Отсекогаш верував и верувам во моите луѓе.
с
Пишува: Александар Ставревски,архитект
Ние Македонците сме органски карактери. Се врзуваме за сé она што за современиот западен човек е чисто техничка инстанца. Колегите ни се пријатели, живееме работејќи ослободени од огромен број формалности. Таков е македонскиот етос, најпрво почит кон животот, а потоа сé друго.
Одејќи по беспаќата на западниот живот, честопати си го поставував прашањето за компатибилноста на нашата македонска животна естетика наспроти бруталната битка за успех во големите западни градски конурбации. Вооружен со бескомпромисна амбиција и енергија за работа, успеав да изодам пат полн со успеси и падови. Скалилата на професионалниот успех никогаш и никаде не се лесни за искачување. Патот е трнлив и поплочен со добри намери, но најчесто води во пеколот. Вистинскиот успех секогаш оди преку лични или материјални жртви. Сé друго е илузија. Но, мојот светоглед не е мрачен како моите описи. Тие се тука за да додадат драма и да се осврнат на реалноста во име на вистината.
Резултат – ѕвезден успех
Денес „Г 5Д“ е млада компанија со рапиден раст. Работи само за странски пазари и извезува услуги од високата технологија во градежништвото. На самиот врв на градежниот бизнис работи со буквално најуспешните западни градежни компании. Да спомнеме неколку: „ИСГ“, „Барат“, „Мејс“… листата е долга и често ажурирана. „Г 5Д“ остава печат на најзначајните објекти кои ги дефинираат визурите на градот над градовите – Лондон. Еден „Девет Елмс“, Ејпл Стор“, „Регент Стрит“, кулите „Хеликс“ и многу други засекогаш ќе го носат печатот на нашата „вмешаност“. Навистина, со експертизата што ја имаме и со она што го правиме предизвикуваме завист кај многу компании и професионалци, исто како што и кај нас предизвикуваат завист одредени имиња.
Професионалниот и личниот живот се полни со идоли доколку сакате да ги најдете, а пречката што треба да се прескокне, животот секогаш ја поместува сé погоре и погоре. Да, на врвот преку ден е навистина убаво. Визурите се прекрасни, а погледот се протега во бескрај. Ноќите пак, се посебно убави, реткиот воздух го отвора небото и ве прави дел од Космосот, колку да можете да го видите своето место во генералното постоење на животот. Но, понекогаш покриен во магла, врвот ве затвора во себе. Тогаш е време за соочување со себеси, што е најтешко, но и најпродуктивно потрошено време. Еден наш еминентен духовник (името е ирелевантно) ми рече дека најпродуктивно време за творење е времето на лични кризи. Во контекст на мојата младост го прифатив тоа со скепса. Денес, барем за мене, ова е многу точна констатација. Затоа му се радувам на времето на врвот – во магла. Не бидејќи е лесно, туку затоа што тогаш е време за нематеријална добивка. По својата природа единствена релевантна добивка во животот.

На крај, навистина ништо без моите луѓе: Александар, Никола, Виктор, Игор, Дарко, Мартин, Ивана, Марија, Ерика, Хавиер … Ме научија на многу работи, а најважно од сé дека животот е интегрално искуство, сé е живот. Ова е голема антитеза на сегментираниот западен живот кој сака да раздвојува и да категоризира во име на продуктивноста.
Седејќи на врвот, навечер често ги гледаме ѕвездите. Тогаш нашите проекти изгледаат мали и безначајни, какви што и се. Но, тогаш Космосот и животот изгледаат грандиозно.






