Во октомври во кино салите се прикажуваат невообичаено голем број на нови филмови од такаречи сите жанрови.Со дел од нив ќе ве запознаеме во овој материјал.
Воедно се надеваме дека на некој начин ќе Ви помогнеме во Вашиот избор при одлуката што да погледнете од богатата октомвриска понуда.
АНА КАРЕНИНА: СЕЌАВАЊАТА НА ВРОНСКИ
Рускиот Филм„ Ана Каренина:Сеќавањата на Вронски“ бил подготвуван и сниман цели четири години . Тој ја покажува сета големина на руската кинематографија и величенствената љубовна приказна која и денес е инспирација на многумина, па и на славниот руски режисер Карен Шахназаров познат по многу филмови меѓу кои и филмот „ Белиот тигар“ кој доживеа голем успех.
Дејствието на филмот се одвива во време на руско-јапонската војна, во Манџурија. Главниот хирург на руската воена болница им ги спасува животите на неколку ранети официри, помеѓу нив и на грофот Вронски. Откако ќе го дознае неговиот идентитет, оди во болничкиот стационар каде му соопштува дека суровата игра на судбината придонела баш тој да му го спаси животот, бидејки токму грофот го смета виновен за трагедијата на неговото семејство. “Моето име е Сергеј Каренин господине Вронски, син единец на Ана Каренина“. Без гаење на никакви илузии и не барајќи одговори, младиот Каренин директно му го поставува на Вронски прашањето кое го мачи целиот живот: што ја натерало неговата мајка на кобниот чин? После кратко двоумење Вронски одлучува да ја раскаже својата приказна за трагичната љубов со Ана Каренина. Вронски се навраќа во минатото, и со синот на Ана ги споделува сеќавањата на кои е заложник триесет години, забележувајки дека луѓето се сеќаваат само на она на што сакаат да се сеќаваат.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Елизавета Бојарскaја и Кирил Гребеншхиков.
СНЕШКО
Криминалистичкиот трилер како филмски жанр одсекогаш имал своја публика без разлика на нивната возраст. Своите златни години овој жанр ги имаше во четириесетите и пеесетите години од изминатиот век во САД а овој бран европска кинематографија ја заплисна една деценија подоцна . Овој жанр во последните години повторно е мошне популарен за што голем придонес имаат тв серии и тв филмови во кои во последно време настапуваат најголемите филмски ѕвезди кои „бегаат“ од филмската индустрија која тргна во сосема друга насока (темелејќи ја својата продукција на стриповска екранизација и на ефекти со кои ја лови младата публика).
Во последните неколку години токму во овој филмски жанр американската кинематографија доби голема конкуренција од филмовите кои доаѓаат од Шведска, Данска и Норвешка , чии филмови со својата содржина мајсторската продукција и актерска игра изградија сопствена препознатливост. Ова особено важи за нивната тв продукција.
Овие денови во кино салите ширум светот својата премиера ја доживеа криминалистичкиот трилер „Снешко“ кој преставува американско, англиско, шведска копродукција и кој во некоја рака го потврдува погоре напишаното.
Имено , во филмот настапува мешана актерска екипа на многу познати актерски имиња како: Мајкл Фасбендер, Ребека Фергусон, Шарлота Гејнзбург, Јонас Карсон, Џ. К. Симонс, Вал Килмер, Тоби Џонс, Џејмс Дарси, Кол Севињи… Режисер на филмот е швеѓанецот Томас Алфредсон , а сценарито е напишано според книгата на познатиот норвешки писател Џо Незбо.
Кога главниот детектив на елитен криминалистички оддел (Фасбендер) ќе почне да го истражува исчезнувањето на жртвите на првиот снежен ден, ќе биде шокиран од помислата дека недостижниот сериски убиец е повторно активен. Полицаец ќе мора да поврзе со децении стари нерешени случаи со новите брутални, ако сака да го надмудри ова незамисливо зло пред повторно да падне снегот.
ГЕОСТОРМ
Филмот „ Геосторм“преставува акционен ,научнофантастичен трилер во кој во главната улога се појавува познатиот актер Жерар Батлер. Се работи за режисерско деби на продуцентот и сценаристот на филмот „ Ден на независност“, Ден Девлин,кој го напишал сценариото за филмот заедно со Пол Гејото.
Кога катастрофалните климатски промени го загрозуваат преживувањето на Земјата, светските влади се обединуваат и создаваат програма Dutch Boy: светска мрежа на сателити што ја окружуваат планетата, вооружени со геоинженерски технологии дизајнирани да ги спречат природните катастрофи. По двегодишната успешна заштита на планетата, нешто тргнува наопаку. Двајца отуѓени браќа имаат задача да го решат дефектот на програмата, пред да може Геосторм да ја зафати планетата.
Батлер во филмот го игра ликот на научникот Џејк кој заедно со својот брат Макс е задолжен за решавање на дефектот.
Во овој спектакл, кој имал буџет од 120 милиони долари, покрај Батлер настапуваат уште и Еби Корниш, Александра мариа Лара, Даниел Ву, Енди гарсија, Ед Харис, Џим Старџес и други.
САМО ХРАБРИТЕ
Како ретко досега сведоци сме на катасрофалните шумски пожари кои се случија во летниот период а кои беснеат и овие денови во Европа и Америка , кои однесоа голем број на човечки жртви и оставија вистинска пустош зад себе која се мери во милијарди долари материјална штета со огромни пространства на опустошени шуми и земја која е сега лесен плен за дождовите кои доаѓаат а кои можат да предизвикаат додатни главоболки за населението и нови потенцијални жртви.
Филмската компанија Коламбија Пикчерс овие денови на гледачите им нуди една филмска приказна во која се говори токму за пожарите и оние кои се справуваат со нив. Се работи за филмот „ Само храбрите“ во режија на Џозеф Косински кој преставува вистинска приказна за единствениот пожарникарски тим на херои кои во текот на 2013 година на тлото на Аризона се борел со пожарот кој ги зафатил планинските предели.За да си ги заштитат своите семејства, својот град и својата земја, тие жртвувале 19 члена од својот тим.
Актерската екипа ја сочинуваат Џош Бролин, Мајлс телер,Џеф Бриџиз, Џејмс Беџс, Тејлор Кич, Бен Харди и Џенифер Конели.
Како ќе помине филмот на кино благајните е големо прашање особено заради тоа што секојдневните извештаи од пожарите , на гледачите сигурно им се прекуглава за да одат во кино и да видат нешто што секојдневно им го загорчува животот. Но…
УБИСТВОТО НА СВЕТИОТ ЕЛЕН
Филмот „ Убиството на светиот елен“ на грчкиот режисер Јоргос Лантимос, да се потсетиме, својата светска премиера ја доживеа на годинешниот Кански филмски фестивал а сега е актуелен на кино репертоарот каде својот суд за него ќе го даде публиката.
Во филмот , кој е инспириран со грчка трагедија, главните улоги ги толкуваат Колкин Фарел, бриљантната Никол Кидман и младиот талентиран ирски актер Бери Кеган.
Главен лик во филмот е Колин фарел кој игра лик на успешен кардио хирург .Тој има семејство- отмена и симпатична сопруга (Никол Кидман) која исто така е докторка и две прекрасни деца. Меѓутоа, има нешто чудно во неговиот настап и однесување.И покрај тоа што тој има престижна кариера и мошне успешен и складен брак, , се чуствува дека тука имало некакви тензии.Евидентно е дека тој морал да престане да пие и дека неговата сопруга строго води сметка за тоа.
Покрај тоа и неговите сексуални желби во најмала рака се чудни но неговата сопруга сето тоа го прифаќа како своја брачна должност и дел од нивната приватност.Меѓутоа , она што во сето тоа е необично е што тој одржува еден невообичаен покровителски однос кон еден сиромашен тинејџер ( Бери Кеген) .Наскоро ќе се открие дека покојниот татко на момчето бил пациент на хирургот. И тогаш следи шок: хирургот во текот на операцијата го убил таткото на момчето, а момчето на неговото семејство фрлил анатема против која медицината не може ништо.
Се работи за прекрасен психолошки трилер кој го краси и беспрекорна игра на актерите. Лантимос на Канскиот фестивал ја освои наградата за најдобро сценарио за овој филм.
ПРЕДГРАДИЕ
Познатиот актер Џорџ Клуни на годинешниот Венецијански филмски фестивал , се престави со својот најнов филм „ Предградие“ кој преставува шести негов игран филм кој тој го потпишува како режисер. Да се потсетиме својата успешна кариера како режисер тој ја започна во2002 година со филмот „Исповеди на опасниот ум“.
Во овој криминалистички филм со елементи на тргикомедија главните улоги ги толкуваат: Мет Дејмон , Џулиен Мур, Оскар Ајзак и Џош Бролин.
Предградието е мирна и идилична приградска населба со достапни домови и тревници како на филм… совршено место за одгледување семејство, и токму тоа го прави семејството Лоџ во 1959 година. Но, мирната површина ја прикрива вознемирувачката реалност. Таткотот Гарднер Лоџ (Мет Дејмон) ја истражува мрачната, измамничка и насилна страна на градот. Ова е приказна за лошите избори на неперфектните луѓе. Ова е предградие…
ПЛАНИНАТА МЕЃУ НАС
Во октомври на кино репертоарот во светските кино сали се најде и филмот „Планината меѓу нас“ во кој главните улоги ги толкуваат Идрис Елба и оскаровката Кејт Винслет.Филмот е темелен врз истоимениот роман на Чарлс Мартин а ја следи судбината на двајца странци кои по трагичната авионска несреќа мораат да преживеат екстремни планински услови . Кога ќе се соочат со вистината дека помошта не пристигнува, тие тргнуваат на пат кој е долг со стотици километри во текот на кој , подржувајќи се меѓу себе, ќе ја откријат силата за која воопшто не знаеле дека ја поседуваат.
Филмот го режирал израелскиот режисер , сценарист и продуцент Хани Абу- Асад според сценариото кое го напишале Мајлс Гудли и Крис Вајц.
Во филмот настапуваат уште и Дермонт Мулрони и Бо Бриџиз.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк