Деновиве беше промовирана монографијата во чест на педесетгодишнината од постоењето на ОМУ „Методи Патче“ во Охрид.
Во неколку продолженија ПУБЛИЦИТЕТ.МК ексклузивно ќе објави сеќавања на оние кои го создаваа Музичкото.
Второто продолжение ги содржи сеќавањата на Наум Гаврилоски
Работев во Скопје во училиштето „Владимир Илич Ленин “ таму го водев хорот и освојував вредни награди меѓу кои и Прва награда на хорските смотри во Југославија. Имав завршено Педагошка академија – музичка насока. Ме повикаа од Општина Охрид и ми ја образложија идејата дека во Охрид ќе се отвори Нижо музичко училиште. Ме убедија да го формирам и да го водам. И така бидна, се вратив тука.
Првиот простор на училиштето ни беше на кеј „Маршал Тито“. Сите ја знаеме стара зграда пред куќата на семејството Аголи. Почнав да го формирам училиштето. Освен од административна страна , се формираше и наставничкиот тим. Покрај мене во училиштето го зедов и колегата Ѓорѓи, Ѓоко Илиески, кој дотогаш работеше во ОУ „Св. Климент Охридски “.
На почетокот во училиштето имаше класи по виолина, хармоника и дувачки инструменти – труба и пијано. Во 1968 година во просториите на Музичко го формирав и КУД „Ѓердан“. Главен иницијатор беше тогашниот директор на „Охридско лето“ Миле Волканоски. Паралелно и целосно бев посветен на класиката, репродуктивната уметност и фолклорот.
Од Музичко заминав во Домот на културата и го формирав КУД „Бисери “, подоцна и во некогашниот текстилен гигант Отекс повторно работев со фолклорот. Таму го формирав КУД „Отекс“.
По пензионирањето се вратив во Домот на култура „Григор Прличев“ ги водев Градскиот хор и КУД „Бисери“.
Извор: Монографија „Педесет години ОМУ МЕТОДИ ПАТЧЕ“ – Охрид
Публицитет.мк