Читајќи ја деновиве веста за нападот на една ајкула врз австралиецот Мик Фанинг за време на сурферскиот натпревар Џеј-Беј Опен во Јужноафриканската република,не можам а да не се потсетам на филмот „Ајкула“ на режисерот Стивен Спилберг од ,сега веќе далечната, 1975 година.
Неодамна, во САД беа одбележани 40 години од премиерното прикажување на овој филм кое се случило на 20 јуни 1975 година.По тој повод компаниите Тарнер Класик Муви и Јуниверзал Пикчерс организираа специјални проекции на филмот „Ајкула“ во дури 500 кино сали низ САД. Според пишувањето на „Ентертејмент Викли“, на барање на публиката филмот бил репризиран и на 24 јуни. Овој податок само ја покажува вистината за популарноста на овој голем летен филмски хит кој по неговата премиера и финансискиот успех што го доживеа ги промени сваќањата и параметрите за тоа што е летен филмски хит.Филмот бил пуштен во истовреме во 409 кино сали низ САД ,бројка која за тоа време била мошне голема.Публиката на филмот реагирала извонредно. Сите зборувале само за филмот.Сите биле љубопитни да видат што е тоа толку интересно во филмот што ја привлекува публиката во кино салите.И сите сакале да го видат филмот .Повторно и повторно.Постојат податоци кои велат дека филмот „Ајкула“ на првото место според гладаност успеал да опстои цели 14 недели едноподруго.За време на првиот викенд од неговото прикажување во кино салите ширум САД ,филмот заработил 7 милиони долари (исто колку што изнесувал неговиот претпоставен буџет). Само во САД филмот тоа лето го виделе над 67 милиони гладачи.Неговата вкупна заработка во САД изнесувала вкупно 260 милиони долари и додатни 210 милиони долари во остатокот од светот,или вкупно 470 милиони долари, што пак изнесува 67 пати повеќе од неговиот буџет.Колку би изнесувала оваа заработка денес ,кога просечната цена на влезниците во САД изнесува 8,12 долари? Со пресметаната инфлација заработените 260 милони долари во 1975 година,кога просечната цена на влезниците била 2,05 долари,денес би вределе 1 милијарда и 40 милиони долари.Со ваквата заработка „Ајкула„ се наоѓа на првото место на летни блокбастери на сите времиња,оставајќи ги зад себе „Војна на ѕвездите“ ;„Паркот Јура“ ;„Темниот витез“ и „Индијана Џонс“.
Од друга страна создавањето на филмот за младиот режисер ,тогаш,27 годишниот Стивен Спилберг бил вистински кошмар.Тоа бил трет филм во кариерата на младиот режисер по филмовите „ Двобој“ и „Тексас експрес“.Сценариото кое било напишано според романот на Питер Бенчли имало многу недостатоци а големи проблеми предизвикала и механичката ајкула , на која Спилберг и` го дал името Брус според неговиот адвокат, а која не функционирала како што треба.За потребите на филмот биле изработени три механички ајкули од кои едната била отворена од левата страна,другата од десната страна а третата била обложена со кожа во соодветна боја. Секоја од нив чинела по 250000 долари. Буџетот на филмот од предвидените 3,5 милиони долари пораснал двојно а снимањето од предвидените 52 дена се издолжило на 159 дена.Спилберг секој ден се будел со мислата дека ќе добие отказ од овој проект и дека неговата кариера ќе биде завршена и пред вистински да започне.Но, токму недостатоците на механичката ајкула го приморале да најде други решенија со кои ајкулата се гледа помалку но се чуствува повеќе.
Филмот бил реализиран на островот Хавана Марта ,кој всушност го играл островот Амити од приказната на филмот.Островот бил избран пред се` заради големата песочна плажа и заради тоа што песочното дно се протегало до 30 метри длабочина во морето,што било подобно за командување на механичките ајкули.Локалните жители од островот добивале по 64 долари дневно за да врескаат и бегаат по плажата кога тоа било потребно за потребите на филмот.На островот пред да биде сниман филмот „Ајкула„ во летниот период доаѓале по 5000 туристи. По прикажувањето на филмот таа бројка се искачила на 15000.А токму туризмот е двигател на економијата на островото во приказната на филмот. По нападот на џиновската бела ајкула врз една млада девојка ,шефот на полицијата сака да го забрани пристапот на туристите на плажата ,што предизвикува жесток отпор кај градоначалникот,кој стравува дека таквата одлука тешко би го погодила стопанството на градот кој исклучиво живее од туризмот.Откако ајкулата повторно ќе нападне,полицаецот Броди се здружува со професионалниот ловец на ајкули Квинт и со младиот ихтиолог Мет Хупер.Оваа тројка ќе исплови со бродчето на Квинт од кое со разни средства се обидуваат да ја убијат големата ајкула.Но, без успех…На крајот доаѓа до одлучувачката битка.
Главните улоги во филмот ги толкуваат:Ричард Драјфус во улогата на Мет Хупер,Рој Шајдер кој го игра ликот на шефот на полицијата Мартин Броди и Роберт Шо во улогата на ловецот на ајкули ,Квинт.Интересно е да се спомене дека режисерот за улогата на Броди барал актер кој не бил познат.Шајдер ,неговиот агент со Спилберг го запознал во текот на една забава на која режисерот им раскажувал околу плановите за филмот.Шајдер го слушал и на крајот рекол:„ Тоа е одлична приказна. Што мислиш за мене ?“. Од друга страна, тогаш мошне популарниот актер Ли Марвин не сакал да ја прифати улогата на Квинт,велејќи дека сака повеќе риболов во вистинскиот живот а не на филм.Продуцентите на филмот ,нешто подоцна на Спилберг му го предложиле Роберт Шо, кого го ангажирал одкако погледнал неколку негови постари филмови. Од тројцата актери,денес е жив само Ричард Драјфус,кој има 69 години .Останатите двајца ,одамна се во вечните ловишта. Роберт Шо почина само три години по успехот на филмот „Ајкула“ во 1978 година на 51 годишна возраст,додека Рој Шајдер замина од овој свет на 75 годишна возраст во 2008 година.
Филмот „Ајкула“ во 1975 година имаше четири номинации за оскар а освои три.За најдобра монтажа,најдобар звук и најдобра оригинална музика која ја напиша Џон Вилијамс.Воведната музичка тема во филмот е толку многу импресивна што верувам дека се памети исто колку и самиот филм.Кога Спилберг за првпат ја слушнал музиката изведена на клавир, помислил дека се работи за шега, бидејќи звучела премногу едноставно.Подоцна , тој го замолил Вилијамс да му ја одсвири уште неколкупати,по што сватил дека тоа е она што му треба.Денес тоа е една од најпрепознатливите теми во историјата на американската кинематографија.
По огромниот успех што го доживеа филмот , беа снимени уште три се` полоши продолженија со кои Стивен Спилберг немаше никаква врска.Така, во 1978 беше снимен „Ајкула 2“ во режија на Жано Шварц, во 1983 следуваше „ Ајкула 3 Д“ во режија на Џо Алвес и во 1987 „Ајкула 4“ во режија на Џозеф Сарџент.
Јубилејот ,четири децении од премиерното прикажување на филмот „Ајкула“ покрај другото беше одбележан и со објавата на неколку филмски плакати посветени на оваа годишнина кои се изработени од врвни илустратори и преставуваат навистина прекрасни ликовни дела во овој жанр.
Помладата генерација,овој филм не успеа да го види на големото платно ,но верувам дека се запознале со него на некој друг начин. Тие сепак се во предност бидејќи слободно можат да ги брцнат своите нозе во морската вода во овие жешки денови а притоа да не ја почуствуваат моќта на музиката на Вилијамс и да избегаат од неа.
Магијата на филмот можеби се крие токму тука.
Ѓоко Симјаноски / Публицитет.мк