Осумнаесеттото издание на „Мотовун филмски фестивал“ годинава се одржа во периодот помеѓу 25 и 29 јули.Со други зборови фестивалот го прослави своето полнолетство.
Цели 360 дена во годината, малечкото, средновековно градче Мотовун е оаза на мирот,но пет дена во него врие како во кошница.Покрај неколкуте стотина постојани жители, таму доаѓаат и до 10000 посетители.Тоа се случува за времето на одржување на „Мотовун филмскиот фестивал“ еден од најомилените и најпопуларните филмски фестивали во Хрватска и регионот.Волшебноста и особеноста на фестивалот се проекциите на отворено,на улиците и плоштадите на стариот град.Токму заради проекциите во единствениот амбиент ,новинарите на фестивалот му го далеимето „ Кино Парадизо“.
Фестивалот е основан во 1999 година од страна на група професионалци, режисери,продуценти и студенти по филм,како одговор на тогашната апсолутна доминација на холивудскиот филм во кино салите во Хрватска.Првата проекција на новиот фестивал била одржана на 10 август1999 година.Бил тоа немиот филм на режисерот Аки Куарасмаки „ Супа“,со клавирска придружба во живо, во старото кино кое со години било затворено и кое за потребите на фестивалот било возобновено.Токму тој ден ниту во едно друго кино во Хрватска не играл ниту еден неамерикански филм, а новиот фестивал бил одговор на таквата ситуација.
„Мотовун филмскиот фестивал“ токму затоа својата програма ја темели на филмските приказни кои доаѓаат од сите страни на светот, во поголем дел од независна продукција и помалку познати кинематографии.Мисијата на фестивалот е да ја поддржи различноста- што повеќе различни приказни ,од различни земји со различни естетики.„ Овде налетав на кино под отворено небо за кое тврдат дека овозможува совршено доживување на гледање филмови на 277 метри над реалноста“ ќе рече за фестивалот еден од најпознатите режисери на денешнинава ,Кен Расел.А во Мотовун досега гостувале навистина голем број на познати имиња од светот на филмот како што се:Душан Макавеев,Ерланд Јозефсон,Биби Андерсон,Рајко Грлиќ,Франо Ласиќ,Реља Башиќ,Џејми Бел,Звонимир Берковиќ,Џејсон Бигс,Стивен Далдри,Богдан Диклиќ,Срѓан Карановиќ,Бранко Ѓуриќ,Срѓан Драгојевиќ,Милена Дравиќ,Мира Фурлан,Мики Манојловиќ,Горан Марковиќ,Дарко Митревски,Павел Павлоковски,Ванеса Редгрејв,Раде Шербеџија…
Во почетокот фестивалот бил замислен како не натпреварувачки.Меѓутоа спротивно на прво битните заложби на организаторите,случувањата се развивале со својата сопствена логика.Така, „Мотовун филмскиот фестивал“ од година во година додавал нови награди.Моментно ,главната награда на фестивалот е „Пропелер на Мотовун“ која ја доделува меѓународното жири на најдобриот филм во главната натпреварувачка програма. Награда „Фипресци “ која ја доделува најстарото и најугладно здружение на филмските критичари од 50 земји од светот.Овој фестивал е 37 на списокот на угледни фестивали на кои се доделува оваа награда.Тука е и наградата „ Маверик“ која му се доделува на автор кој со својата индивидуалност,слободен дух и иновативност ги ширеле и ги шират границите на филмскиот израз.Оваа награда се доделува од 2008 година.Наградата„ 50 години“ им се доделува на луѓе кои повеќе од пет децении му се посветиле на работата на филм и со тоа оставиле силно влијание и неизбришлива трага во развојот на филмската уметност.
Во рамките на годинешното издание на фестивалот, кое беше одржано под мотото„Гледам што сакам,правам што сакам“, беа прикажани над стотина филмови меѓу кои и победниците на големите европски фестивали како: Кан,Венеција,Сан Себастијан. За наградата „Пропелер“ оваа година се натпреваруваа 13 филма.
Почесните награди ,на самиот почеток на фестивалот,оваа година им беа доделени на две легенди на европскиот филм,Рајко Грлиќ кој е еден од основачите на фестивалот во Мотовун и полскиот режисер Јежи Сколимовски.Наградата на Рајко Грлиќ му беше доделена за неговите 50 години работа во филмската индустрија . Во негова чест во Мотовун беше прикажан неговиот филм „ Чаруга“ од 1991 година.Грлиќ е автор на голем број играни филмови кои оставија трага во кинематографијата во поранешна Југославија, но и многу пошироко.Еден од неговите филмови „Караула“ тој го реализираше токму на овие простори во Македонија пред десетина години,поточно во 2006 година.
На Јежи Сколимовски познат филмски творец од Полска му беше врачена наградата „ Маверик“ за неговиот авангарден пристап во светот на филмот за што има освоено голем број престижни награди на фестивалите во Кан,Берлин и Венеција.
Годинешното жири кое ги оценуваше филмовите кои се натпреваруваа во трката по главната награда „Пропелер“ за најдобар филм, работаше во состав:Тихана Лазовиќ,Петр Лом и Мира Форнај. Со едногласна одлука на жирито главната награда „Пропелер на Мотовун“ му ја додели на француско-белгискиот филм„Вакан“ на режисерот Клемент Когиторе.Се работи за воен филм кој ги избегнува сите стереотипи за војната. Тој за војната говори со еден оригинален и магичен филмски јазик, а раскажува за војниците од францускиот контигент во Авганистан,далеку од своите семејства. Тоа е филм кој говори за верата,чесноста и потрагата по вистината,кој преиспитува што е исправно ,а што не,стои во одлуката на жирито.
Истото жири на исландскиот актер Гунар Џонсон му додели посебно признание за улогата во филмот„Девствена гора“. Жирито наградата му ја додели за создавањето на ликот со кој можеме лесно да се поистоветиме и кој на сите нас ни помага да станеме свесни за својата осаменост.
Меѓународното жири на критиката предводено од Јосип Грозданиќ ,одлучи наградата Фипресци да му ја додели на шпанскиот филм„ Магична девојка“ на режисерот Карлос Вермут.
Фестивалот службено заврши во средата на 29 јули со звуците на лимениот оркестар на Џамбо Агушев со масовна здравица по која уследи проекцијата на германскиот филм од главната натпреварувачка програма„Големо финале“на режисерот Кристијан Зуберт.
Ѓоко Симјаноски / „Публицитет.мк