Во понеделникот започна официјалната посета на американскиот претседател Барак Обама на Куба.Она што оваа посета на некоја земја ја издвојува од останатите е тоа што тоа е прва посета на некој од американските претседатели на нивните мошне блиски соседи (САД и Куба се оддалечени меѓусебе 2448 км. или 1519 милји) по цели 88 години.Се разбира ние нема да се занимаваме со причините за ова ниту пак за тоа што значи таа за двете земји но и пошироко во светски рамки. Од друга страна, во тек се предизборните активности за избор на нов претседател на Америка, активности за кои се говори и пишува секојдневно во сите средсва за информирање.
Овие настани ќе го искористиме за една тема која е поврзана со филмот. Имено, како што е познато во историјата на филмот се снимени огромен број на филмови во кои претседателот на Америка е една од личностите околу кој се плете приказната на филмот без разлика на тоа дали се работи за реална или фиктивна приказна.
Овојпат ќе се потсетиме на некоклу измислени американски претседатели кои привлекле најголемо внимание кај гледачите.
Познато е дека филмот одсекогаш бил предвесник на збиднувањата во реалниот живот , или со други зборови сценаристите многупати досега во своите приказни предвиделе многу нешта кои подоцна се случиле во реалниот живот. Меѓу другото , тие во неколку филмови како претседател на најмоќната држава на светот поставиле црнец , рушејќи ги на тој начин расните граници кои одсекогаш биле најосетливиот дел на ова поштество. Поставувањето на Барак Обама за претседател на САД ( и тоа во два мандати) е уште ден доказ за тоа дека измислените филмски претседатели на филмското платно станаа реалност , со што на некој начин се потврди старата вистина дека филмот е всушност слика на животот но и дека животот наликува на филм.
Еве потсетување на неколку од нив:
ДЛАБОК УДАР (1998)
Такаречи 10 години пред Барак Обама да стане жител на Белата Куќа во Вашингтон и да раководи со САД , во 1998 година режисерката Мими Ледер (само една година подоцна ,откако го реализираше својот дебитантски филм „ Миротворец“кој се снимаше и во Охрид, кога таа престојуваше во нашиот град)го сними научно фантастичниот спектакл „ Длабок удар“, во кој се говореше за судирот на една голема комета со земјата и последиците од тоа , нешто што како можност во реалниот живот не е исклучено.
Во филмот во улогата на претседателот на САД се појавува црнечкиот актер Морган Фримен ,кој честопати толкува личности од светот на политиката а еднаш дури го играше и семоќниот Бог.
24 (ТВ серија 2001- 2010)
Црномурестиот актер Денис Хајсберт, кој го играше ликот на претседателот на САД , Дејвид Палмер во дури 81 епизода од ТВ серија „24“ (2001 – 2010), според многумина е еден од најдобрите измислени претседатели на САД.
Овој претседател го сакале сите, од американците на сите политички опции , па се’ до луѓето кои американската политика не можат да ја смислат. Виновник за тоа е харизмата на Палмер,неговата одлучност во решавањето на кризните ситуации,преземањето на одговорноста и убавиот глас – карактеристики кои би ги посакале сите вистински претседатели. Благодарејќи на таквата појава, претседателот Палмер околу себе ќе собере голема група на лојални следбеници кои во серијалот „ 24“ ја извршуваат секоја негова наредба. Сепак, за да не испадне дека човекот е безгрешен , мора да се напомене дека не секогаш околу себе ги бира најдобрите соработници , од злобната сопруга, па се’ до лошите блиски соработници што во крајна линија ќе биде причина за неговата смрт по атентатот извршен врз него.
АМЕРИКАНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ (1995)
Во 1995 година познатиот режисер Роб Рајнер ја сними романтичната комедија „Американскиот претседател“ во кој тогаш мошне популарниот актер Мајкл Даглас( кој денес има сериозни здравствени проблеми со закана на неговиот живот)го толкуваше ликот на Ендрју Шепард – претседател на САД.
Во филмот Ендрју Шепард не е само вдовец од Белата куќа – туку тој воедно е и најпосакуваниот светски неоженет човек.
Мајкл Даглас односно Ендрју Шепард има потешкотии во врската со убавата лобистка Сидни Елејн Вејд која ја игра актерката Анет Бенинг, па така тој мора да го прекине љубовниот состанок со згодната лобистка за на брзина да издаде наредба да се бомбардира некоја земја од Блискиот Исток , или пак за својата приватност тој мора да се избори бегајќи од досадните папараци и од агентите на тајната служба задолжени за неговата безбедност.
Филмот покажува колку е тешко претседателот на САД да има свој приватен живот, особено ако покрај себе нема прва дама.Но, и ако ја има како во случајот со бившиот председател Клинтон , може да му се случи некоја Левински , и повторно да се најде на тапет пред јавноста.
Што се однесува до филмската страна на ова остварување , мора да се каже дека филмот „ Американски претседател“ имаше номинации за Златен Глобус во категориите за најдобра режија, најдобро сценарио, најдобар актер, најдобра актерка и најдобар филм комедија- мјузикл.
ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ БОИ (1998)
Познатиот режисер Мајкл Николс во 1998 година ја сними комедијата со драмски елементи насловена како „ Претседателски бои“ во кој Џон Траволта го игра ликот на претседателот на САД Џек Стентон. Токму така , неговото презиме не е Клинтон туку Стентон , но ликот на претседателот кој во филмот го преставува Џон Траволта му недостасува уште саксафон па да биде слика и прилика на бившиот претседател Бил Клинтон. Траволта во детали го имитира гласот на Клинтон и неговите движења. Неговиот претседател е харизматичен јужњачки гувернер кого широките народни маси го сакаат , додека тој сака само жени и пржена храна.
Прашањето кое овој филм го поставува е дали повеќе треба да се внимава на личноста на политичарот или на неговите политички идеи. Председателот Стентон не остана запаметен , бидејќи во кино салите се појави во исто време кога вистинскиот претседател Клинтон се најде среде скандалот со Моника Левински. Впрочем , кому му е потребен измислен претседател кога вистинскиот нуди многу поинтересни нешта што ги полнат страниците на жолтиот печат?
И покрај се’ филмот имаше голем број на номинации за неколку награди а стана добитник на неколку престижни награди.
ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ АВИОН (1997)
Американците имаат председатели за секоја прилика па дури и таков кој во акционен филм со непријателот работата ќе ја расчисти со тупаници.
Во филмот „Претседателскиот авион“ од 1997 година , актерот Харисон Форд го игра ликот на Џејмс Маршал , претседател со воено минато благодарејќи на што тој знае да се истепа со киднаперите на претседателскиот авион и да управува со патничкиот млазен авион. Освен тоа тој е мошне уверлив говорник кој нема проблеми ниту со телевизиското обраќање кога говори против теоризмот , и притоа без трунка страв на водачот на терористите , Гери Олдмен односно Егор Коршунов в лице му порачува:
„ Губи се од мојот авион“.
Како што веќе навикнала филмската публика , Форд не го спасува само целиот свет, туку и сопственото семејство. И после сето ова , кој не би гласал за еден ваков претседател – добар и одговорен татко кој може целиот свет да го спаси од интернационалниот злосторник.
Филмот постигна забележителен успех на кино благајните заработувајќи за тоа време солидни 315 милиони долари. Инаку буџетот на филмот , кого како режисер го потпишува Волфганг Петерсен, изнесувал 85 милиони долари.
Интересно е да се напомене дека тогашниот председател на САД, Бил Клинтон два пати го гледал овој филм и дал позитивни критики за него.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк