До крајот на оваа филмска година остануваат само уште триесетина дена и затоа веќе наголемо започнаа да се сумираат резултатите од годинешната филмска жетва.
Започнаа да се објавуваат и поедини листи за тоа кој филмови поминале најдобро на кино благајните во САД но и во светски рамки. Некои од овие резултати ќе претрпат и одредени промени од причина што до крајот на годинава токму во месец декември се очекува премиера на неколку филмски блокбастери кои со своите финансиски резултати би можеле да направат извесни промени. Но, за тоа како стојат работите со најуспешните ќе направиме еден преглед по дваесетина дена кога работите ќе се вжештат уште повеќе со појавата на најочекуваниот блокбастер „ Војна на ѕвездите“VII кој ќе започне да се пеикажува во САД и во светот од 16 односно 18 декември.
Овој пат ќе се позанимаваме со губитниците во филмскиот бизнис односно со другата страна на медалот во филмскиот бизнис.Овие денови престижниот магазин Форбс и интернет порталот YAHOO преставија листи на филмови на кои се поместени по десетина филмови кои во оваа 2015 година на нивните продуценти им донеле сериозен губиток наместо очекувана заработка. Двете листи имаат поинакво преставување на губитокот. Така магазинот Форбс тоа го преставува процентуално колку некој филм успеал да ги врати вложените пари а YAHOO е малку поопиплив па губитокот го изразува во милиони долари.Како и да е се работи за губиток кој големите компании го надокнадуваат со заработката на останатите свои филмови, меѓутоа губитокот од неколку десетици милони долари кај помалите компании значи во најлош случај и банкрот. Но во немилосрдниот свет на бизнисот каде што владеат парите добивката и губитокот се ортаци.
Меѓутоа , мошне интересно е дека ниту ангажманот на големите филмски ѕвезди не е никаква гаранција дека филмот ќе биде успешен. За ова има повеќе примери во историјата на филмот но и во оваа 2015 година.
Таков е случајот со комедијата КАЗБАХ РОК во кој главните улоги ги толкуваат Бил Мари, Брус Вилис, Кејт Хадсон и Зои Дешанел. Според магазинот Форбс филмот заработил само 2,87 милиони долари а неговиот буџет изнесува 15 милиони долари.Според овие податоци процентот на враќањето на вложените пари во овој филм е мизерен со само 19,3 %.
Или да речеме филмот „ПАН“на режисерот Џо Врајт кој во дистрибуција влезе на 9 октомври а во кој главната улога ја толкува мега ѕвездата Хју Џекмен.
Според YAHOO губитоците на овој филм би можеле да се опишат како епски . Имено, буџетот на филмот изнесувал 150 милиони долари . На оваа сума треба да се придодадат и 120 милиони долари кои се потрошени за маркетинг на филмот ширум светот ( средства кои обично се непознати и секогаш се калкулира со основниот буџет). Со ова потрошените средства вртоглаво се искачуваат на 270 милиони долари. Филмот досега во американските кино сали заработил 35 милиони долари а во остатокот од светот уште додатни 89 милиони долари или вкупно 123 милиони долари. Според конечната пресметка губитокот може мошне лесно да се пресмета , а тој изнесува 147 милиони долари.
Не помина најдобро ниту Шон Пен со филмот „СТРЕЛЕЦ“, драма во која Пен се појавува како коавтор. Оваа акциона крими драма започна да се прикажува од 30 март во кино салите во САД и светот и досега успеа да заработи 10,7 милиони долари што не е ни одблиску до буџетот на филмот од 40 милиони долари. Без додатните трошоци околу маркетингот тој успеал да ги врати вложените средства само 26,7%. Овој процент е уште помал доколку се вметнат и трошоците за маркетинг.
Една од најголемите филмски ѕвезди Џорџ Клуни оваа пролет, поточно во мај, се престави со својот најнов филм „ УТРЕ ЗЕМЈА“ на режисерот Бред Бирд. Филмот во американските кино сали заработи некаде околу 93 милиони долари а во остатокот од светот уште 115 милиони долари што вкупно изнесува 209 милиони долари. На прв поглед , добра заработка. Но, ако се спомене дека неговиот продукциски буџет изнесувал 190 милиони долари и дека неговите маркетиншки трошоци изнесувале 140 милиони долари, тогаш се добива сосема поинаква слика, односно трошоците за него ја надминале бројката од фантастични 330 милиони долари.Сето ова резултира со губиток од 120 милиони долари.
За ваквиот резултат не помогна ниту тоа што филмот беше прилагоден за прикажување во ИМАКС и 3Д формат , што пак носи додатна заработка на кино благајните , заради поскапите влезни билети.
Филмот “ ХАКЕР“(во слободен превод) во режија на Мајкл Мен во кој настапува новата ѕвезда Крис Хемсфорт а покрај него и Виола Дејвис имал буџет од 70 милиони долари и маркетиншки трошоци од 10 тина милиони долари.Филмот на кино благајните помина очајно Во американските кино сали заработил едвај 7,8 милиони долари а во остатокот од светот уште додатни 11 милиони долари или вкупно 19 милиони долари.
Процентот на враќањето на вложените пари изнесува скромни 27,7 %, процент со кој сигурно не се задоволни продуцентот. Искажано во разбирливи бројки , губитокот изнесува 61 милион долари.
Потенцијалниот блокбастер “ ФАНТАСТИЧНА ЧЕТВОРКА“ , барем според заработка не ги исполни очекувањата на продуцентите. Имено , продукцискиот буџет изнесувал 120 милиони долари а средствата за маркетинг уште додатни 80 милиони долари.Сето тоа не било гаранција дека вложените пари ќе се вратат. Тоа го покажаа и резултатите на кино благајните кои велат дека филмот во САД заработил 56 милиони долари а во остатокот од светот уште 111 милиони долари што сепак преставува губиток од 35 милони долари во однос на вкупно вложените 200 милиони долари.
Трилер драмата „ ДЕТЕ 44“ на режисерот Даниел Еспиноза во кој настапуваат Том Харди, Номи Рапак и Гери Олдмен имал буџет од 50 милиони долари.Интересно е дека филмот имал неверојатно лошо отворање. Имено за време на првиот викенд на 17 април, оваа година ,заработил само 621812 долари. Резултатите и подоцна не биле поинакви. Филмот во американските кино сали заработил 1,2 милиони долари а во остатокот од светот десет пати повеќе, поточно 11,7 милиони долари. Кога ќе се собере и одземе се доаѓа до губиток од 37 милиони долари и тоа без трошоците за маркетинг од претпоставени 10 милони долари.
Научно фантастичниот трилер„ ВОН/СЕБЕ“ во кој настапуваат Рајан Рејнолдс и Бен Кингсли имал продукциски буџет од 26 милиони долари што се смета за ниско буџетен филм. Филмот во американските кино сали остварил заработка од 12.5 милиони долари што преставува покритие од 47. 3 % на продукцискиот буџет. Можеби овој губиток ќе се намали по неговата експлоатација во кино салите во остатокот од светот но сепак тешко е да се очекува дека филмот ќе ги врати вложените пари во него.
На самиот крај од месец мај во американските сали и во светот започна да се прикажува романтичната комедија со драмски елементи „ АЛОХА“која како режисер ја потпишува Камреон Кроу.Филмот имал продукциски буџет од 37 милиони долари.Меѓутоа ниту ѕвездената екипа во состав Бредли Купер, Ема Стоун, Рејчел мек Адамс, Бил Мари и Алек Болдвин , не можеле да го спасат од финансиска пропаст.Имено филмот успеал да заработи вкупно 26 милиони долари , што сепак преставува губиток од 11 милиони долари
Џони Деп важи за актер кој ги полни кино салите . Меѓутоа тој честопати знае да сними некој филм кој не ги остварува очекуваните финансиски резултати.Оваа година тоа му се случи со филмот „ МОРДЕКАИ“ кој имал финансиски буџет од 60 милиони долари но досега заработил вкупно 47 милиони долари што преставува губиток од 13 милиони долари.Ниту учеството на Гвинет Палтроу, Јуан Мек Грегор и Пол Бетани не помогнале филмот да на ги оствари очекувањата на продуцентите.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк