Д-р Томе Груевски или Тоци како што го викаат неговите блиски и пријатели, некогашни колеги и студенти со кои останал во комуникација е едноставен, непосреден, сега и отсекогаш.
Та, нели едноставноста е одлика на луѓето кои се сигурни во себе и од никого и од ништо не се плашат во професијата, туку напротив го делат и го множат знаењето со оние на кои тоа им е потребно.
Д-р Груевски, секогаш достапен за новинарите
Во случајов – професорот Груевски несебично тоа го правеше со стотиците студенти кои со задоволство ги слушале неговите предавања а потоа и положиле…
Д-р Томе Груевски, професор по комуникологија и односи со јавноста на студиите по новинарство, медиуми и комуникации на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Нема студент кој во последниве 30 години не го познава и не бил во контакт со него.
Со семејството, со сопругата Оливера, ќерката Александра, зетот Александар и внуците во Охрид
Груевски предаваше на уште два -три македонски универзитети и факултети и го пренесуваше своето стекнато искуство и знаење од страна на теоријата но и практиката.
Спомен од деновите минати во Париз
Со Томе Груевски зборувавме отворено за професорството, комуникологијата и односите со јавност. Како што тој ни рече: -Тоа е мојата препознатливост. Генерации новинари, некогашни негови студенти сега дел од РТВ станици низ Македонија и денеска Груевски ги смета за свои деца. Дел од постдипломците денеска се расеани по светот,а д-р Груевски е среќен на пример што пред неколку години само неговите предмети од новинарство биле признати во САД.
Ќе остане запишано во историјата дека токму д-р Груевски е основоположникот и човекот кој ги воведе односите со јавност како дисциплина во македонското високо образование.
Во „Мојот живот, мојот свет“ снимена во „Аквариус“ во средината на октомври, годинава ден по промоцијата на неговата втора книга посветена на охриѓанецот Коста С. Шахов д-р Груевски зборува за себе, за детството минато во Смилево и Битола, за студентските денови и првите ангажмани во ревијата Журнал, потоа Млад Борец и Студентски збор.
Зошто, неговите од Смилево за родното место не велат дека е село и зошто велат дека е Смилево до Битола, иако административно му припаѓа на Демир Хисар? Груевски сподели сеќавања од времето на дружбата со екипата на култната „Бранови на младоста“ на радио Скопје и „Студентските паралели“ кои биле енормно популарни меѓу младите и студентите.
Со клик на линкот подолу слушајте го во целост првиот дел од интервјуто со д-р Томе Груески. Автор и водител: Милчо Јованоски
Д-р Груевски со својот ментор, колега и драг пријател, професорот Тома Ѓорѓевиќ од Белград
Професор д-р Тома Ѓорѓевиќ беше еден од основоположниците на југословенската комуникологија, проф д-р Тома Ѓорѓевиќ, основачот на новинарскиот и комуниколошкиот смер на Факултетот за политички науки во Белград каде дипломирале и голем број студенти од Република Македонија. Д-р Груевски вака раскажува за професионалното минато на човекот кому му должи многу, пред се’ во истрајноста и посветеноста во жедта за наука во областа на комуникологијата и односите со јавност.
Од тие студенти излегоа голем број комуниколози и новинари што работеа во македонскиот комуникациски систем.Тома Ѓорѓевиќ беше нивниот професор и ментор на одбранети магистерски и/или докторски дисертации. Еден од нив беше нашиот колега Живко Неделковски (1952-1997) за кого проф Тома инсистираше да остане на Факултетот за политички науки во Белград, да се усовршува и да продолжи со истражувањата во областа на „Неформалното јавно мнение“, што беше негова докторска дисертација. Беа големи и искрени пријатели со професорот Боро Мокров (1917- 2005) кој во Скопје на ИСППИ на постдипломските студии на насоката по масовно комуницирање го воведе предметот „Основи на комуниколошките истражувања“. На овие студии дојдоа сите завршени студенти од Белград, Загреб и Љубљана, како професори по комуникологија, јавно мислење, медиуми итн. Сите тие беа дојдени со одлични препораки од основоположниците на комуникологијата во бившите југословенски републики. Во 1977 година во Скопје беа отворени и Интердисциплинарните студии по новинарство каде студентите учеа од првите книги и учебници на Тома Ѓорѓевиќ. Најпознати се „Политичко јавно мнение“ (1975), „Теорија информација“ (1979), „Теорија масовних комуникација“ (1979), „Комуникација и власт“ (1988), „Основи на комуникологијата“ (2001) во коавторство со неговиот долгогодишен асистен и соработник д-р Мирољуб Радојковиќ, и „Естетика“- комуниколошки аспекти (2006). Професорот Ѓорѓевиќ беше еден од уредниците на „Новинарски лексикон“ (1979) за областа од комуникологија и јавно мнение.
БИО -БИБЛИОГРАФИЈА
ГРУЕВСКИ, Томе роден во Смилево, Битолско, (1949), новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Република Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје. Уште од средношколските години се оддал на новинарство, во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на в. „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор”. Покрај тоа, бил и главен уредник на списанието за општествена теорија и критика „Дијалог“. Бил соработник на емисиите „Бранови на младоста“ и „Студентски паралели“ на Радио Скопје а потоа бил и соработник на Третата програма на Македонското радио. Професор на Студиите по новинарство, медиуми и комуникации и односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и професор на постдипломските студии на Групата за комуникации при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Повеќе години беше професор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, на Педагошкиот факултет во Битола и на Факултетот за јавна администрација, на сите степени на студии. Автор е на триесет и пет книги: учебници, научни трудови и студии од областа на историјата, теоријата на новинарството, комуникологијата и односите со јавноста, како и повеќе публицистички и новинарски трудови.
Членство во професионални и невладини организации и асоцијации: Член на Претседателството на Универзитетската конференција на ССММ и Претседател на Комисијата за информирање, во два мандати, (1978-1982); Член на Сенатот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје;-во два мандати; Секретар на Здружението на новинарите на Македонија, (1982, 1983 и 1984); Потпретседател на Здружението на издавачите на Македонија, (1985 -1987). Македонско научно друштво Битола од1997; Член на Советот за радиодифузија на Република Македонија (2006-2013); Претседател на „Студиорум“, Центар за регионални истражувања и соработка, Скопје.
Во октомври 2018г. Д-р Груевски беше прогласен за почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ( мигот кога директорката Гордана Змејковска му ја врачува благодарницата)
Добиени награди и признанија: Прва награда на Фестивалот на радиото на ЈРТ во Охрид, (1978) заедно со целата новинарска екипа за контактна емисија на програмата „Бранови на младоста“ на Радио Скопје; „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, од областа на публицистиката (1983); „Новинарско перо“ (1986), награда на Здружението на новинарите на Македонија; Награда на издавачите и книжарите на Република Македонија (1999); Награда „4 Ноември“ на град Битола (1999); Награда на в. „Битолски весник“ -„Најуспешни битолчани“ (2007).
Објавени трудови: Јавното информирање во Македонија, Скопје, 1991; Системот на јавното информирање во Македонија, Скопје, 1992; Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје 1993 (со коавтор Боро Мокров); Современиот печат во Македонија (1944-1994), Скопје, 1995 (две изданија); Историја на новинарството, кн. 1 и 2, Скопје, 1999; Теорија на новинарството, Скопје, 2000; Комуникациите и културата, Скопје, 2004; Историја на новинарството, Скопје, 2005; Култура на говорната комуникација, Скопје, 2006; Односи со јавноста, Скопје, 2007 и 2011; Комуникологија, 2011; Комуникологија на масовни медиуми (2012), коавт. со д-р Зоран Костов; Комуникологија на жанрот, 2013; Собрани дела „Комуникологија“ 2015, Коста С. Шахов Публицистика, кн 1. (2017), Константин С Шахов Книжевност кн. 2 (2018). Томе Груевски е автор и на два аудио учебници наменети за читатели со посебни потреби. Автор е на „Односи со јавноста“ и на учебникот „Историја на новинарството“.
Вториот дел од интервјуто ќе следи по седум дена.
Публицитет.мк