Авторот проф. д-р Миле Миќуновиќ деновиве ја објави 12 книга од областа на масонството под наслов „Масонски степени“.
Наскоро таа ќе биде промвирана со останатите 11 книги, кои за првпат јавно ќе бидат изложени во Охрид, заедно со каталог преку кој заинтересираните ќе можат да видат што стои зад нивните наслови. Тоа беше доволен повод за кусо интервју со авторот д-р Миќуновиќ како увертира на она што ќе се случува во Охрид, во средината на идниот месец – октомври.
Д-р Миќуновиќ, масонеријата е нејасна или …?!
-Денешнава масонерија за многумина е нејасна, па неправедно и директно ја обвинуваат. Темницата секогаш била незнаење, прекривка преку очи што самите себеси ја ставаме, неодредени околу многу прашања, што би рекле „Ни таму, ни ваму“. Непријателите на масонеријата дејствуваат само од незнаење, завист или омраза – тоа се мани што ги поседуваат сите луѓе, а оние што имаат моќ со овие мани прават зло во светот. Тие страдаат, патат. Незнаењето води до патење. Исто така, пасивноста води до мака и егоизам. Зависта раѓа омраза, тоа го раздвижува бесот, лутината создава конфликти и судири. Коренот на несреќата е во незнаењето, непознавањето на вистинската природа на човекот.
Што е масонство?
-Масонството не е пасивно братство, туку активно (ама тивко!) ги спроведува своите идеи во светот.
Масонеријата не врши пропаганда, ниту поdдржува религиозни или политички движења, ама секому му прикажува дека добрината може да биде манифестирана независно од припадноста на нација, раса, партија или религија. Тоа масонеријата ја прави универзална.
Во масонските ложи не се одлучува за судбината на светот ниту се кројат нови граници, како што многумина погрешно ја толкуваат нивната присутност во текот на историјата.
Масонеријата гради храм, но тоа не е храм од камен туку храм составен од човечки соништа кои се исполнуваат. Тие се предодредени со обожување на највисокиот Бог чие име е љубов.
Масонеријата е организација која низ целиот свет собира луѓе со чисти чувства, зрел разум и цврст карактер без разлика на верата и националност во братска заедница.
Какви луѓе се масоните?
Во историјата на ова братство, меѓу масоните се примале луѓе на добар глас, способни, професионално исполнети кои за секој проблем бараат решение преку пристоен и цивилизиран пристап. Тие се подготвени да одат кон светлината и цврсто да ја држат во другите што одат во темница.
Тоа се луѓе што знаат дека секој човек е слободен и дека секој човек во суштина е наш брат без разлика на наметнатите општествени ограничувања што во себе ги носи. Тоа се луѓе кои се подготвени да одат понатаму во развојот на мислите, а при тоа да не ги заборават своите должности: да се биде добар човек, а со тоа и добар масон – градител, добар татко, добар маж, добар работник, пред сè човек! Тоа семе секој во себе го носи, некои во темница, а некои свесни од почеток. Тоа семе е како груб и необработен камен и секој тоа во себе го чувствува, ја чувствува потребата да се формира себе си според светлината, да биде добар човек што ќе направи нешто добро.
Која е целта на масонеријата?
Целта на масонеријата е да ги направи луѓето дружељубиви, просветени и силни и да ги одушеви за лична работа за корист на човештвото, слободно и мирно помагајќи го развојот на природните закони.
Слободното ѕидарство го сочинува одбрано здружение на браќа чија чесност е призната и кои, поврзани со чувството на толеранција, слобода, еднаквост и взаемна љубов, помагаат добро, отстрануваат зло, прават милосрдие и тежнеат да користат за општа работа.
Целта е добриот човек да го направат уште подобар.
Од ваши напишани 93 книги ова е 12 масонска книга која зборува за масонските степени. Што учат тие?
Масонеријата е длабоко образование на душата на човекот. Тоа образование се продлабочува и се развива од степен во степен.
Сината ложа, составена од три степени, ја промовира братската љубов и добродателството, ги продлабочува односите меѓу браќата, учи на одговорност.
Сините степени претставуваат „основно образование“, додека црвените степени се како факултет или универзитет на масонеријата. Она што е битно е што „оценките“ се добиваат во животот, во квалитетот на живеењето и во исполнувањето на добрината што е и основен параметар на високото образование во масонскиот систем на учење. Колку што е човекот квалитетен и приврзан за вистината, тоа е и заедницата, неговото потесно и пошироко опкружување под чисто влијание со што се остварува просперитетот и благосостојбата.
Добрината и хармонијата, живеењето во вистината треба да биде нормална состојба во која битисува човечкиот вид – тоа е една од целите на масонеријата – да се воспостави братство меѓу сите луѓе во светот и да се живее во слобода, еднаквост и вистина.
Публицитет.мк