Излезе од печат нова илустрирана книга за деца „Другаруваме со Лили и Вили“ од најмладата авторка во ЕДУКА МАК – Матеа Стоев од Охрид.
Книга со раскази е наменета за децата од предучилишна и рана училишна возраст, таа своевидна расказница, полна е со симболи и едукативно-воспитни пораки и поуки.
„Дојдете на новото патување со Лили и Вили на незаборавно убави доживувања и другарувања. Лили и Вили ќе ве потсетат на вистинските вредности во животот. Оваа книга е вистинска сладост за очите, но и за душата и за мислата, таа плени со прекрасни илустрации, со фантастични колоритни богатства и преубави привлечни амбиенти…“ пишува проф.д-р Кристина Николовска во својата рецензија.
„Од расказите и прекрасните колоритни илустрации во оваа книга на сликовит начин привлечно и експресивно извираат позитивни примери и создаваат од најмалата публика емпатични, дружељубиви и сестрани деца. Поуката што извира ненаметливо како круна од секој текст претставува интеракција на мислите и ставовите. Расказите се доволно моќни сами по себе со минималистички израз на зборови да испратат значајна порака до секое дете и да го отворат прозорецот кон здраво растење и развој…“ додава вториот рецензент м-р Роза Костеска.
Илустрациите се дело на Игор Јовчевски а улогата на уредник и редакција ја има м-р Ели Маказлиева од ЕДУКА МАК.
Публицитет.мк