Македонската легенда Наум Петрески со концерт во Метрополис Арена
Ова ќе биде редок и значаен музички настан на Наум Петрески, славенички концерт на неговите 30 златни години исполнети со песни, хитови, успеси, награди, фестивали, аплаузи, рече новинарката Валентина Ѓорѓиевска која пред присутните говорејќи за Наум како најбисерно македонско машко грло го спомена покојниот Александар Сариевски кој во едно нејзино интервју уште одамна и кажал дека како свој наследник го гледа единствено Наума,и тоа како господин на песната.
Дел од промотивниот материјал вметнат во новото ЦД
По тој убав повод, уметникот Наум Петрески и организаторот „Авард Промотион“ имаа новинарска дружба во Рибниот ресторан „Лихнидос“ во Охрид, на кој официјално беа соопштени сите информации и детали за овој значаен и неповторлив музички настан.
Програмата на концертот, на кој легендата ќе ги испее своите антологиски песни, придружен од петнаесеттина врвни музичари на народен оркестар, ќе биде збогатена и со музички гости, звучни пејачки имиња. Во негова чест на сцената овој пат ќе запеат- Meрима Његомир, Виолета Томовска, Зуица Лазова, Румјана Попова,Димитар Димитров- Градевец, Ѓоко Таневски, Јоце Панов и други.
За Наум песните повеќе кажуваат од зборовите- познат и признат на балканските простори, обожаван од сите љубители на добрата народна песна, а како круна на неговата успешна 30 годишна кариера на македонската и балканска сцена, се случува и овој јубилеен концерт, кој може слободно да го наречеме – јубилеј со златни песни!
По тој повод Наум го издаде најновото ЦД со симболичен наслов „Грло ненапеано“ кое содржи 15 песни, плус една бонус.
Јубилејниот концерт е на 22 април, од 20 часот на кој ќе ја слушаме македонската песна излеана од кадифениот глас на Наум Петрески, и ќе паметиме една незаборавна музичка ноќ. Влезниците се веќе во продажба по цена од 350 денари и според Наум нему не му е целта да заработи туку во чест на триесетката на естрадата само да се покријат трошоците и публиката да биде задоволна.
Од „Што ќе ти е бекрија“ преку „Има ли песна“ над 300 снимки се веќе зад него. За неговиот естраден живот, за семејството, тагите и радостите Наум ќе зборува на Публицитет.мк на 21 април во култниот аудио серијал МОЈОТ ЖИВОТ, МОЈОТ СВЕТ“ ден пред неговиот голем концерт.
Публицитет.мк