
По повод излегувањето на „Извештаи на Рисот и Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски на словенечки јазик во издание на „Хиша поезије“ од Љубљана, а во превод на Лара Миховиловиќ во словенечкиот весник „Дневник“ и ревијата „Букла“ се појавија афирмативни осврти за книгата.
Во „Дневник“ книжевниот проследувач Диана Пунгершич пишува: „Рисот е митологија, генеалогија, (зла) судбина, време и простор, погон, (наша) природа: „рисот како и јазикот/ ја гласи својата порака/- го отвора јазикот/ и од него излегува/ едно мало сонце/ со кое си игра/ со кое се преобратува/ во молња и во сенка / и рипа врз месото / што се буни против крвта / земјата против водата/ а огнот против небото.“ Извештаите на рисот се мистериозни, но и застрашувачки, а истовремено делуваат и свети, бидејќи со смртта ја носат вистината за ѕвездите: „останаа само знаци/ од златните ѕвезди/ врз ноќните лисја.“
Во антологиското дело духовно – мистичното чувство од рисот се преселува (назад) во исповедникот и (неговиот) јазик, во зборовите односно неговата (телесна) борба со нив. Апсолутно, скриено и фатено некаде меѓу јазикот и лебот на најразлични начини се воспоставува и открива како оска на животот и поезијата, што во споредба со извештаите на Рисот првично е помалку зборлива, фрагментирана, уште поживописно заплеткана во противречности: „Понекогаш имајќи го јазикот/ Како единствена решетка за кафез/ Погледнувам длабоко во себе/ Како низ матно стакло.“ Бог односно одвишниот поет лови архетипски слики и индивидуално се воочени религиозни мотиви и ликови. Во песните ги сретнуваме Марија, Каин, Јуда, ангелот, одиме по Елеонската Гора, ги гледаме катедралите, присуствуваме на Тајната вечера, а најчесто се бориме со субјекти од светлината, огнот, правот, празнината.“
Во ревијата „Букла“ Маја Чрепиншек забележува: „Збирката поезија, која опфаќа два циклуса „Извештаи на Рисот“ и „Језик и леб“ е првото словенечко книжно издание на еден од најафирмираните современи македонски поети, Слав Ѓорѓе Димоски (1959), автор на повеќе од десет стихозбирки, кои се преведени на повеќе од триесет јазици . Пораките од древната „земја на рисовите“ им се обраќаат на читателот како љубител на нијанси на земјени бои, со мирис на леб и вибрации на мајчинството во ситни тонови. Пеат за животот и смртта, за заминувањето, за исчезнувањето на јазикот што ќе го згасне идентитетот на нацијата, за светот што се затвора, за вознемиреноста и копнежот за слобода. Рафинирани, чувствителни и повеќеслојни стихови се проткаени со силни симболи во поезијата што оставаат длабок впечаток.“
Публицитет.мк







