Годинешната церемонија на доделувањето на најпрестижните награди,Оскарите, ќе се случи на 28 февруари во Долби Театарот во Холивуд.
оделувањето на наградите во овој театар беа доделени на 23. март. 2002 година кога неговото име беше Кодак Театар. Но по банкротот на компанијата Истман Кодак во февруари 2012 година , правата за користење на овој театар во наредните 20 години ги откупи компанијата Долби по цена од 75 милиони долари.Од 1.мај.театарот го доби новото име Долби Театар.Архитект на овој објект чија изградба чинела 94 милиони долари е Дејвид Роквел.Сцената на која се случува церемонијата ( но и други настани , разбира се) е долга 34м и длабока 18 метри.Објектот може да прими помеѓу 3401 и 3575 гледачи.
Но, предмет на второто продолжение од овој серијал под заеднички наслов„ Oд историјата на Оскарите“ не е годинешната церемонија туку ПРВАТА церемонија која се одржала на 16. Мај .1929 година.Споменувањето на бројката на гледачите , во просек од 3500 ,кои денес присуствуваат на церемонијата е во служба на споредбена бројка со присутните на првата церемонија.
Имено,на првата церемонија на доделувањето на , тогаш безимените награди,која се одржала во Холивуд во Хотелот „ Рузвелт“, присуствувале 250 гости.Никој од присутните гости не претпоставувал колку голема важност во иднина ќе има оваа церемонија .Дури и сите медиуми наполно ја игнорирале од причина што имињата на добитниците на наградите биле објавени три месеци порано и тоа на последната страница од весникот на Академијата.
Првиот председател на Академијата , актерот Даглас Фербанкс, заедно со постариот брат на режисерот Сесил Б. ДеМил, Вилијам, во рекорден рок од четири минути и дваесет и две секунди( кој ли само гo измерил времето?) ги разделил безимените статуетки за остварувањата кои биле создадени во 1927 и 1928 година.
Првата добитничка на нaградата за најдобра женска улога Џенет Гејнор,која наградата ја освоила за улогите во дури три филма („ Зора“;„ Седмо небо“ и „ Уличен ангел“) , неколку години подоцна ги открила своите впечатоци од таа вечер:„ Да знаев тогаш колку Оскарот ќе стане значајна награда и тоа само неколку години подоцна, сигурно ќе покажев поголема почит кон наградата и поголемо воодушевување. Инаку, мислам дека тогаш ми беше поважна средбата со Даглас Фербанкс одколку наградата“. И тоа награда која била една од единаесетте кои биле доделени на првата церемонија.
Првата церемонија на американската Академија всушност го означил почетокот на крајот на ерата на немиот филм и незапирливиот поход на звукот.
На церемонијата најпрвин биле доделени две специјални награди. Едната му била доделена на кралот на немата комедија Чарли Чаплин за неговиот авторски филм
„Циркус“, а вториот за луѓето кои први го направиле пробојот во звучните води – браќата Ворнер за филмот „ Пеачот на Џез“. Таква спротивност го следел и доделувањето на Оскарот во категоријата најдобар филм . Имено,воениот филм „Крила“ станал единствениот нем филм во историјата на оваа награда кој го освоил Оскарот за најдобар филм.Филмот ја раскажува приказната за двајца американски пилоти кои се вљубени во иста девојка од нивниот роден град.
Вилиам А. Велман, режисерот на филмот „Крила“, кој говори за воените авиони, и самиот бил повеќекратно одликуван воен пилот со искуство стекнато во првата светска војна и подоцна како пилот каскадер кој успеал на овој филм да му обезбеди исклучителна автентичност.Тоа особено се однесува на спектакуларните сцени на воздушните битки кои сите биле снимени директно , без трикови во монтажата или доработувања на земјата. Екипата ги прицврстила камерите напред на авионот а актерите летале со вистински пилоти и навистина летале,полетувале и понирале.Таков голем ризик наплатил и свој данок кога еден каскадер завршил во болница откако си го скршил вратот.Но , ниту овој немил настан не можел да ја намали грандиозноста на овој проект кој бил остварен во соработка со американската влада, која на филмаџиите на располагање им дале иљадници војници, стотина авиони и воени пилоти како статисти.Попатно, тоа е единствениот филм во историјата на оскарите кој е награден за „ технички ефекти“ , категорија која од 1940 година ќе биде именувана како „ специјални ефекти“.
Има еден мошне интерсен детал во овој филм кој ретко кој може да го забележи но кој е мошне значаен во кариерата на еден актер.Имено, иако во филмот “ Крила“ се појавува во 20 тина секунди во улогата на пилот кој остава напола изедено чоколадце и набрзо потоа загинува, на младиот и непознат Гари Купер студиото ќе му понуди договор благодарејќи на писмата на бројните обожавателки на кои им останала незабележана неговата симпатична појава.Инаку , во тоа време Гари Купер започнал да се појавува на насловните страници на жолтиот печат заради бурната афера која ја имал со главната актерка од овој филм , нескротливата Клара Боув.
Од останатите добитници на првите Оскари ќе ги споменеме уште и филмот „ Зора“ на компанија „Фокс“ кој е награден во категоријата најдобар филм според уметничко достигнување. Луис Милестон , најдобар режисер на комедија за филмот„ Двајцата арапски витези“, Френк Боргазе ,како најдобар режисер на драма за филмот„ Седмо небо“ како и наградата Оскар за најдобар актер кој му припаднал на Емил Џенингс за улогите во филмовите „ Последната заповед“ и „ Патот на се’ што е живо“.
Освен овие награди таа вечер биле доделени награди и во категориите за најдобро адаптирано сценарио, за најдобра оригинална приказна, најдобра камера, сценографија , технички ефекти и текст на титлови за неми филмови.
Дека почеста на на првиот добитник на идниот Оскар не гарантирал работа по секоја цена докажал и најдобриот режисер за таа година, Френк Боргазе, кој по 1948 година бил принуден десет годиони да апстинира од режијата заради познатиот и озлогласен „лов на вештерки“.
Посебна карактеристика на првата церемонија е давањето на почесни усмени признанија на сите номинирани кои останале без награда.
Како што веќе споменавме ,првата презентација односно доделувањето на наградите е одржана како приватна забава , без такаречи никаква медиумска заинтересираност.
Но, веќе второто доделување на наградите го следело поголемо присуство во јавноста , па овој настан во живо бил пренесуван на програмата на радио Лос Анџелес. Се’ до 1934 година периодот на кој се однесувале номинациите се протегал на две календарски години, на пример од 1. август. 1928 до 31 јули .1929 година . Од 1934 година периодот за номинации е востановен за за период од 1. јануари до 31. декември во една година.Сето останато е историја која трае цели 88 години.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк