на штотуку замразнатите две реки – бразди кои течеа низ маалата, “ вели господин Муфти.
„Како во најубав сон се сеќавам и на старото охридско кино на улицата „Даме Груев, тоа беше главниот центар за децата од нашата улица, а и од градов. Киното беше нашиот прозорец кон светот,“ додава Ружди.
Во аудио – интервјуто Ружди зборува и за ученичките денови започнати во гимназијата во која учел до седмо , а последните два класа од основното ги завршил во новото – тогаш отворено ОУ „Григор Плричев“. Ни раскажа дека училиштето е градено на нивниот имот и дека од сегашен агол нежали за тоа бидејќи на тоа место и денес стои училиштето која ја има најблагородната функција во животот на луѓето.
Господин Муфти трагал по корените и потеклото на неговото семејство. Една случајна средба со позната француска историчарка му го осветлува патот до минатото на неговите претци. Ни открива од кај му се корењата и зошто презимето му е Муфти. Последниот османлиски муфтија во Охрид бил неговиот прадедо кошто живеел до 1911 година. Тој е еднинец во семејството. Останал без татко уште како мал, а мајка му по занимање учителка се грижела да израсне во она што е денес. Нашата муфтиска куќа е срушена во 1980 година , тука минуваше трасата на сегашна „Туристичка“, а богатата документација која ни остана во наследство, по многу нешта важна за Охрид , мојот стрико уште во 1961 година ја предаде во Историскиот архив. Меѓу документите се и шест фермани директно добиени од Султанот а се однесувале на Охрид.
Во „Мојот живот, мојот свет“ Ружди зборува и за матинеата во Гимназија, за првите графитни плочи и плочите донесени директно од Истанбул кадешто живееле и живеат нивните најблиски роднини. Во интервјуто се навраќа на првото вработување во ЕМО на приватната туристичка агенција и салон „Зодијак Инженеринг“ и на ред други случки и стекнати пријателства.
Зборувавме за музиката и кафеаните за тоа како познатата охридска песна за „Деспина ’ им ја објаснува на Турците, а ни ја откри вистината за Али Паша – Јанински и за честите негови патешествија од Охрид кон Босфор, па до Страдун во Дубровник , Баш Чаршија во Сараево, до Белград на сплавовите на Дунав и пак во Охрид кај семејството и распосланата маса како во турските серии, за да ја почувствува топлината на домот и прегратката на внуците од синот и ќерката.
-Колку и да сме модерни и полиглоти, колку светот да навлегол во нашите животи кај нас во мојата куќа живеат заедно друи четири генерации. Мајка ми која во два мандати била потпретседател на Охрид во времето на Љубен Баткоски, ние со сопругата, синот, снаата и трите внучиња, вели Руди. Тој е актуелен претседател на Ротари клубот и активен е и во туристичкиот кластер „Еден“ . Вели додека може ќе помага во развојот на турзмот и според него перспективата на Охрид е во таа индустрија без оџаци.
Автор: Милчо Јованоски
Публицитет.мк